Американските демократи прават сериозна грешка со поведувањето истрага за импичмент против претседателот Доналд Трамп. Тие го повторуваат републиканскиот импичмент на Бил Клинтон во 1998 година и залудната постапка што на крајот им наштети на републиканците, го зајакна Клинтон и им предизвика штета на американските институции
Ерик Познер
Американските демократи прават сериозна грешка со поведувањето истрага за импичмент против претседателот Доналд Трамп. Тие го повторуваат републиканскиот импичмент на Бил Клинтон во 1998 година и залудната постапка што на крајот им наштети на републиканците, го зајакна Клинтон и предизвика штета на американските институции.
Заедничкиот фактор на двата импичмента е дека од самиот почеток беше јасно дека американскиот Сенат никогаш нема да го осуди претседателот, за што е потребно двотретинско мнозинство. Тогаш, 45 демократи во Сенатот не беа среќни што Клинтон лажно сведочеше пред големата порота, ја попречуваше правдата и имаше вонбрачна сексуална афера со практикантката во Белата куќа, Моника Левински. Но тие не веруваа дека таквото однесување е основа за смена од претседателската функцијата.
Однесувањето не беше доволно агресивно за да се надмине нивната политичка лојалност кон претседателот, кој остана популарен кај гласачите. Републиканците што го водеа импичментот знаеја дека малкумина или ниту еден демократ во Сенатот нема да гласаат за отстранување на Клинтон од претседателската функција (всушност, ниту еден од нив не го стори тоа). Но републиканците се надеваа дека ќе ги засрамат демократите и ќе му наштетат на Клинтон, верувајќи дека со постапката за импичмент ќе освојат повеќе места на изборите за Конгресот во ноември 1998 година. Сепак, не беа во право. Популарноста на Клинтон се зголеми откако заврши постапката за импичмент.
Повеќето Американци сметаа дека поведувањето постапка за импичмент е погрешно. Многумина беа загрижени дека импичментот на Клинтон ќе ѝ наштети на институцијата претседател на САД, иако главно влијанието врз претседателската моќ беше токму спротивна. Републиканците на крајот се согласија со демократите дека одговорноста за дебаклот е кај специјалниот обвинител Кенет Стар, чии истраги за договорите со недвижнини на Клинтон од минатото на крајот го одведоа до Левински. Двете партии дозволија да истече мандатот на специјалниот обвинител, ослободувајќи ја претседателската институција од силна форма на надзор, од што многу години подоцна профитира и самиот Трамп.
Денес, републиканците во Сенатот може неофицијално да се многу загрижени поради однесувањето на Трамп. Но засега нема индикации дека некој од нив би гласал за негово отстранување. Трамп не е ни далеку популарен како Клинтон, тој сепак ја задржува лојалноста на својата база, која доминира на републиканските внатрепартиски избори и, за разлика од Клинтон, тој ужива мнозинска поддршка во Сенатот. Навистина, извонредниот ентузијазам на приврзаниците на Трамп и незаинтересираноста за многуте други негови скандали, речиси гарантира дека сите дополнителни информации што би излегле на виделина за време на сослушувањата за импичмент нема да влијаат врз републиканските сенатори. Неколку приврзаници на аргументот за импичмент сметаат дека тежината на обвиненијата против Трамп – дека тој извршил притисок врз друга држава да поведе истрага против неговиот политички противник – ќе го осигури неговото отстранување од претседателската функција. Но Американците поминаа низ ова порано. Демократите што ги презираат сексуалното малтретирање и лажното сведочење на крајот го поддржаа Клинтон затоа што сметаа дека алтернативите се уште полоши. Републиканците ќе ја направат истата пресметка.
Можеби приказната би била поинаква ако Трамп ги убедеше Украинците да го уапсат Џо Бајден додека го разгледуваше Киев. Однесувањето на претседателот, колку и да е необично, е далеку од вмешаноста на Ричард Никсон во шпионирањето на Демократската партија – единствен пример за импичмент во американската политичка историја што водеше кон отстранување на претседателот од функцијата (или, во случајот на Никсон, оставка).
Некои тврдат дека дури и ако Трамп не биде отстранет од претседателската функција, импичментот во Претставничкиот или Долниот дом на Конгресот – што демократското мнозинство практично го гарантира – ќе испрати силен сигнал дека однесувањето на претседателот е спротивно на американските вредности. Но импичментот има своја наративна логика. Штом демократите го иницираа, тие или ќе победат или ќе загубат. Ако загубат, тие ќе се сметаат за губитници, кои потрошиле јавни ресурси на залудна цел.
Сепак, други веруваат дека сослушувањата за импичмент ќе откријат дека Трамп извршил кривични дела или ја изневерил земјата на сè уште неоткриени начини, или дека сослушувањата ќе им овозможат на демократите да ја пренесат пораката за сериозноста на лошото работење на претседателот на начин што ќе ја мобилизира јавноста.
Но администрацијата на Трамп, од која досега излегоа многу тајни информации, сепак успеа да задржи и неколку тајни, а голем дел од нејзиното однесување е нормализирано, барем според републиканските поддржувачи на Трамп. Постапките за импичмент, за разлика од судските постапки, се незгоден механизам за прибирање и презентирање докази. Ништо ново не се дозна за Клинтон со објавувањето на извештајот на Стар и ништо ново нема да се дознае за Трамп.
Всушност, карактерните мани и лошото однесување на Трамп се веќе толку познати што постапката за импичмент најверојатно ќе им се удри од глава на демократите и ќе им предизвика повеќе штети на демократските политичари отколку на републиканските. Повторно, импичментот на Клинтон нуди повеќе лекции. Сите знаеја, или барем се сомневаа, дека Клинтон е сериски лажго и женкар (или она што денес може да се нарече сексуален предатор). Луѓето не беа толку свесни дека и републиканскиот спикер Њут Гингрич имаше вонбрачна афера, исто како и неговиот наследник, Боб Ливингстон. Двајцата поднесоа оставки. Клинтон остана на функцијата. Најголема вештина на Трамп е да ги претвори своите обвинители во обвинети. Очекувајте повторно да се случи тоа, при што Трамп ја користи својата сметка на Твитер за да го сврти вниманието на која било најголема политичка слабост на демократите.
Ништо од ова не е нуклеарна физика. Па зошто тогаш еден мудар политичар како спикерката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, реши да изврши притисок врз другите членови на Конгресот околу импичментот (иако е јасно дека калкулира, на пример, со одбивањето да одржи гласање во Претставничкиот дом за да се почне целата постапка)? Одговорот произлегува од основната логика на Конгресот во поларизирана ера. Конгресот е колективно тело. Неговите членови се повеќе одговорни пред гласачите во одредени изборни единици или сојузни држави, отколку пред целата држава во целина. Демократите во Претставничкиот дом во повеќе либерални изборни единици се плашат дека ќе бидат поразени на избори од кандидати што се поагресивни кон Трамп. Единствениот начин да се спротивстават на ваквите предизвици е да поддржат импичмент. Колку повеќе демократи се обединуваат околу повикот за импичмент, толку повеќе демократи решаваат да се придружат за да не изгледаат дека го бранат однесувањето на Трамп. Марк Твен наводно се шегувал дека историјата не се повторува, ама честопати се римува. Но во овој случај, повторувањето се чини дека е вистинскиот збор. Политичката логика што ги зароби републиканците во 1998 година ќе функционира на ист начин за демократите во 2019 година.
Авторот е професор на Правниот факултет при Универзитетот во Чикаго