Повеќето европски земји не дадоа вистински координиран одговор на предизвиците што ги носи пандемијата, игнорирајќи ги во одредена мера повиците на ЕУ за координација. Дали истото тоа ќе се случи и со вториот бран?
Откако ковид-19 првпат беше регистриран кон крајот на минатата година во Кина, вирусот брзо се прошири низ целиот свет, вирусот го потресе секојдневниот живот и ја тестираше глобалната реакција на здравствената криза.
Бројот на нови жртви во светот падна многу под нивото забележано на почетокот на годината, но бројот на инфекции повторно расте. Неделава се регистрирани над 31 милион глобални случаи на коронавирус и околу речиси еден милион смртни случаи.
Поголемите земји се чини дека имаат поголем број инфекции и смртни случаи. Но бројките раскажуваат сложени приказни за ковид-19, бидејќи има и многу други значајни фактори, како што се капацитетите за тестирање, демографските профили на земјите и критериумите за собирање податоци.
Додека глобалното разбирање за оваа нова респираторна болест постојано се зголемува од првите епидемии, колку ќе реагира ефикасно светот на вториот бран на ковид-19 засега е нејасно, особено поради стравувањата во врска со она што се нарекува вакцина-национализам или трупање дози на потенцијални вакцини од страна на богатите држави, кои се и во најдобра позиција за да платат за нив.
Во Европа, новите неделни случаи ги надминаа тие пријавени во март. Вкупно, се регистрирани повеќе од четири милиони случаи на ковид-19, заедно со 226.500 смртни случаи, според Светската здравствена организација (СЗО).
– Имаме многу сериозна ситуација пред нас – предупреди директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге, додавајќи дека новиот наплив на случаи со ковид-19 во Европа може делумно да се објасни со олабавување на јавните здравствени и социјални мерки, при што властите олеснија некои од ограничувањата, а луѓето престанаа да ги почитуваат мерките.
Некои земји, како што се Албанија, Бугарија, Чешка, Црна Гора, Македонија или Романија, во септември бележат поголеми бројки отколку во почетокот на оваа година. Истовремено, Шпанија, Франција, Белгија, Холандија, Полска и Велика Британија, меѓу другите, се справуваат со најавуваниот втор бран.
Во Шпанија, инфекциите со коронавирус продолжуваат да растат, при што главниот град регистрира 746 случаи на 100.000 жители, што е повеќе од двојно од националниот просек.
Како резултат на тоа, од понеделникот, регионот на Мадрид одлучи да воведе делумна блокада на околу еден милион луѓе што живеат во некои од посиромашните области на градот, потег што наиде на жестоки протести.
Шпанија и Франција, кои имаат најголем број случаи на нов коронавирус во ЕУ, забележаа зголемен товар врз болниците во најтешко погодените градови. Доаѓањето на сезоната на грипот се очекува уште повеќе да го зголеми товарот врз здравствените установи низ целиот континент. Во меѓувреме, Велика Британија во моментот се обидува да избегне заклучување на целата земја со зголемување на бројот на локални и насочени мерки. Шпанија веќе беше една од најтешко погодените земји во Европа. Но по едни од најстрогите карантински мерки во светот, „новата нормала“ на олабавени мерки и обиди да се спаси туристичката летна сезона придонесоа за повторно разгорување на епидемијата. Сепак, експертите предупредуваат дека ново заклучување би било неодржливо од економски аспект.
Во меѓувреме, најавуваниот втор бран се чини дека сè уште не се случил во епицентарот на првата епидемија во Европа, Италија. Таа забележа ново зголемување на бројот на случаи, но многу помалку во однос на нејзините соседи. Додека Италија пријавува околу 1.500 нови случаи дневно, Франција и Шпанија неодамна пријавија по околу 10.000 случаи на ден.
– Италија сега е подобра од другите земји, но сепак е потребна голема претпазливост за да се избегнат нови жртви – изјави неделава италијанскиот министер за здравство Роберто Сперанца.
Романија минатата недела ја продолжи својата вонредна состојба до средината на октомври поради постојан пораст на бројот на случаи на коронавирус од јули досега.
Од почетокот на епидемијата на коронавирусот, некои земји-членки презедоа еднострани мерки, вклучувајќи и забрани за извоз на медицински материјали или затворање на границите. Кога повторно се отворија по заклучувањата, земјите од ЕУ ветија дека ќе понудат координиран пристап за летните одмори, особено за внатрешните и за надворешните граници на ЕУ. Меѓутоа, на терен, некои земји се отворија брзо и без речиси никакви ограничувања, додека други се определија за „патнички меури“ или списоци со одобрени земји на кои им беше дозволен влез на граѓани. Дополнително, некои земји одлучија да воведат карантин или резултати од тестирање на коронавирус на патниците како услов, додека други дозволуваат влегување на нивна територија без никакви ограничувања.
Но европските метрополи не беа во можност да се договорат за тоа колку долго треба да трае карантинот. И покрај фактот дека СЗО рече дека периодот од 14 дена во карантин е „конзервативна проценка“ за тоа колку долго луѓето можат да бидат заразни, предупредувајќи ги европските земји да следат научни совети.
Како резултат, земјите од ЕУ не беа во можност да дадат вистински координиран одговор на предизвиците што постојано ги носи пандемијата, игнорирајќи ги во одредена мера повиците на Европската комисија за координација.
По летната сезона, истото нарушување беше забележано повторно кога Унгарија еднострано одлучи да ги воведе ограничувањата за патување на речиси сите странци, во обид да ги запре инфекциите со коронавирус.