Ковид-19 им ги расипа големите планови на европските земји за 2020 година. На пример, ЕУ сакаше по брегзит и по усвојувањето на долгорочниот буџет да преземе низа храбри мерки што ќе ја претворат во геополитичка сила. Тоа не се случи
За ЕУ, два настана требаше да ја дефинираат 2020 година, брегзит и буџетот за 2021-2027 година, кој вклучува таканаречен Зелен договор. Како што објави новото раководство во Брисел на почетокот на годината, овие случувања ќе го постават патот кон нова „геополитичка“ ЕУ. Тие ќе го направат блокот посилен, отстранувајќи ја неизвесноста од губење членка и транзиција на економијата за да се соочи со предизвици од 21 век. По една деценија нестабилност, сите во Европа гледаа на визиите изнесени од новата Европска комисија и Европскиот парламент како шанса за нов почеток.
Промотерите се фокусираа на она што Французите го нарекуваат „стратегиска автономија“, односно враќање на независноста на Европа како економски, воен и политички актер. Односите меѓу САД и Западна Европа станаа сè понапнати откако Вашингтон почна да врши поголем притисок врз членките на НАТО да ги зголемат своите трошоци за одбрана за да се справат со растечката нерамнотежа во Алијансата. Операциите на НАТО во земји како Либија покажаа колку Европа верува во САД за својата безбедност. Во 2014 година, на самитот во Велс, членките на НАТО се согласија да ги зголемат своите трошоци за национална одбрана на два процента од БДП за една деценија. Но за Западна Европа, соочена со економска криза што прерасна во егзистенцијална криза на ЕУ, беше тешко да го оправда трошењето поголеми средства на одбрана.
Иако немаше толку воени закани за повеќето европски метрополи, светот почна да изгледа опасно на други начини. Години на кинески преземања на стратегиските европски фирми и инфраструктура, кражба на интелектуална сопственост и општ раст и доверба на Кина доведоа до тоа ЕУ во 2019 година да го смени статусот на Пекинг од „економски партнер“ во „стратегиски конкурент и системски ривал“. Зависноста од руската енергија ѝ донесе непријатна немоќ. Хронична нестабилност во делови на Блискиот Исток и Северна Африка можеше да ја врати мигрантската криза од 2015 година. Со администрацијата на Трамп, блокот беше притиснат и од САД и меѓу САД и Кина. По повлекувањето на САД од иранскиот нуклеарен договор во 2018 година, ЕУ не можеше да ги одржи своите трговски односи со Иран, иако економските интереси на нејзините членки ги фаворизираа таквите односи. Американско-кинеската трговска војна ги зголеми трошоците и ризиците за европските мултинационални компании чии синџири на снабдување обично минуваа низ двете земји. Во 2019 година, Кина ѝ се закани на Германија, најголемата економија во Европа, со казнени тарифи за автомобили за да изврши притисок врз Берлин да му дозволи на кинескиот телеком „Хуавеи“ да ја гради инфраструктурата за 5Г во земјата. Вашингтон редовно се закануваа со автотарифи за да се обиде да добие трговски отстапки. Дури и Русија забрани увоз на низа земјоделски производи од Полска откако ЕУ воведе санкции во 2014 година поради руската анексија на Крим.
Пандемијата ги забрза овие трендови. Кина и Русија ги искористија раните поделби на Европа со јавно испраќање медицински материјали и лекари во тешко погодените региони. Зад сцената, Кина дури се закани дека ќе го ограничи медицинскиот материјал за Холандија во април за да ја принуди земјата да ја преиспита промената на името на нејзината де факто амбасада во Тајван. Во март, Германците беа вознемирени откако се појавија извештаи дека администрацијата на Трамп се обидела да купи ексклузивни права на вакцина против коронавирусот што се развива од германска фирма.
Најлошо од сè за ЕУ, пандемијата го врати национализмот. Иако ЕУ може да се пофали со најголемиот заеднички пазар на планетата, таа нема заеднички стратегии или цели. Дури и пред пандемијата, почетокот на преговорите за следниот долгорочен буџет ги потсетуваше сите на кревкоста на Унијата, истакнувајќи ги разликите помеѓу запад и исток, север и југ. Северните членки, кои се најразвиени, не беа подготвени да плаќаат за развојот на јужните држави. Старите членки на запад, држави како Франција и Италија, и самите соочени со економски стрес, не беа подготвени да прифатат дека на новодојденците на истокот им требаат средства за развој од ЕУ.
Идеите за „регионализација“ на ЕУ, де факто распаѓање на географски и/или идеолошки блокови, станаа главна тема на разговор.
Кога коронавирусот започна да се шири во Европа, првата реакција на членките на ЕУ беше да ги затворат границите за да спречат прилив на луѓе и одлив на медицински материјали. Заштитата на здравјето на населението беше национална привилегија и Брисел може да има само управувачка улога, помагајќи да се создадат структури членките да можат да споделуваат ресурси. На почетокот, овој систем не успеа. Барањата за хуманитарна помош на Италија, на почетокот најтешко погодената членка на ЕУ, ги исполнија Кина и Русија, а не нејзините европски сојузници.
Ситуацијата се смени, а земјите-членки на ЕУ успеаја да ги координираат своите активности за да си помагаат едни на други, но беше научена лекцијата дека преовладува протекционизам кога е во прашање националната безбедност.
Во јули, откако заврши првиот бран на национални блокади, земјите-членки на ЕУ се согласија да одвојат 750 милијарди евра во фондот за обнова. Целта на фондот на краток рок е да им помогне на послабите европски економии да заздрават од рецесијата по здравствената криза и на подолг рок да помогне во затворање на јазот меѓу побогатите и посиромашните членки. Во најоптимистичко сценарио, договорот може да ја приближи ЕУ до фискална и до политичка унија.
Сè на сè, процесот на донесување одлуки на ЕУ за време на пандемијата се покажа како флексибилен и приспособлив. Иако преостануваат уште неколку чекори пред да се официјализира фондот, Брисел издејствува тешки одлуки.
Разликата во ЕУ во однос на стратегиските перспективи е најголема меѓу западните и источните земји-членки. Држави како Франција и Италија гледаат безбедносни закани на Медитеранот и не ја наоѓаат Русија меѓу нив, но за држави како Полска и Романија, Русија е неизбежна. Прифаќајќи го средното решение, Германија ја смета Русија за економски партнер, притоа признавајќи ја нејзината агресивност.
За Источна Европа, ЕУ беше мотор за економски развој. Но Источна Европа ги смета САД за најголем сојузник против Русија, со која повеќето членки на ЕУ имаат различни интереси. Затоа, додека Западна Европа и САД се разидуваат за безбедносните прашања, Источна Европа одржува баланс меѓу Брисел и Вашингтон.
Сè уште е рано да се знае како ќе изгледа постпандемиската иднина на Источна Европа. Но веќе може да се видат три промени што ќе влијаат на регионалниот баланс на силите. Прво, ангажманот на САД во регионот ќе се зголеми. Имајќи ги предвид своите растечки врски со Полска и со Романија, САД најверојатно ќе преземат поголема улога во регионалното управување. Ова ќе претставува нови можности за економски развој и структурни реформи што може да доведат до понатамошна интеграција во поголемиот Источноевропски Регион, од Балтикот до Црно Море. Во исто време, сепак, тоа исто така ќе го зголеми потенцијалот за отпор во областите и секторите каде што руското влијание е силно.
Второ, економскиот суверенитет на ЕУ ќе се зголеми. Заедничкиот пазар е темел на блокот, и како што расте протекционизмот низ целиот свет, особено во САД и во Кина, нејзините земји-членки најверојатно ќе бараат од Брисел да наметне протекционистички мерки за да одговараат на воведените од другите глобални сили. Имајќи предвид дека земјите од Западна и од Источна Европа имаат различни економски интереси, овие мерки можат да го поделат блокот.
Доколку, сепак, нејзините членки постигнат редок договор за тоа како да ги наметнат, тие всушност би можеле да се претворат во прв чекор кон зголемено политичко единство.
Трето, енергетскиот сектор ќе остане клучен за интеграцијата и стабилноста во ЕУ. Унијата не се откажа од Зелениот договор. Напротив, се чини дека поддршката за тоа порасна. Зелениот договор се залага за еднаков пристап до современата енергетска инфраструктура за сите членки на ЕУ, што е особено важно за време на кризи, со какви се соочува Европа во моментов. Сепак, Зелениот договор исто така ја признава поделбата помеѓу Источна и Западна Европа кога станува збор за енергијата. Се чини дека некои источноевропски земји, како Полска, Романија и Бугарија, бараа поддршка од САД, наместо од нивните соседи на запад, во модернизацијата на производството на нуклеарна енергија. Проектите како „Северен тек 2“ и „Турски тек“ исто така го поделија континентот.
Најголемиот предизвик на Европа останува поларизацијата, особено на нејзините источни нации. Поделбата помеѓу руралните и урбаните и меѓу класите веројатно ќе се продлабочува со продолжување на пандемијата. Анархизмот ќе стане зголемена закана, бидејќи цели области во овие држави можат да не бидат управувани.
Но како што овие предизвици стануваат појасни, отвореноста за реформи исто така може да расте. Лидерите ќе треба да се приспособат на новите реалности и да најдат креативни начини за надминување на празнините, користејќи го достапниот технолошки напредок. Источна Европа ги има потребните човечки ресурси за одржување на технолошкиот напредок, но останува да се види колку од таа креативност и приспособливост ќе се претворат во политичко преструктурирање и дали на крајот ќе доведе до позитивни промени за регионот.