Магазинот „Политико“ на сатиричен начин открива што носат ѕвездите за ЕУ и за нејзиното опкружување во 2020 година
ЕУ го слави Денот на Европа секој 9 мај, со одбележување на годишнината од Шумановата декларација од 1950 година, па според тоа Унијата е бик (20 април – 20 мај). Згора на тоа, бикови се и некои актуелни и бивши водечки функционери на ЕУ, вклучувајќи ги Доналд Туск, Јосеп Борел, Франс Тимерманс и Маргарета Вестагер.
КАРИЕРА: Почетокот на годината ќе донесе дополнителна енергија во вашето непосредно опкружување (главно поради тоа што со месеци немавте многу работа).
Сепак, тоа е добра вест бидејќи по повеќегодишни планетарни поместувања, 2020-та ќе биде годината во која конечно ќе заврши брегзит и сите ќе можат да продолжат со своите животи. Но тоа е само една мала шега. Дури ни заедничките таленти на астролозите и на европскиот комесар за предвидување не можат да определат кога конечно ќе заврши кошмарот наречен брегзит. Тоа значи дека новата претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, може слободно да ја одложи нарачката на 150.000 тони коректор за да го покрие името на Британија од сите документи на европскиот блок.
Од средината на март, пак, Сатурн ќе се позиционира така што ќе може да се почувствувате како да сте под силен притисок и оптоварување. Ама не се плашете, бидејќи Германците го добиваат ротирачкото претседателство со Европскиот совет во втората половина од годината и затоа ништо нема да тргне наопаку.
За жал, огромниот Уран што со години ве засенува од Вашингтон, може да остане на истата позиција дури и по претседателските избори во САД во ноември.
ЉУБОВ: Најубавото суштество што некогаш зачекорило по божјата Земја ќе продолжи да се појавува во огледалото пред францускиот претседател Емануел Макрон.
Згора на тоа, потенцијалот за нови врски и љубовни авантури ќе биде поголем од кога и да било во изминатите пет години (особено по неколку пива во четврток навечер, во центарот на Брисел близу европските институции).
Од друга страна, нема да има можност за нова источна романса, бидејќи се најавува дека Македонија ќе добие зелено светло за почеток на преговорите за членство на ЕУ само ако повторно го смени името, овојпат од Северна Македонија во Северен Макрон. Албанија, пак, никогаш нема да влезе во ЕУ.
ЗДРАВЈЕ: Ако не чувствувате преголем стрес поради пропуштените можности (помислете на Франс Тимерманс), годинава би можела да ви донесе прилично добро здравје, особено ако ви биде отстрането едно големо масно, ама бенигно ткиво како резултат на брегзит.
Постојаната закана по здравјето на ЕУ, Владимир Путин, пак, ќе продолжи да биде моќен како и секогаш. Внимавајте на потенцијална инвазија на поранешна советска држава набргу откако првиот руски атлетичар ќе биде испратен дома од Олимпијадата во Токио поради допингување.
Сега кога веќе има европски комесар задолжен за „заштита (пардон, за промовирање) на европскиот начин на живот“, едноставно нема подобро време за да се потпише голем трговски договор со блокот Меркосур, по што огромно количество аргентинско говедско месо ќе завршат сервирани во европските чинии, бидејќи, како што тврдат самите активисти за заштита на животната средина, едноставно нема ништо подобро за околината од стек.
ПАРИ: Биковите се сигурни, стабилни и добри со пари. Ова е добра вест, затоа што многу работи ќе се случат за само една година. Дискусијата за големите европски планови за трошење во наредните седум години ќе доминира во почетокот на 2020 година. Едноставно, нема потреба да се консултираат ѕвездите за да сфатите дека Холанѓаните не сакаат да трошат свои пари, додека Грците сакаат да трошат туѓи пари.
За среќа, ќе има еврокомесар што ќе биде одговорен за економијата од која вистинска полза ќе имаат граѓаните, што е и одлична вест за самите граѓани.