Технологијата што се гледаше со скептицизам пред пандемијата, сега добива сè поголема доверба за употреба, вели Хана Девлин од „Гардијан“
Една од највпечатливите успешни приказни на пандемијата е недокажаната технологија што ги даде вакцините на „Модерна“ и „Фајзер-Бионтек“ во рекордно време што помогнаа во борбата со ковид-19. Вакцините се базирани на информациона РНК (иРНК), молекулот што им дава инструкции на клетките да произведуваат посебни протеини. Со инјектирање синтетичка иРНК, клетките стануваат еден вид фабрики за вакцини што го произведуваат потребниот протеин за имунолошкиот систем да научи да го препознава и уништува. Пред пандемијата, на оваа технологија се гледаше со скептицизам, која претставуваше паметен концепт, меѓутоа не можеше да гарантира добри резултати. Сега се зголемува довербата дека иРНК-вакцините можат да имаат поширока примена во спречување разни болести, од грип, па сè до маларија.
Универзална вакцина против грип
Секоја сезона кружат четири вируси на грип, а секој од нив толку брзо еволуира што вакцините што биле подготвени претходната година ја губат ефикасноста. На производителите им се потребни најмалку шест месеци за производство на вакцини, што претставува напорен процес. Кога се прават прогнози за сезоната на грип, вакцините можат да бидат ефикасни 60 отсто, но неусогласеноста меѓу вакцините и актуелните мутации може да резултира со ниска ефикасност од дури 10 отсто. Светиот грал на истражувањето за грипот е да се изготви универзална вакцина што ќе ги опфаќа сите четири соеви и ќе функционира и за нивните идни мутации низ времето. Таква вакцина треба да цели на основниот протеин на грипот, кој не се менува многу од една до друга мутација. Но човечкиот имунолошки систем не реагира силно на овој дел од вирусот и затоа целта не можеше да се постигне долго време. Сепак, иРНК брзо и лесно се произведува, така што вакцините можат да поттикнат широк заштитен одговор, според Норберт Парди, микробиолог на Универзитетот во Пенсилванија. Неговиот тим работи на кандидат за вакцина што ќе користи околу десетина делови на иРНК и ќе може да опфати повеќе соеви на грип. Тимот се надева дека ќе започне со човечки тестирања во 2023 година.
Вакцина против малигни заболувања
Во иднина, научниците се надеваат дека иРНК-вакцините би можеле да се користат за вакцинирање против самиот карцином, со тоа што би го научиле имунолошкиот систем да ги препознава мутациите на клетките пред тие да се појават, што отвора сосема нов пристап во лекувањето. Професорот Херберт Ким Лаерли, кој работи на технологија за вакцина против карцином на универзитетот „Дјук“, вели дека неговиот тим ја користи познатата генетска прогресија на карциномот и планира да тестира иРНК-вакцина идната година кај пациенти со доцна фаза на карцином на дојка, каде што туморите обично еволуираат и добиваат мутации во специфични гени, така што не реагираат на лековите. Повторно предноста на иРНК е способноста да погоди повеќе цели одеднаш, а во овој случај неколку потенцијални мутации. Доколку бидат успешни, првите апликации би можеле да му го продолжат животот на пациентот со месеци, со тоа што ќе го ограничат ширењето на карциномот на подолго време. На крајот може да стане возможно да спречуваат карцином кај одредени високоризични популации, како кај тешките пушачи.
Спас од маларија?
Во октомври, СЗО ја одобри првата вакцина против маларија. Простор за подобрување сè уште постои, бидејќи оваа вакцина ја намалува тешката форма на маларија за 30 отсто. Главниот предизвик е што паразитот на маларијата еволуира на таков начин што ја спречува имунолошката меморија. Дури и по заразувањето со маларија, па дури и со примена вакцина, луѓето остануваат подложни на повторна инфекција, а познато е дека од болеста годишно починуваат 500.000 лица, од кои повеќето бебиња и деца. Во 2012 година, професорот Ричард Букала од Медицинскиот факултет на „Јејл“ и неговите колеги открија дека маларијата предизвикува „имунолошката амнезија“ преку протеинот ПМИФ, кој ги убива Т-клетките. Букала работи на иРНК-вакцина што би имунизирала против ПМИФ. Студиите на глувци покажуваат дека блокирањето на протеинот му овозможува на имунолошкиот систем побрзо да се справи со болеста или да се јават полесни симптоми и, најважно, долготраен имунитет.
Вакцината против ХИВ најсложена досега
Дерек Кејн од Институтот за човечки вакцини на универзитетот „Дјук“ истакнува дека „светот влегува во петтата деценија на глобалната пандемија на ХИВ“, а досега не се произведе ниту една успешна вакцина. Тимот на Кејн се фокусираше на подгрупа на пациенти со ХИВ, кои на крајот развиваат специјализирани антитела што можат да го неутрализираат вирусот години по инфекцијата. Но ако постои преголема концентрација на вирусот во телото, премногу е доцна за инфекцијата да се исчисти. Сепак, ако вакцината може да ги поттикне овие антитела, надежта е дека тие би можеле да го неутрализираат ХИВ пред вирусот да се размножи во телото. Кејн и неговите колеги прецизно го обележаа кружниот пат на имунолошкиот систем за да ги создаде овие високоспецијализирани антитела, а како дел од конзорциумот, тие работат на низа на четири или пет повеќецелни иРНК-вакцини што треба да ја зајакнат реакцијата на организмот наспроти патогенот. Кејн и неговиот тим сметаат дека вакцината против ХИВ ќе биде далеку најсложената вакцина што некогаш ќе се примени кај човекот. Тие не очекуваат да биде успешна 100 или 90 отсто како вакцината против ковид-19, но за успех ќе се смета ако ефикасноста достигне 50-60 отсто, а извонредно би било и да постигне 70 отсто ефикасност.