Скапоцените ретки земни елементи, кои се важни во производството на микрочипови, електроника и електрични мотори, до неодамна речиси ексклузивно доаѓаа од Кина. Меѓутоа во изминатите години неколку држави го зголемија производството, а се појавија и нови играчи, кои барем до одреден степен направија диверзификација на пазарот на ретки метали.
Сепак, Кина и понатаму учествуваше со речиси две третини во глобалното производство на ретки земни елементи во 2019 година, според Американскиот геолошки институт. Од друга страна, многу земји се претпазливи во однос на зависноста од Кина, особено кога станува збор за технолошките производи, па затоа се очекува државите со значителни наоѓалишта на ретки елементи уште повеќе да ги експлоатираат. Американците и понатаму ги испраќаат своите ретки елементи на обработка во Кина, но веќе има планови за отворање нова фабрика за преработка на ретките метали на американска територија, со финансиска помош од армијата на САД.
Кина има и најголеми наоѓалишта на ретки елементи, но Бразил, Виетнам и Русија, исто така, имаат голем и главно неискористен потенцијал во овој сектор. САД и Австралија го засилија производството на ретки метали по 2010 година, а од неодамна и Мјанмар почна да ископува значителни количества.
Графиконот покажува дека САД во минатото ископуваа и произведуваа ретки метали за воени цели, но повторно влегоа на пазарот откако овие скапоцени земни елементи станаа важни за развојот на клучните напредни технологии.