Новата европска комисија мора да ја врати контролата врз имиграцијата, истовремено почитувајќи го достоинството на оние што бараат подобар живот. За да го стори тоа, комисијата треба да го ресетира пристапот на ЕУ во повеќе области, мобилизирајќи ги членките за заштита на европските интереси
Клаус Соренсен
Над 900 мигранти, кои се обидоа да стигнат до Европа годинава, се удавија во Медитеранот. Спасувачките бродови го поминаа летото барајќи пристаниште што ќе им овозможи на мигрантите безбедно да стигнат до копно. Камповите за бегалци и мигранти на грчкиот остров Лезбос се преполни, а условите во другите кампови во Либија се исто толку ужасни. Турција не го почитува договорот од 2016 година, според кој требаше да го запре бранот мигранти кон ЕУ.
Иако Европа сака да им помогне на мигрантите и да го почитува меѓународното право, таа не сака инвазија. Бранот мигранти од 2015 и 2016 година, од кои многумина бегаа од војната во Сирија, драматично ја поткопаа довербата во ЕУ. Огромниот наплив ја уништи довербата на земјите во надворешните граници на ЕУ и справувањето со барањата за азил, а ја откри и слабоста на партнерствата со земјите од каде што потекнуваат мигрантите. Миграцијата стана политички проблем, на задоволство на популистите.
Новата европска комисија на Урсула фон дер Лејен мора да ја врати контролата врз миграцијата, истовремено почитувајќи го достоинството на оние што бараат подобар живот. За да го стори тоа, таа треба да го ресетира пристапот на ЕУ во четири области, мобилизирајќи ги земјите-членки за европски интерес. ЕУ мора итно да ги обезбеди своите надворешни граници како предуслов за да ги одржи своите внатрешни граници отворени. Ниту една друга област со слободно внатрешно движење, меѓу кои и земји како САД, Индија, Кина, Швајцарија или Русија, не ја предава надворешната контрола на своите надворешни граници на нејзини сојузни држави или региони. Контролата на надворешната граница на ЕУ мора да биде и колективна и национална задача. Фронтекс мора да биде засилен уште повеќе и треба да распореди граничари заедно со земјите-членки, вклучувајќи и на поморските граници и на аеродромите. ЕУ мора да ја ревидира својата операција „Софија“ за борба против шверцот со бегалци во Средоземно Море. Европа треба да се справи со економските мигранти и со барателите на азил одделно. Нивното изедначување го доведе системот за азил близу до колапс. Одвојувањето ќе ги зголеми шансите на загрозените лица да добијат фер третман и заштита на правата.
Решавањето на реалните економски и социјални потреби во ЕУ бара ефикасна политика со сини или зелени картони за економските мигранти. ЕУ не смее да чека до наредната имиграциска криза за да го воведе системот. За да се случи ова, ЕУ мора да надмине неколку табуа. Бројот на економски мигранти што влегуваат во ЕУ мора да се препознае како заеднички проблем. Второ, мора јасно да биде наведено кои мигранти се добредојдени. Трето, земјите-членки мора да бидат прашани каква ЕУ-помош им е потребна за да го подобрат процесот. Конечно, визите и работните дозволи мора да бидат ставени на маса за да се олесни враќањето на нелегалните мигранти во нивните родни држави.
Точно е дека според договорот за ЕУ секоја членка сама се справува со имиграцијата надвор од блокот. Но не би било претешко владите да договорат заедничка имиграциска цел за ЕУ. За возврат, членките би можеле да ги наведат земјите на потекло и профилот на економски мигранти што ги претпочитаат, како и ресурсите од буџетот на ЕУ што им се потребни за нивно сместување.
ЕУ исто така треба да го поправи својот систем за азил. За почеток, таа мора да се откаже од инсистирањето за принудно прераспределување на барателите на азил во ЕУ. Тоа ја труеше атмосферата во блокот, но би можело да проработи откако ќе се воспостави ефикасен систем на граници, азил и имиграција. Покрај тоа, од членките на ЕУ не може да се очекува да се справат сами со нелегалните имигранти. Бегалските кампови се преполни, а мигрантите се малтретираат или се испорачуваат кон север. Одговорноста на членките во кои првпат стапнале имигрантите мора да биде дополнета со европска солидарност. ЕУ мора да обезбеди експертиза и финансирање за усогласување на практиките и националните агенции за азил. Само тогаш националните одлуки ќе се почитуваат во шенген-зоната. Тоа, пак, на крајот ќе овозможи споделување на препораките за процесирање на барањата за азил меѓу земјите-членки.
ЕУ треба да формира и посилни, заемно корисни партнерства со земјите на потекло и транзит. Ваквите врски се од суштинско значење за да се овозможи навремено враќање на оние на кои им е легално одбиен влез во ЕУ. За да помогне во соработката, ЕУ треба да ги мобилизира сите свои инструменти за надворешна политика, вклучувајќи и развојна помош и инвестициски фондови и иницијативи во областа на безбедноста, трговијата, енергетиката, земјоделството, риболовот, климатските активности, воздушниот транспорт и здравството. Во исто време, ЕУ мора да се обиде да ги реши основните причини за миграцијата. Тие вклучуваат демографска експлозија во супсахарска Африка, климатски промени, пандемии, етнички конфликти и лоши економски услови. Помошта на ЕУ треба да се фокусира на намалување на ризиците преку поддршка на безбедноста и владеењето на правото. Тоа ќе овозможи економски пораст и нови работни места, како алтернатива за имиграцијата.
Новата комисија има можност да ја оддалечи ЕУ од некоординирани реакции на мигрантските кризи и да ја приближи до покохерентен и одржлив внатрешен и надворешен пристап. Комисијата не смее да ја пропушти оваа шанса.
Авторот е бивш шеф на одделот за цивилна заштита и хуманитарна помош на Европската комисија