Кинеските авиони над Тајванскиот Теснец, нуклеарните подморници за Австралија, хиперсоничните ракети во Северна Кореја и военото позиционирање го претворија Далечниот Исток во опасна зона, сметаат Георг Фарион, Катарина Граса Питерс, Александар Саровиќ и Бернхард Занд за „Шпигел“
Се вжештува трката за вооружување во Индопацификот
Индопацификот е геостратегиски термин што дефинира регион што е дом на повеќе од половина од човештвото, економски е екстремно динамичен и преку него се испорачува огромен дел од глобалната трговија. Во исто време, таму се судираат интересите на двете суперсили, Кина и САД, покрај конкурентните територијални претензии на важните регионални сили и неколкуте нерешени конфликти.
Во моментов, американскиот пристап кон регионот е првенствено воен, со поморски патроли и зголемено присуство на војници. Но САД, исто така, бараат да ги зајакнат политичките сојузи, економските партнерства и техничката соработка. Пекинг, во меѓувреме, се обидува да го промени статус квото и да избегне близок контакт со Америка. На економски план, Кина веќе постигна одреден успех, откако стана најважниот трговски партнер за речиси сите нејзини соседи. Во текот на изминатите десет години, Пекинг исто така го проширува своето воено влијание, со тоа што ги надградува своите поморски и воздушни сили и ги зајакнува со оружје островите во Јужно Кинеско Море, за кои права полагаат и други земји. Меѓутоа, кинескиот притисок наиде на отпор. На средината на септември, Австралија, Велика Британија и САД формираа нов воен сојуз, наречен АУКУС. Како дел од договорот, Вашингтон и Лондон ќе ја снабдат Канбера со нуклеарни подморници, што означува значајно поместување во стратегиската рамнотежа на силите во индопацифичкиот регион. Но одбранбениот сојуз е само еден од многуте воени проекти во регионот. Речиси сите земји што играат стратегиска улога во Индопацификот инвестираат во своите воени сили, вклучувајќи ги Северна и Јужна Кореја, Индија и Тајван, покрај Кина и САД. Ваквиот развој на настаните може да резултира со еден вид меѓусебен натпревар на велесилите во стилот на Студената војна. Но трката за вооружување во Индопацификот, исто така, може да го доведе овој економски динамичен, но политички кревок регион во светот во воена конфронтација.
Модернизација на кинеската одбрана
Кинеската одбранбена индустрија, која со децении го копираше советското оружје, сега цврсто стои на земја. Кина сочинува 60 отсто од глобалниот развој во одбранбените трошоци од 1990 година. Во изминатите десет години, кинеските трошоци за оружје се зголемија за 76 отсто, на 252 милијарди долари годишно, со тоа што само САД имаат значително повисоки воени трошоци од 778 милијарди долари. Покрај апсолутните бројки, американските набљудувачи се загрижени колку Пекинг инвестира во одбранбениот буџет, бидејќи со 360 воени брода, кинеската морнарица е веќе поголема и квалитативно посупериорна од американската. Кинескиот арсенал на балистички ракети исто така е голем. Ова лето, сателитските снимки покажаа дека се изградени стотици нови ракетни силоси. Кина моментално располага со 350 нуклеарни боеви глави, но експанзијата на силосите е показател дека состојбата може да се промени. Околу половина од кинеските ракети се копнени и со среден дострел, а САД заостануваат и во оваа категорија. За разлика од Вашингтон, Пекинг досега не беше заинтересиран да проектира моќ на глобално ниво, туку беше фокусиран да се одбрани од локалните противници.
Сепак, формирањето на сојузот АУКУС нема да направи ништо за да ја смири кинеската загриженост. Некои набљудувачи во Кина стравуваат дека австралиските нуклеарни подморници би можеле еден ден да ги спречат кинеските да пристапат до Западниот Пацифик преку таканаречениот „прв островски синџир“, кој се протега помеѓу Јапонија и Филипините. Како и другите четири нуклеарни сили и Индија, Кина поседува подморници вооружени со балистички ракети и тие се клучен елемент во нуклеарните напади.
Тајван како буре барут
Тајван е островот што ќе одреди дали ќе се вжешти студената војна што сега се развива меѓу САД и Кина. Кинеските пилоти во последните години ги зачестија прелетите во тајванскиот воздушен простор, па, така, од 10 мисии во 2019 година, лани се зголемија на 380, додека до средината на октомври оваа година беа изведени 600 мисии. Оваа бројка дава јасна слика на тензиите во Тајванскиот Теснец. На 3 октомври, воени бродови од САД, Јапонија, Велика Британија, Канада, Холандија и Нов Зеланд изведоа поморски воени вежби во близината на Окинава, а еден ден подоцна Пекинг испрати уште повеќе воени авиони. Токму затоа од сите конфликти меѓу Кина и САД, овој е најопасен. Вашингтон пред себе ќе има тешка одлука, бидејќи иако технички не го признава Тајван, како и многу држави во светот, сепак го вооружува долги години. На почетокот на август, Белата куќа одобри продажба на 750 милиони долари вредни хаубици и муниција за Тајван, а на почетокот од месецов откри дека американските специјални сили ја обучуваат тамошната војска. Американската влада исто така го притиска Тајван да го прошири својот одбранбен буџет и да се вооружи против Кина.
И Сеул ја јакне својата одбрана
Американската воена база „Хамфрис“, која се наоѓа во градот Пјонгтек, на 65 километри јужно од Сеул, има 34.700 војници и цивили. Според полковникот Ли Петерс, американската војска е стационирана таму за да ја одбрани Јужна Кореја од секаков противник или закана. Таму се распоредени хеликоптери „чинук“, системи за противракетна одбрана, вооружени авиони и камиони-цистерни. Претходно одбраната беше првично насочена кон Северна Кореја, која продолжува да ги развива своите нуклеарни капацитети и ракетна програма. Во изминатите неколку недели, лидерот на земјата, Ким Јонг-ун, претстави хиперсонична ракета, ракетен фрлач и нова линија на крстосувачки ракети. Но и Сеул е во процес на модернизација на својата армија и развива сопствени воени авиони, истовремено инвестирајќи во дронови и воени сателити. Некои набљудувачи веруваат дека таквата активност само делумно е насочена кон Пјонгјанг, затоа што, како и сите други држави во регионот, и Сеул е вовлечен во тензиите меѓу САД и Кина.
Фокус на американската Индопацифичка команда
Во мај 2018 година, Вашингтон го преименува седиштето на својата Пацифичка команда во Хонолулу, Хаваи, во Индопацифичка команда, што беше јасен показател дека Пентагон го менува стратегискиот фокус. Ваквото свртување на фокусот кон Азија во американската сојузничка политика можеби е на штета на Европа, што исто така стана јасно со формирањето на пактот АУКУС и заобиколувањето на Франција. Само неколку дена по претставувањето на пактот, американскиот претседател Џо Бајден ги покани своите партнери во Вашингтон, а тие испратија јасна порака, па, така, според зборовите на австралискиот премиер Скот Морисон, Индопацификот треба да биде „ослободен од принуда и ќе биде место каде што се почитуваат суверените права на сите нации и мирно ќе се решаваат сите спорови“. Меѓутоа, САД не се сигурни каква улога европските партнери би можеле да играат во овој регион. Вашингтон го поздравува фактот што земјите како Велика Британија, Франција и Германија испратија воени бродови таму, но американскиот секретар за одбрана, Лојд Остин неодамна изрази загриженост за ваквиот пристап, бидејќи можеби „Лондон би бил повеќе од корист во други делови на светот“. Остин најверојатно мисли на некаква поделба на обврските, па, така, САД би биле задолжени за Кина и Индопацификот, а Европејците да се фокусираат на Русија и на Атлантикот. Но поделбата на светот по вакви критериуми не е повеќе соодветен одговор. Минатиот месец, Николас Чејлен, главниот софтверски експерт на Остин, даде оставка во знак на протест во однос на, според него, бавната дигитализација на американската војска. Со тоа што Кина експресно ги шири своите капацитети во вештачката интелигенција и сајбер-војувањето, за „Фајненшел тајмс“ Чејлен посочи дека „САД немаат шанси да се борат против Кина во наредните 15-20 години“.
Австралија добива нуклеарни подморници
Воената база „ХМАС Стирлинг“ се наоѓа на островот Гарден, во близината на градот Перт, на западниот брег на Австралија. Базата располага со шест дизел-подморници од класата „колинс“ од австралиската морнарица, кои наскоро ќе бидат заменети со американски и британски нуклеарни подморници како дел од пактот АУКУС. Меѓутоа, пактот отвора прашања во однос на чувствителната тема на нуклеарните оружја во современата одбранбена технологија. Себастијан Филип од универзитетот „Принстон“ верува дека договорот за набавка на подморници е „лоша одлука“ поради напорите за нуклеарно неширење. Добрата страна на нуклеарните подморници е што можат подолго да останат под вода и се многу побрзи од конвенционалните, но АУКУС може да биде преседан за индопацифичкиот регион и подалеку. Филип не е загрижен дека Канбера ќе го користи горивото од подморниците за градење сопствено нуклеарно оружје, туку за законската дупка во меѓународниот закон токму за подморниците, која е атрактивна за земји што сакаат да дојдат до нуклеарно оружје преку програма за изградба на подморници. Тој предупредува дека може да се случи трка за вооружување подморници во регионот.