Искуството со ковид-19 предизвика поделби во Европа, како што се случи со бегалската и еврокризата, со тоа што Југот и Истокот беа многу полошо погодени од Северот и Западот, велат Иван Крастев и Марк Леонард за ЕЦФР
Европското искуство со ковид-19 е приказна за две пандемии, а разликите во секоја приказна би можеле да го прогонуваат континентот во наредните години. Повеќето што живеат на Северот и на Западот од Европа не го почувствуваа ударот на коронавирусот во директна смисла, за разлика од Југот и Истокот. Овие поделби дури сега почнуваат да испливуваат на површина и наскоро ќе почнат да ги обликуваат политичките ставови на многу луѓе, улогата на државата, идејата за слобода и пошироките контури на европската политика. Под сите овие континентални поделби, исто така, постојат и низа други поделби што се јавуваат во рамките на општествата, меѓу младите и старите, меѓу економски погодените од пандемијата и оние што ковид-19 го сметаат само како јавна здравствена криза, како и меѓу оние што ја гледаат државата како заштитник или угнетувач. Не е изненадување тоа што ковид-19 го подели Стариот Континент, бидејќи секоја голема криза во минатата деценија остави трага врз неговата политика. Пандемијата во раните фази се чинеше дека ги обединува Европејците, кога европските влади прекуноќ ги затворија границите, но брзо еволуира во европски момент, кога членките на Унијата се договорија заеднички да набават вакцини, што кулминира со храбриот чекор за планот за обнова наречен „Следна генерација на ЕУ“. Сепак, како што поминуваше времето, така стануваше јасно дека искуството со пандемијата е различно во сите делови на Европската Унија (ЕУ). Во Шведска, Данска, Франција, Холандија, Австрија и во Германија мнозинството граѓани не беа директно изложени на влијанието на пандемијата, за разлика од Бугарија, Унгарија, Полска, Шпанија и Португалија. Приказната за две пандемии е приказна за две Европи, со тоа што разликите во искуството на државите се чини дека се исто толку остри како разликите меѓу должниците и кредиторите во еврокризата, како и во бегалската криза од 2015 година. Кога Европа ќе почне да се справува со долгорочните последици од пандемијата, овие поделби ќе се претворат од тивки во голем раскол, што ќе остави длабоки траги по идејата за слободата на движење, иднината на планот за обнова на ЕУ и европските односи со остатокот од светот.
Катастрофа по економијата и јавното здравје
Економските жртви на пандемијата се особено скептични околу владините намери за карантините и најголем дел од нив ги обвинува за тоа што го користеле ковид-19 како изговор за контрола на јавноста во споредба со оние што биле или воопшто не биле изложени на вирусот. Исто така, тие биле и најгласни во однос на тоа дека рестрикциите биле престроги. Во истражувањето на јавноста се истакнале три групи, и тоа „доверливите“ сметале дека зад главната мотивација на владите биле јавната безбедност и спречувањето на ширењето на вирусот, „сомничавите“ верувале дека главната причина за строгите мерки била да се прикријат немоќта и неспособноста на владите, а трети ги обвинувале властите дека ја користат пандемијата за да ја зголемат контролата врз луѓето. Кога станува збор за оценување на главната мотивација зад рестрикциите, податоците покажуваат дека лицата што биле погодени од пандемијата и оние што воопшто не биле веруваат дека карантините помогнале во ограничувањето на трансмисијата на вирусот. Во повеќето држави, економски погодените од пандемијата биле меѓу најскептичните.
Поделби и за слободата
Третата поделба се јави за идејата за слобода, затоа што кризата доведе и до голема промена за тоа како политичките партии го третираат концептот. Низ Европа дури 22 отсто од луѓето рекле дека сè уште се чувствуваат слободно во нивното секојдневие, за разлика од 64 отсто што сметаат дека биле слободни пред појавата на пандемијата. Во дополнителните анкети, околу 43 отсто веруваат дека заканата по слободата потекнува од владите и институциите и ги обвинуваат Кина, Европската комисија, меѓународните компании, национализмот за вакцини и други држави за проблемот. Но друга група верува дека слободата најмногу е загрозена од членовите на општеството што не ги почитуваат препораките. Обично повозрасните Европејци, над 60 години, ги обвинуваат поединците за разлика од владите и институциите, додека ставот кај младите е обратен. Ваквите разлики водат до нови политички поделби, а поддржувачите на водечките партии низ Европа веруваат дека другите луѓе се виновни за влијанието на коронавирусот во нивната држава.
Архетипови на новата политика
Полска, Германија и Франција може да станат архетипови за новиот вид постпандемиска политика. Во Полска, пандемијата создаде „поларизирана демократија“, каде што кризата ги истакна поделбите меѓу претходно постојните идеолошки групи во општеството што нема голема доверба во владата и нејзините чекори ги смета за закана по слободата. Во Германија нема силно јавно противење за мерките или нивната заднина, но ваквиот површен консензус крие длабока недоверба. Во Франција, пандемијата доведе до впечатливи промени во политичката филозофија на главните владејачки и опозициски партии, што беше наречено „небинарна демократија“.
Иако во раната фаза на кризата многу граѓани ги поддржаа одлуките на националните влади и европските членки имаа исклучителна соработка, сепак наредната фаза може да доведе до поголеми политички поделби во рамките на и меѓу државите. Разните начини на кои луѓето беа погодени во пандемијата создадоа различни перспективи во многу земји. Сепак, сè уште е рано да се каже како трендовите ќе ја обликуваат политиката во и меѓу европските држави, но поделбите може да доведат до нова политичка ера.