Актуелниот американски претседател обично се обвинува дека го урива либералниот меѓународен поредок што САД го воспоставиле и со децении го унапредувале. Но реалноста е дека Трамп не го уништил либералниот меѓународен поредок зашто тој никогаш не ни постоел
Тед Гејлен Карпентер
Претседателот Доналд Трамп често е на удар на критиките дека не го почитува либералниот меѓународен поредок „заснован на правила“, кој САД го воспоставија по Втората светска војна и понатаму го одржуваа генерации американски лидери. За жал, отсекогаш надворешната слика за тој меѓународен систем беше многу поважна од самото негово значење. Во реалноста, американски предводениот (односно во кој доминираат САД) либерален меѓународен поредок воопшто не беше либерален ниту, пак, постои таков поредок.
Аспектот „заснован на правила“ е екстремно селективен, па дури и лицемерен. САД и нивните западни сојузници честопати им држат лекции на другите држави за кршење на постојните меѓународни норми. Во текот на Студената војна, Вашингтон постојано го критикуваше Советскиот Сојуз заради мешање во внатрешните работи на другите држави и заради извршување директна агресија. Американските лидери остро ги осудуваа бруталните мерки на Москва во Источна Германија (1953 г.), Унгарија (1956 г.) и во Чехословачка (1968 г.). Подоцна, Вашингтон беше гневен на советската инвазија и окупацијата на Авганистан и на тивкото мешање на Кремљ во земјите како Никарагва, Ел Салвадор и Ангола.
Слични заплашувања продолжија во периодот по Студената војна кон некомунистичката Русија. Вашингтон одговори жестоко на војната меѓу Русија и Грузија (иако доказите покажуваа дека Грузија ги почна борбите) и реагираше со огромен бес кога владата на Владимир Путин го анектира Крим. Кина и Иран исто така често се на удар на американските критики поради „лошо“ однесување.
Сепак САД и нивните западни сојузници постојано се мешаа (или правеа уште полоши работи) во внатрешните работи на други држави. ЦИА и британската разузнавачка агенција МИ5 го организираа државниот удар за отфрлање на иранската влада во 1953 година, а ЦИА го направи истото тоа наредната година во Гватемала. Во двата случаи, кршењето на стандардите, кои ги постави самиот Запад, беше особено дрско и недолично, затоа што паднатите влади беа демократски избрани. САД беа вмешани во многу други државни удари и обиди, вклучувајќи ги Индонезија, Јужен Виетнам и Чиле.
Многу е почеста поблагата форма на американското мешање. Истражувањата покажуваат дека Вашингтон се мешал во избори и други домашни политички случувања во повеќе од осумдесет држави, вклучувајќи дваесетина целосно развиени демократии по Втората светска војна. Најновиот пример на скандалозно мешање на САД (и на ЕУ) беше во Украина, со поттикнување на демонстрантите да го симнат од власта прорускиот претседател пред истекот на неговиот мандат.
САД и нивните сојузници извршија воена агресија со грубо кршење на наводните меѓународни норми. Турција го нападна Кипар во 1974 година и окупира околу 37 отсто од неговата територија, што беше целосно незаконски и е практично анексија што трае и до денес. САД и нивните партнери од НАТО насилно ѝ го одзедоа Косово на српската влада во Белград, по што следуваше воздушна офанзива од 78 дена. Вашингтон ги предводеше војните за соборување од власт на Садам Хусеин во Ирак и на Моамер Гадафи во Либија.
Случувањата на Косово особено го покажуваат лицемерството на САД и на Западот во однос на меѓународниот поредок, заснован на правила. Не само што НАТО предводен од САД ја почна офанзивната војна против една држава што воопшто не нападна ниту една членка на Алијансата туку последиците од војната го потврдија селективното применување на правилата. Повоената окупација на Косово беше под покровителство на Обединетите нации (ОН). Кога лидерите на Косово сакаа да прогласат целосна независност на покраината, западните сили наидоа на проблем.
Беше јасно дека Русија и Кина ќе го искористат своето право на вето во Советот за безбедност на ОН за да го спречат тој исход. САД и дел од членките на НАТО (дури не сите) го заобиколија Советот и ад хок ја одобрија декларацијата за независност на Косово. Западните одлуки во однос на Косово ја истакнаа реалноста дека овие држави се држат до „правилата“ што официјално ги поддржуваат само кога тие им служат на нивните интереси и цели.
Наводниот „либерален“ аспект на меѓународниот поредок служеше повремено и во нивна корист исто како и самиот аспект на „поредокот“. Вашингтон доста комфорно соработуваше со угнетувачките и диктаторските режими кога им служеа на целите на американските политичари. Кога ЦИА ги собори младите ирански и гватемалски демократии, последователните влади беа диктатури што извршија тешки прекршувања на човековите права. Исто така, Вашингтон претпочиташе воена диктатура во Јужна Кореја наместо можеби непредвидливите и левичарски ориентираните демократски фракции. Истото тоа претпочитање на „пријателските диктатури“ беше очигледно во Тајван, на Филипините, Аргентина, Никарагва и во Чиле.
Ваквата поддршка не заврши со крајот на Студената војна. Ова е јасно од одговорот на Вашингтон, откако египетската војска го симна од власт демократски избраниот претседател Мохамед Морси. Покрај тоа, ваквиот став е уште појасен од екстремно блиските односи на Вашингтон со Саудиска Арабија и нејзините сојузници и клиенти од Заливот, од кои дел од нив се едни од најбруталните и автократски режими во светот.
Либералниот меѓународен поредок базиран на правилата се чини дека важи само за САД и за одреден број нивни сојузници, генерално во Европа и Источна Азија, во нивните меѓусебни односи. Но не беше либерален и не се базира на правила во однос на однесувањето на Западот кон другите сили. Ваквите односи се прагматични и дури целосно неморални според зборовите на Макијавели. Згора на сѐ, Доналд Трамп покажа вознемирувачка лична склоност кон авторитарните лидери и нивните вредности. Неговата надворешна политика покажа уште поголема незаинтересираност за ставовите и приоритетите на другите држави, па дури и за блиските сојузници на САД, за разлика од неговите претходници. Но тој не го уништи либералниот меѓународен поредок. Тој поредок и онака никогаш не постоеше во облик како што се обидуваат да го прикажат неговите поддржувачи.
Авторот е аналитичар на институтот „Като“