Од почетокот на коронавирусот, помалите компании се соочија со безброј предизвици, од зголемување на производствените трошоци до регулаторни ограничувања, каде што кинеската влада презеде економски мерки за нивна заштита и денес тие се на стариот пат, вели Џес Ма за СЦМП
Кинеските мали и средни претпријатија (МСП) се соочија со мноштво предизвици уште од избувнувањето на пандемијата во 2020 година, кои се движеа од економски шокови до зголемените цени на суровините и регулаторните ограничувања. Некои од нив подлегнаа на притисокот, но обидите на Пекинг да ги ублажи нивните проблеми покажуваат колку се важни за економијата во државата. Малите, средните и микропретпријатијата во Кина обично се приватни бизниси. Малите и микропретпријатијата имаат годишен даночен приход до 464.000 долари и не повеќе од 300 вработени. Владините бројки од април годинава покажуваат дека Кина има 44 милиони микро и мали фирми и над 90 милиони самовработени поединци.
Овие претпријатија сочинуваат околу 80 отсто од приватните вработувања на крајот на 2019 година. На еден скорашен форум, кинескиот потпретседател Лиу Хе изјави дека тие се „главната потпора и извор на работни места и затоа треба цврсто да се поддржи нивниот развој“. Малите фирми исто така се клучни играчи во технолошкиот сектор на Кина, со тоа што лани биле регистрирани над двесте илјади вакви претпријатија среде растот од 7,1 отсто во високотехнолошкиот производствен сектор.
Во услови на пошироко економско закрепнување оваа година, малите и средните претпријатија се борат со зголемени производствени трошоци, високи трошоци за суровини како резултат на закрепнување во индустриското производство. Прекините на струја и нејзиното поскапување исто така го оптоварија производството.
Со желба да го одржи во живот столбот на економијата, кинеската влада воведе даночни намалувања и други форми на финансиска поддршка за малите и средните претпријатија. Мерките имаат цел да го олеснат подигањето кредити. Пекинг издаде даночни намалувања лани за да ги олесни нивните оперативни трошоци, а исто така ги укина придонесите на работодавците за социјалното осигурување на работниците.