Глобалното затоплување е закана во седум од деветте испитувани европски земји

Ризиците од климатските промени и од ширењето заразни болести се најголеми закани, покажува едно истражување во 14 економски развиени земји

Мнозинството испитаници од 14 економски развиени земји ги сметаат климатските промени и ширењето заразни болести за најголеми закани. Американскиот истражувачки центар „Пју“ анкетира 14.276 возрасни лица од Австралија, Белгија, Велика Британија, Канада, Данска, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Холандија, Шпанија, Јужна Кореја, Шведска и од САД во периодот од јуни до август.
Во најновото истражување, 70 отсто од испитаниците ги наведоа глобалните климатски промени како најголема закана, по што следуваат ширењето заразни болести (69 отсто), тероризмот (66 отсто), сајбер-нападите од други земји (65 отсто) и ширењето на нуклеарното оружје (61 отсто) како први пет закани.
– Во година кога пандемијата на ковид-19 доминира во медиумите низ светот, можеби не е изненадувачки да откриеме дека мнозинството испитаници од 14 истражувани земји летово сметаат дека ширењето заразни болести е голема закана за нивните држави – се вели во извештајот.

Во однос на релативното рангирање, климатските промени или се изедначени со заразните болести или се појавуваат како најчесто споменувана „голема закана“ во осум од 14 истражувани земји, вклучувајќи и седум од деветте испитувани европски земји, се вели во истражувачкиот извештај.
Според „Пју“, уделот на оние што глобалното затоплување го сметаат за голема закана е значително поголем во моментот во девет од вкупно десет земји што истражувачкиот центар ги следел во текот на изминатите седум години.
Особено во Европа, „климатските промени остануваат највисока закана, дури и во моменти кога луѓето изразуваат сериозна загриженост за ризиците од заразни болести“.

Од другата страна на Атлантикот, пак, најчесто се наведуваат заразните болести како главна закана, по што следуваат сајбер-нападите од други земји, тероризмот, ширењето на нуклеарното оружје и климатските промени на петто место.
Според наодите, загриженоста за климатските промени е особено голема во Шпанија, Франција, Италија, Јужна Кореја и во Јапонија, со најмалку 80 отсто испитаници во секоја земја, кои ги опишуваат како голема закана. Сепак, во Јужна Кореја, Јапонија и во САД, мнозинството испитаници сметаат дека пандемиите се поголеми закани отколку климатските промени. Понатаму, за две од анкетираните земји, Австралија и Данска, сајбер-нападите беа најчесто наведувана голема закана.
Бидејќи повеќето глобални економии беа сериозно погодени од пандемијата на ковид-19, меѓу другите наведени закани се посочени и состојбата на глобалната економија и глобалната сиромаштија.

– Во моменти кога глобалната економија е тешко погодена од нарушувања поврзани со ковид-19, загриженоста за глобалната економија значително е зголемена во повеќето земји во однос на последните резултати во однос на ова прашање во 2018 година – се вели во извештајот.
Мнозинството испитаници во 10 од 14 земји ја опишаа состојбата на глобалната економија како голема закана. Ова гледиште е особено изразено во Велика Британија, каде што 65 отсто ја наведоа глобалната економска состојба како најголема закана, наспроти 41 отсто пред две години, Јапонија (74 отсто наспроти 52 отсто) и Франција (67 отсто наспроти 46 отсто).


Страв од екобегалци

Повеќе од милијарда луѓе се изложени на ризик да бидат раселени до 2050 година поради брзиот пораст на населението, недостигот од храна и вода и зголемената изложеност на природни катастрофи, што може да доведе до зголемени миграциски текови кон Европа, се вели во нов извештај на Институтот за економија и мир.