Американските политичари треба да се откажат од секаква илузија дека може да го натераат Пјонгјанг на денуклеаризација, а камоли на демократизација како да се обични активисти за човекови права, смета Даг Бендоу од „Нешенел интерест“
Севернокорејците нема да се откажат од нуклеарното оружје и покрај притисоците од САД
Планот на американскиот претседател Џо Бајден за економски стимул поради коронавирусот уште не беше изгласан во Конгресот, а неговата администрација веќе се соочи со нови предизвици во надворешната политика со кризите во Мјанмар и во Русија. Бајден и иранските лидери се борат за новите чекори за обновување на иранскиот нуклеарен договор, додека Саудијците се жалат за неговата нова политика за Јемен. Секој нов меѓународен предизвик дополнително ја потиснува Северна Кореја во заднина. Претседателот дури не ја ни спомена во презентацијата на својата официјална надворешна политика, што може да укаже на неподготвеноста и на тежината на прашањето за неговата администрација. Сепак, Бајден не смее да ја стави во хибернација стратегијата кон Северна Кореја како нова варијанта на политиката на „стратегиско трпение“ на Барак Обама. Во секој случај, севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун е свесен дека никогаш нема да биде актуелен како Русија и Кина, но сигурно забележа како кризите во Мјанмар и во Јемен го украдоа американското внимание, па затоа ќе сака да направи провокација со некое ракетно тестирање.
Политика на санкции или добри односи?
Администрацијата на Бајден не треба да се навраќа на претходната стратегија со жестоки санкции. Агресивните аналитичари со години тврдеа дека американската политика е неуспешна бидејќи не покажува доволна цврстина. Ако Вашингтон притиснеше малку повеќе со економски рестрикции, тогаш севернокорејските лидери ќе паднеа на коленици и ќе молеа за милост. Претходниот претседател Доналд Трамп се обиде со сличен ваков пристап. Неговата администрација ги заостри економските пенали кога Кина посериозно ги спроведуваше рестрикциите на ООН. Можеби тоа го охрабри Пјонгјанг да преговара, но Ким не капитулира дури ни по самитот во Ханој и пропаднатите очекувања за олеснување на санкциите. Врховниот лидер јавно изрази жалење за својот неуспех да го подобри животниот стандард на неговиот народ наместо да понуди отстапки за САД.
Подраматичен чин беше појавата на коронавирусот. Поради слабата здравствена инфраструктура за да се справи со ваква пандемија, Северна Кореја лани сама си наметна санкции преку целосно запирање на трговијата, што резултира со сериозни тешкотии, губењето на луксузните производи во продавниците, но нема никакви докази за општествена нестабилност или режимска слабост. Еднакво важно да се нагласи е тоа што воениот развој се одвиваше со непрекинато темпо. На воената парада во октомври беа презентирани нови оружја, од пешадиско оружје до проектили за подморници и нови огромни интерконтинентални балистички ракети. На последниот конгрес на Работничката партија, Ким детално го претстави својот широк план за надградување на воените капацитети на државата.
Ова значи дека политиката на „максимален притисок“ на претходната американска влада и стратегијата со санкции практично се мртви. Американските политичари треба да се откажат од секаква илузија дека може да го натераат Пјонгјанг на денуклеаризација, а камоли на демократизација како да се обични активисти за човекови права. Ако Северна Кореја може да преживее во самопредизвикана и речиси целосна изолација, тогаш лесно може да се справи со понатамошните напори на САД да ги ограничат нејзините меѓународни економски активности. Ако династијата на Ким не пропадна една година откако практично сама херметички ги запечати границите, тогаш неговата власт сигурно нема да капитулира пред напорите на администрацијата на Бајден да ги затвори нејзините граници однадвор. Напротив, тој ќе ги продолжи и ќе ги забрза плановите за развивање оружја, кои ќе го штитат неговиот режим и од американските притисоци во преговорите.
Тешко дека ќе се повтори времето на Трамп
Реалното пропаѓање на односите меѓу кинеската влада на Си Џинпинг и онаа на Трамп уште помалку ја натера Кина да го изгуби интересот за олеснување на задачата на Америка за санкции. Иако кинеското трпение може да се наруши ако Пјонгјанг ги обнови ракетните тестирања, а особено нуклеарните, сепак владата на Си нема да има доволно силна причина за да им излезе во пресрет на САД во суштинското осуетување на намерите на Северна Кореја. Со тоа што Вашингтон очигледно е фокусиран да ги обнови старите политики во Источна Азија, поголема улога во кинеските интереси ќе игра една подобро вооружена Северна Кореја без волја за преговори со САД.
Сето ова покажува дека времето не е на страната на американската влада. Сепак, портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, пренесе дека „би било ризично да се избрзува во чекорите, ако нема цврсти гаранции дека сојузниците ќе ги поддржат САД“. Тој вети дека претседателот ќе разговара со сојузниците за „новите опции за вршење притисок и можноста за идна дипломатија, како и усвојувањето нов пристап што ќе ги заштити Американците и нивните сојузници“. Ким сигурно нема трпеливо да чека што ќе примени Вашингтон како „нови опции за вршење притисок“, а ќе стане уште понетрпелив кога ќе види како други држави го крадат американското внимание.
Во меѓувреме, Американската администрација мора да направи разлика меѓу директното обраќање кон Ким и развивањето и спроведувањето на новата политика. Претседателот или државниот секретар мора да стапат во контакт со севернокорејскиот лидер, без разлика каков начин ќе употребат, но една дипломатска нота би требало да биде подобра опција за разлика од „љубовните писма“ на Ким и Трамп.
Дијалогот единствена опција
Во секој случај, пораката треба да покаже дека САД се посветени на соработката со Пјонгјанг, иако ќе биде потребно време за да се подготви американската администрација и да ги преиспита прашањата. Продолжената воздржаност во однос на Северна Кореја би резултирала со подобра и попродуктивна врска отколку да се врати однесувањето што ја поттикна стратегијата на „жестокост“ на администрацијата на Трамп или изолацијата на Обама.