Многу економски експерти не се согласуваат со начинот на кој Трамп ги напаѓа Федералните резерви, но сметаат дека претседателот е во право што
ја критикува централната банка на САД зашто ги зголемува каматните стапки
Американскиот претседател Доналд Трамп продолжи да ги напаѓа Федералните резерви на САД (ФЕД) преку Твитер, искажувајќи неверување дека Централната банка ќе продолжи да ги зголемува каматните стапки. Иако неговите испади привлекоа лавина критики затоа што бил политички некоректен, сè повеќе експерти сметаат дека претседателот е во право.
Како што Федералните резерви на САД ги зголемуваат трошоците за позајмување, постои сè поголема загриженост дека Централната банка ризикува да се врати рецесијата и да ги спречи работниците да бараат поголем дел од американскиот колач.
Лоренс Х. Самерс, поранешниот главен економски советник на претседателот Барак Обама, порача во едно скорашно интервју за „Фокс бизнис нетворк“, дека „секој разумен економист нема да се согласи на начинот на кој говори претседателот, но дека би се согласил дека посериозни се ризиците од прекумерните трошоци отколку од нивното намалување“.
Федералните резерви ја зголемија референтната каматна стапка во петтиот последователен квартал. Стапката на невработеност е на најниско ниво во последните 50 години, платите растат, а претставници од централната банка велат дека ги зголемуваат стапките за да се погрижат дека ценовната инфлација ќе остане под контрола.
Шефот на Федералните резерви, Џером Х. Пауел, и други функционери нагласија дека дополнителното зголемување на каматните стапки ќе зависи од силата на економијата. Во септември, повеќето претставници од Централната банка предвидоа дека стапките ќе се зголемат најмалку трипати во 2019 година, за потоа да ја намалат прогнозата на двапати. Плановите на Федералните резерви се сè понеизвесни, затоа што самата економија е неизвесна.
Трговската војна на Трамп со Кина, заедно со загриженоста за светскиот економски пораст и забавувањето на кинеската економија, ја зголемуваат неизвесноста и претставуваат товар за инвеститорите. Берзанскиот индекс на 500 американски компании (Ес-енд-пи 500) регистрира пад изминатите недели, а во 2018 година се намали за 4,8 отсто.
Претседателот Трамп, кој постојано бараше од Федералните резерви да не ги зголемуваат стапките, на Твитер порача дека било „неверојатно за нив дури и да помислат да ги зголемат стапките без да експлодира светот околу нив“.
Трамп, кој го постигна својот политички успех со процутот на берзата, почна жестоко да ги критикува Федералните резерви затоа што минатото лето пазарот почна да опаѓа и притоа во неколку наврати на Твитер, Централната банка ја нарече „луда“, „лока“ (луда на шпански јазик), „колку претерала“ и дека е „надвор од контрола“.
Некои критичари велат дека Федералните резерви непотребно ги зголемиле стапките. Иако платите стабилно растат, сепак тие тврдат дека не постојат докази дека порастот на платите предизвикува ценовна инфлација.
Инфлацијата најверојатно нема да одговара на два отсто од годишното темпо што Федералните резерви го претпочитаат веќе седма година по ред. Порастот на платите може да доведе до инфлација ако компаниите заработат повеќе со зголемување на цените. Но компаниите исто така можат да заработат со намалување на профитот, со тоа што на работниците ќе им дадат поголем удел од колачот без да ја зголемат инфлацијата.
Џон Фауст, кој сега е висок советник на Пауел, предупреди во еден труд од 2015 година дека централната банка ќе треба да биде внимателна затоа што ги зголемила каматните стапки за да се погрижи дека ќе се бори против инфлацијата наместо да ги заштити профитните маржи на корпорациите и дивидендите на акционерите.
Фауст, кој тогаш беше професор по економија на универзитетот „Џон Хопкинс“, во трудот наведе дека „Централната банка, која има намера да се потпира на инфлаторните ветрови, би можела случајно да се противи на секуларните сили што тежнеат кон еднаквост во приходите“. Трудот што го напиша заедно со Ерик Липер, беше претставен на годишниот симпозиум „Џексон Хол“ во организација на Централната банка на САД.
Постојат повеќе начини да се процени економската продуктивност на работниците, но сите ја покажуваат истата основна шема: остар пад во текот на првата деценија од 21 век, по кој следуваше период на стагнација, па потоа благо закрепнување што почна околу 2015 година. Во текот на изминатата година, кога Централната банка ги зголеми стапките, стагнираше нивото на „работничкиот удел“.
Џулија Коронадо, претседателка на „Макрополитички перспективи“, изјави дека очекувала Федералните резерви да почекаат по зголемувањето на стапките од средата за да добијат појасни докази за инфлацијата. Таа смета дека „тоа била нивната цел и дека сакале да престанат со безопасната инфлација и нештата да почнат да се одвиваат со посилно темпо“.
Липер, коавторот на трудот од 2015 година, изјави во едно интервју дека било невозможно да се одреди од достапните податоци дали зголемувањето на стапките од страна на Федералните резерви го отежнувало порастот на платите. Но тој додаде дека бил убеден дека институцијата ја имала предвид разликата меѓу зголемувањето на цените и опаѓањето на профитот, не само затоа што Фауст сега работи таму. Липер смета дека „во секој случај тие внимаваат да го разложат ова на начинот за кој зборуваат“.
(Фауст, како дел од Федералните резерви, е обврзан на „период на карантин“ пред состаноците за одредување на политиките.)
Водечките економски модели се потпираат на претпоставката дека платите не можат да се зголемат побрзо од растот на продуктивноста без да се создаде инфлација. Не постои додаток за промените во разликите на економското производство меѓу работниците и сопствениците. Уделот на работниците е фиксен.
Многу економисти и натаму тоа го сметаат за разумно приближување. Дејвид В. Берсон, главниот економист во Националното друштво за заемно осигурување, вели дека „вистинскиот приход од растот зависи од продуктивноста“.
Намалувањето на даноците што го овозможи администрацијата на Трамп значително ги зголеми корпоративните добивки, а корпорациите споделија дел од тие пари со работниците. Но инвеститорите беа оние што најмногу профитираа.
Берсон смета дека намалувањето на даноците значело дека бизнисите ќе имаат помал простор да даваат без притоа да ги зголемат цените. Но смета дека доколку порастот на продуктивноста и натаму е слаб, тогаш зголемувањето на платите многу брзо и целосно ќе се преслика во зголемување на цените.
Липер порача дека според неговото видување на јавните коментари на претставници од централната банка укажале на тоа дека не ја зеле здраво за готово директната поврзаност меѓу зголемувањето на платите и зголемувањето на цените. Тој мисли дека „претставниците на оваа институција се премногу навикнати да размислуваат надвор од моделот и тоа многу повеќе од академиците“.
Постојат одредени докази што го потврдуваат овој став во јавните коментари на високи претставници на Федералните резерви. Ричард Кларида, потпретседателот на Централната банка, зборуваше за ова прашање кога беше економист во фирмата за управување со инвестиции „Пимко“. Тој објави истражувачки труд во 2014 година во кој го наведе зголемувањето на работничкиот удел за време на економските закрепнувања. Тој истакна дека зголемувањето не било придружено со зголемување на инфлацијата.
Кларида се наврати на прашањето во 2016 година, истакнувајќи дека работничкиот удел почнал да се враќа без зголемување на инфлацијата. Тој го опиша ова како нормална шема што нема да предизвика загриженост за инфлацијата или корпоративниот профит. Според него, особено во светот со низок пораст на продуктивноста, „придобивките во работничкиот удел, барем до одредена мера, ќе бидат од порастот на профитот“.
Пауел го опиша намалувањето на работничкиот удел како „многу проблематичен“ за време на едно обраќање пред банкарската комисија на Сенатот во јули 2017 година. Тој порача дека најголемите причини за намалувањето не биле под контрола на Федералните резерви, но додаде дека тие имаат моќ да помогнат. Па, така, Федералните резерви можат сериозно да го земат предвид барањето од Конгресот за максимална вработеност за работниците во затворените пазари на трудот да можат да бидат добро платени и да го добијат својот удел.