Со договорот за спречување на шверцот на мигранти, Рим ги обучува и опремува либиските крајбрежни патроли, кои им се долгогодишни непријатели на италијанските рибари. Тие ги обвинуваат Брисел и Рим за предавство
Во еден елегантен ресторан во Мацара дел Вало, на западниот брег на Сицилија, чинија црвени ракчиња со диња, пиперчиња и калинка чини 12 евра. Рибарите стравуваат дека овие црвени ракчиња би можеле да ги чинат живот. Од средината на 1990-тите, кога Либија почна да употребува сила за да ги заштити своите риболовни води од странски бродови, малку познат конфликт тлее во морето што ги дели Либија од Италија и е дом ценетите ракови.
Најновиот инцидент околу црвените ракови се случи на 6 септември, кога либиски брод стрелаше со митралез кон рибарски брод од Сицилија. Два месеца претходно, друг брод со црвени ракчиња беше приведен од властите во Триполи и беше ослободен по интервенција на италијанските власти.
Доменико Мимо Асаро веќе 40 години лови во спорните води на Средоземно Море и бил меѓу првите нападнати италијански рибари. На 22 март 1996 година, неговиот брод бил придружуван од либиски брод до брегот на пристаништето Мисрата. Додека сфатил што се случува, куршум му ја изгребал главата и по вратот почнало да му тече крв. Тој му наредил на екипажот да се засолни додека митралески оган го пробивал бродот како да бил од хартија. Асаро и неговиот екипаж биле заробени од крајбрежната стража на Либија, по што минале шест месеци во затвор во Мисрата. Кога Асаро бил ослободен од затвор, тој бил непрепознатлив бидејќи загубил 22 килограми.
– Но вистинскиот удар беше фактот што требаше да му кажам на татко ми дека го загубив рибарскиот брод од дедо ми. Не само што ни е уништена економијата. Војната за црвени ракови ни ја брише и историјата – вели Асаро.
Областите за лов на црвени ракови се протегаат јужно и западно од Сицилија кон Северна Африка. Либијците ловот од странски бродови го сметаат за територијална инвазија, експлоатација, па и кражба на нивните природни ресурси. Според податоците од Сицилија, во изминатите 25 години се запленети над 50 брода, од кои два се конфискувани, додека се притворени околу 30 рибари и повредени се десетици лица.
На рибарите сигурно не им се допадна фактот што Рим и Триполи, со поддршка од ЕУ, потпишаа договор во 2017 година за спречување на шверцот на мигранти во истите води, при што Италија помага во обучување и опремување на либиската крајбрежна стража. Повеќето од рибарите живеат во Мацара дел Вало, која е дом на најголемата риболовна флота во Италија. Црвените ракчиња од Сицилија се едни од најбараните ракчиња низ рестораните во цела Европа и се симбол на јужноиталијанската кулинарска специфика. Секој ден во пристаништето Мацара, шпански, француски и британски доставувачи се редат пред магацините, каде што се складираат најквалитетните црвени ракчиња, кои рибарите се продаваат за 50-70 евра по килограм. Но работите се сменија откако се засили конфликтот околу црвените ракчиња. На крајот од 1990-тите, во Мацара имало над 350 брода, а денес има помалку од 70. Малку рибари се подготвени да го ризикуваат животот за црвените ракчиња.
Заплената на рибарски чамци стана почеста по 2005 година, кога Моамер Гадафи еднострано реши да ги прошири територијалните води на Либија.
– Тогаш почнаа вистинските проблеми. Тоа беше спротивно на меѓународното право. Ваквото еднострано проширување не е добро за Медитеранот, каде што десетици земји коегзистираат околу истото море – вели Франческо Мецапеле, новинар и автор на книга за војната за црвените ракчиња.
Властите тврдат дека војната за црвени ракчиња ја чинело италијанската риболовна индустрија речиси 50 милиони евра во изминатите 25 години, а Мацара дел Вало загубила над 4.000 работни места за една деценија. Тие тврдат и дека Либијците запленуваат италијански бродови само за да добијат 50.000 евра откуп од властите Рим за нивно ослободување. Сево ова ги засили антиевропските чувства кај рибарите, кои Рим и Брисел ги сметаат за „предавници“ поради договорот со Либија, кој Италија планира да го обнови.