Москва не е единствената што покажа силен интерес во потенцијалот на главните дигитални патишта на Арктикот. Во 2018 година, Кина го покажа својот апетит кон Арктичкиот Регион како клучен аспект во нејзината иницијатива „Појас и пат“, со тоа што далечниот Север би станал „Северен пат на свилата“, сметаат Марија Шагина и Елизабет Бјукенан од „Нешенел интерест)
Кина му фрли око на далечниот Север
Во нашата ера на глобални информации, поврзаноста игра клучна улога. Геополитиката на поврзаност привлекува сè поголемо внимание и отвора разни предизвици и можности. Развојот на настаните во реално време сега претставува еден вид нова игра, а тоа е дигитализацијата на Арктикот. Заинтересираните страни варираат од јавни до приватни претпријатија и вклучуваат автократски и демократски влади. „Наградата“ е контрола на протокот на информации во рамките на Арктикот што овозможува политичка и економска неочекувана предност. Ограничениот пристап до информации е добро позната практика на државите како Кина, Северна Кореја и Иран, но сепак информацијата е моќ.
Од економска гледна точка, дигитализацијата директно ги подобрува животните стандарди што е важен темел за социоекономскиот развој. Всушност, клучната економска карактеристика за дигитализација на Арктикот е географската реалност во која регионот е најкраткиот пат што ги поврзува Европа и Азија. Од технолошки аспект, ова значи дека оптичките кабли се пократки што резултира со оптимално „доцнење“ на преносот на податоците. Светскиот финансиски систем е уште еден клучен сектор што пројави интерес за брзиот проток на податоци што го овозможуваат дигиталните патишта на Арктикот. Традиционалните безбедносни предизвици, како политиките на големите сили, политиката на ресурси и актуелната закана на климатските промени, се вообичаените теми што ја опфаќаат безбедноста на Арктикот. Неговата дигитална трансформација е важна, затоа што светската поврзаност сè почесто се користи како оружје.
Кина влегува во трката за дигитализација
Москва не е единствената што има интерес за потенцијалот на дигиталните патишта на свилата на Арктикот. Во 2018 година, Кина го покажа интересот кон овој регион како клучен аспект на нејзината иницијатива „Појас и пат“, со тоа што далечниот Север сака да го претвори во поларен пат на свилата. Иако процената на високо ниво на арктичката стратегија на Пекинг генерално се фокусира на зголеменото кинеско присуство во регионот, сепак кинескиот опсег на Арктикот исто така се забележува во сферата на поврзаноста. Во рамките на контекстот на дигитализацијата, Кина презеде партнерски пристап во развојот на своите интереси за податоци. Со оглед на географската близина на Русија и на Северен Леден Океан, кој е идеален за поставување податочни кабли како најкратка врска меѓу Азија и Европа, Кина сака да стане партнер со Москва, но не само за енергетските проекти.
Сопствениот стратегиски интерес на Пекинг за компонентата на дигиталниот пат на свилата (ДПС) во својата иницијатива, добро се совпаѓа со актуализирањето на арктичката област. Клучната цел на ДПС е на пазарот да се пласираат државната кинеска технологија и кинеските технолошки решенија за дигиталните проекти на меѓународен план. Иако ваквата агенда првично има комерцијален карактер во рамките на иницијативата „Појас и пат“, всушност предизвикува воено-безбедносна загриженост поради стратегиската предност што Кина ја има во однос на државната технологија на ДПС.
Интересот на Пекинг за проширување на ДПС во рускиот дел на Арктикот беше внимателно поздравен од Москва. Русија има проблем со паричниот тек и е во сериозна потрага по капитални инвестиции, а Кина работи напорно да извлече корист од ограничениот пристап на Москва до западните фондови. Неодамна, Кина пројави интерес за руските енергетски проекти на Арктикот за да учествува во нив преку капитални инјекции. Сепак, дигиталните инфраструктурни проекти во овој регион стануваат сè попривлечен сектор за Кина што дополнително претставува уште една сфера во успешната соработка во кинеско-руското партнерство. Имајќи го тоа на ум, кинескиот капитал не ги прави Русија и Кина природни сојузници во дигиталната сфера. Заемната недоверба постојано се провлекува, а за Москва идеално би било да промовира своја технологија за својата дигитална економија. Од руска гледна точка, компаниите како „Хуавеи“ го поткопуваат рускиот суверенитет во однос на безбедноста на информации. Оваа загриженост Русија ја дели со Западот. Но со оглед на тоа што е неизбежно да се користи технологијата како оружје, можеби Кремљ попрво би се изложил на кинеското прислушување отколку да покаже ранливост на западната технологија.
Клучни проекти во дигитализацијата на Арктикот
Суровата клима на Арктикот е поволна за градење податочни центри. Подводните кабли се нов приоритет во големата игра на Арктикот. На меѓународно ниво, добро е познат нивниот геостратегиски приоритет, затоа што преку нив течат 99 отсто од телекомуникациите. Проектот „Арктичка поврзаност“, кој беше обновен во 2016 година, има цел да ги поврзе Европа и Азија преку подводен кабел за комуникации и податоци поставен по должината на маршрутата во Северно Море. Овој трансарктички кабел треба да обезбеди екстремно силна интернет-врска за корисниците поради побрзиот пренос на податоци меѓу двата континента. Според Геворк Вермишјан, главен директор во „Мегафон“, овој проект ќе го поттикне развојот на дигиталната економија во регионот, вклучувајќи ги четвртата индустриска револуција и развојот на интернет на нештата. Лани, проектот ги привлече и Јапонија и Норвешка да се вклучат како нови партнери, а не изненадува ниту тоа што кинескиот телеком пројави интерес за учество.
Дигиталната инфраструктура како оружје
Обезбедувањето на дигиталната структура е стар предизвик. Но користењето на дигиталната инфраструктура како „оружје“ станува нов изострен елемент во светскиот стратегиски натпревар. Државите ќе одиграат клучна улога во телекомуникациските проекти на Арктикот, а со тоа што „Арктичка поврзаност“ привлече две незападни демократии, може да се јават важни геостратегиски импликации. Покрај рускиот удел во инфраструктурата на „Арктичка поврзаност“ и многуте предложени податочни центри или бази на рускиот брег, Кина исто така покажа интерес за проектот. Учеството на кинескиот „Хуавеи марин“ и „Чајна телеком“ во овој проект би претставувало безбедносна закана за зајакнатите капацитети за надзор што му се доделени на Пекинг. Русија и Кина би можеле да ги зајакнат одбранбените и офанзивните разузнавачки капацитети, вклучувајќи ги прислушувањето и сајбер-криминалот, за да ја добијат контролата врз кабелскиот систем. Како што станува сè понејасна границата меѓу граѓанската и воената сфера, податочните кабли, како пример за инфраструктура за двојна употреба, би можеле да се искористат за прибирање воено-безбедносни информации под маската на давателите на комерцијални услуги.