Унијата се обидува да се договори со Британија за да го минимизира влијанието од брегзит, да склучи спогодби со САД и со Кина и да усвои буџет
Преговарачките вештини и единството на ЕУ ќе бидат ставени на тест годинава, бидејќи блокот се обидува да склучи договор со Британија и да го минимизира влијанието на брегзит, потоа да склучи трговски договор со САД, како и да го финализира својот долгорочен буџет за 2021-2027 година.
Доналд Трамп сака договор со Брисел пред ноември, кога гласачите ќе одлучат дали тој пак ќе биде претседател на САД. Шефицата на еврокомисијата, Урсула фон дер Лејен, во јануари вети оти може да има договор „за неколку недели“. Договорот со Британија треба да биде склучен до крајот на октомври или на почетокот од ноември, за да има време за ратификување на парламентите. Компромис за повеќегодишната финансиска рамка (МФФ) треба да биде постигнат до април, кога ќе биде објавен нацрт-буџетот за 2021 година или треба да бидат разгледани мерки за вонредни состојби, според европратениците.
Евентуалните негативни резулати од овие преговори може тешко да се одразат врз европската економија, да ја влошат трговската војна со САД и да ја остават ЕУ без ресурсите што ѝ се потребни за амбициозните цели за оваа деценија.
Ризиците можеби не се толку големи како кога Европејците се соочуваа со опасноста од пропаѓање на еврото (2010-2012 г.) или грегзит (2015 г.).
– Трите преговори не претставуваат егзистенцијална криза како претходно – смета Марија Демерцис, заменик-директорка на политичкиот институт „Бројгел“.
Но тие ќе бидат предвесник на „новата зора за Европа“, што лидерите на ЕУ ја прогласија по официјалното заминување на Британија од ЕУ на 31 јануари.
– Во ера на голема конкуренција на моќ и турбулентна геополитика, големината е важна – порачаа тројцата претседатели, Давид Сасоли (Европски парламент), Урсула фон дер Лејен (Европска комисија) и Шарл Мишел (Европски совет).
За да се подготват за преговорите и за интензивната политичка агенда, тројцата се сретнаа во куќата на Жан Моне, во близината на Париз, заедно со нивните шефови на кабинети и генералните секретари на трите европски институции. Еден висок функционер на ЕУ нагласи дека заклучокот од состанокот бил дека е потребна голема координација меѓу трите европски институции за да се постигнат успешни резултати од преговорите.
Времето веќе изминува. Комисијата на 3 февруари објави предлог-мандат за преговори за идниот договор меѓу ЕУ и Британија, кој треба да биде усвоен од членките до крајот на месецот. Шефицата на еврокомисијата, пак, во Вашингтон ќе му претстави понуда на американскиот претседател. На 20 феруари, на вонреден самит „ќе почнат“ обидите за намалување на разликите околу буџетот.
Но постигнувањето договор за кое било од трите прашање, нема да биде воопшто лесно. ЕУ на крајот од годината повторно ќе се соочи со ризик од заострување на односите со Британија. Во меѓувреме, Трамп се закани дека ќе воведе поголеми царини, освен ако не добие „нешто“ од ЕУ. Поделбите во ЕУ може да се продлабочат кога разговорите за буџетот ќе стигнат до детали.
ЕУ е уверена дека може истовремено да постигне договори на трите фронта. Во однос на идните трговски односи меѓу ЕУ и Британија, сложеноста ќе зависи од отстапувањето на Британија од европското право во однос на законите за работните односи, заштитата на животната средина и државната помош, бидејќи тоа ќе го определи пристапот на Британија до пазарот на ЕУ.
Во однос на договорот меѓу ЕУ и САД, расправиите најмногу ќе бидат околу земјоделството. Преговарачите на ЕУ веруваа дека најдоа начин да се надмине ќор-сокакот од минатата есен, кога земјите-членки на ЕУ одбија да го вклучат земјоделскиот сектор во преговорите. Комисијата на ЕУ е подготвена да ревидира некои од регулаторните бариери ако Вашингтон го стори истото тоа. Таа е подготвена да вклучи и други енергетско-технолошки бенефиции, како евентуално зголемување на увозот на течен природен гас, зајакнување на соработката во однос на 5Г-мрежите или справување со присилниот трансфер на технологија наметната од Кина. Но Вашингтон посочи дека укинувањето на дел од регулаторните бариери нема да биде доволно, зашто САД сакаат да го намалат земјоделскиот трговски дефицит со ЕУ од 12 милијарди долари.
За буџетот, тешко е да се предвиди резултатот од битката за превласт меѓу земјите што бараат поеднаква распределба на средствата и оние што бараат средствата да бидат врзани за условот на почитување на владеењето на правото.
ЕУ сака да склучи и инвестициски договор со Кина до крајот на годинава. Сево ова ќе покаже колку ЕУ е ефикасна како преговарач, но и колку е решена да го заштити единството. Европа уште се мачи со внатрешните поделби од времето на кризите со еврозоната и со имигрантите. САД, Кина, Русија и другите сили, исто така, во минатото ја пробуваа стратегијата „раздели, па владеј“ во Европа.
– Зошто сите сакаат да нѐ разделат – праша шефот на европарламентот, Сасоли.
Единството на 27-те членки на ЕУ во наредните месеци ќе покаже дали брегзит ќе донесе нова зора или нов самрак за Европа.