Разнишаните трансатлантски односи со САД би можеле да ја натераат Европа да гради подобри врски со Кина
Кина лани беше фокусирана на трговската војна со САД. Сега, откако постигна прва фаза од трговскиот договор со Вашингтон, Пекинг се врти кон Европа. Проблемот е во тоа што Европа не знае како да одговори на тоа.
Кога шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји во декември пристигна во Брисел, тој достави две пораки до Европа. Првата беше бенигна. Ние сме партнери, а не ривали, порача тој, повикувајќи ги ЕУ и Пекинг да подготват „амбициозен план“ за соработка. Втората имаше скриена закана. Европа и Кина мора да имаат точни меѓусебни перцепции, изјави тој, додавајќи оти во спротивно се ризикуваат „непотребни нарушувања“ во односите. Ванг не ги спомена протестите во Хонгконг, наводите за прекршување на човековите права во Синџијанг или безбедносните проблеми за телекомуникацискиот гигант „Хуавеи“. Но неговата порака беше јасна – ако Европа сака непречени односи, треба да престане да ја критикува Кина.
Европа сè уште го дефинира својот став и можеби нема да биде подготвена да направи тежок избор. Во март 2019-та, кога Европската комисија ја опиша Кина како „системски ривал“,се чинеше дека ЕУ ќе се конфронтира со Пекинг. Но во наредните месеци тензиите се намалија. Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон отпатуваа во Кина, но главно се фокусираа на економските врски. Повеќето европски земји лани ги одложија одлуките дали да му дозволат на „Хуавеи“ да им ги гради 5Г-мрежите. Европа годинава ќе биде под голем притисок да направи избор, а за тоа ќе ѝ помогнат неколку настани, како самитот ЕУ-Кина и средбата на кинескиот лидер Си Џинпинг со европските лидери во Лајпциг во септември, за време на германското претседателство со ЕУ. Во продолжение се наведни шесте фактори што ќе ги обликуваат односите меѓу Европа и Пекинг во 2020 година.
1. Дилемите околу „Хуавеи“: Најголемите европски земји, Германија, Франција и Британија, сѐ уште расправаат дали „Хуавеи“ треба да добие дозвола за изградба на 5Г-мрежите. Во последно време дискусијата е најинтензивна во Берлин, каде што Меркел се соочи со револт поради одбивањето да ја забрани „Хуавеи“. Во наредните месеци треба ќе биде појасно дали Берлин ќе соработува со кинескиот гигант. Британија се соочува со слична одлука, при што премиерот Борис Џонсон е принуден да ги процени ризиците од намалување на разузнавачката соработка со Вашингтон ако го одобри „Хуавеи“ или на зголемување на кинеските реакции ако не го стори тоа.
Европската комисија месецов ќе им понуди опции на членките за ублажување на безбедносните ризици од 5Г-мрежите. Откако лани ги избегнаа одлуките, големите европски играчи годинава ќе треба да решат што ќе прават по ова прашање, а нивните позиции ќе имаат голем ефект и за помалите земји.
2. Трговски притисоци од САД: Лани, среде трговскиот конфликт меѓу САД и Кина, европските лидери беа загрижени дека Доналд Трамп ќе постигне козметички договор со Пекинг и потоа ќе се сврти против Европа. Ова сценарио може да стане реалност. Американците уште во декември зборуваа за „небалансираниот“ трговски однос на САД со Европа, сигнализирајќи дека ова ќе биде во фокусот на Вашингтон во 2020 година.
Ако Трамп ги оствари заканите за царините за автомобили, тоа може да предизвика низа мерки и контрамерки што уште повеќе ќе ги заострат трансатлантските односи и ќе ја натераат Европа да се сврти кон Кина. Пречки за тоа би можеле да бидат протестите во Хонгконг и реакциите за односот на Кина кон малцинската муслиманска заедница.
Трамп бара и ограничување на извозот на нови технологии, а ја повикува и Европа да го стори истото тоа. Сепак, ако Трамп води трговска војна со Европа, мали се шансите Вашингтон да го спречи извозот на технологија во Кина
3. Европско-кинески инвестиции: Меркел навести оти сака да постигне сеопфатен инвестициски договор меѓу ЕУ и Кина пред самитот во септември во Лајпциг. Но претставници на ЕУ сметаат оти тоа е „невозможно“, бидејќи преговорите досега се одвивале со многу бавно темпо. Тоа може да се промени годинава, зашто ако не се промени ништо, ЕУ ќе мора да се соочи со прашањето како да одговори на непопустливоста на Кина. Новата комисија на ЕУ бара начини за спречување на нелојалната конкуренција од државните компании и во октомври ќе претстави нов механизам за проверка на инвестициите. Овие иницијативи, дизајнирани да ја заштитат ЕУ од некои кинески инвестиции, би можеле да го отежнат напредокот со Пекинг во разни други области.
4. Човекови права: Пречки за односите меѓу Европа и Кина би можеле да бидат постојаните протести во Хонгконг и обвинувањата дека Пекинг ги прекршува човековите права на малцинската муслиманска заедница. Тие ќе останат во фокусот на медиумското внимание и годинава и се очекува да ги отежнуваат врските меѓу европските и кинеските лидери.
5. Нова европска комисија: Според бившиот претседател на Европската комисија, Жан Клод Јункер, ЕУ зазела поцврст став против Кина, договарајќи нов механизам за проверка на инвестициите и означувајќи ја Кина како „системски ривал“. Неговата наследничка Урсула фон дер Лејен вети нова „геополитичка“ комисија. Како министерка за одбрана на Германија, таа ја критикуваше Кина. Еден од клучните предизвици на Фон дер Лејен ќе биде да ги натера еврокомесарите и службите за надворешни работи на ЕУ да работат беспрекорно и заедно со националните влади да се справат со предизвиците од Кина во однос на технологијата и безбедноста. Дали ќе може да го стори тоа најмногу ќе зависи од јачината на заедничката стратегија на ЕУ кон Пекинг.
6. Избори во САД: Повеќето европски официјални претставници неофицијално признаваат дека реизборот на Трамп е речиси неизбежен. Има повеќе месеци до гласањето и доволно време да се промени тоа. Сепак, американските демократи засега не покажуваат знаци дека можат да се обединат зад еден силен кандидат и да покажат единство на изборите во ноември, па европските земји најверојатно ќе се заштитат од вториот мандат на Трамп така што ќе ги подобрат односите со Кина. Најмалку што сакаат е истовремена конфронтација и со Вашингтон и со Пекинг. Европа веројатно ќе прифати трансакциски поглед кон светот, со подобрување на односите со Русија и со Кина, предвидува еден американски дипломат.