Многумина денес се изолирани во своите домови поради пандемијата. Полека работните денови почнуваат да личат на викендите, а сето тоа е лошо за сеќавањата
Ако по рестриктивните мерки и заклучувањето ви било тешко да запомните да му испратите електронска пошта некому, да се сетите на некој збор или да купите млеко од продавница – верувајте не сте сами.
Податоците, се разбира, не се само збир од анегдоти и премногу е рано за истражување во кое се споредуваат нашите капацитети на помнење и сеќавање пред и по пандемијата. Но во истражување спроведено од Здружението за Алцхајмерова болест, половина од роднините на заболените изјавиле дека сеќавањата на нивните најблиски се влошиле откако почнале да живеат поизолирани животи. Ограничувањата за дружење во домовите за нега и во некои случаи забраната за какви било посети од повеќе месеци се чини дека го зема својот данок.
На Калифорнискиот универзитет почнуваат истражувања за тоа како влијаат рестриктивните мерки врз сеќавањата на луѓето. Се вели дека дури и некои од оние неверојатни луѓе што обично се сеќаваат на настани како купување кинобилет пред 20 години затоа што имаат супериорна меморија откриваат дека забораваат работи.
Се разбира, постојат неколку различни видови меморија. Заборавањето на она што сте сакале да го купите е различно од заборавањето нечие име или она што сте го направиле минатата среда. Но истражувањето за тоа како функционира меморијата укажува на неколку начини на кои нашата нова ограничена околина може да има влијание.
Најочигледен фактор е изолацијата. Знаеме дека недостигот од социјален контакт може негативно да влијае на мозокот и дека ефектот е најсериозен кај оние што веќе имаат тешкотии со меморијата. За оние со Алцхајмерова болест, нивото на осаменост дури може да го предвиди текот на болеста. Се разбира, не секој се чувствувал осамен за време на пандемијата, а резултатите од некои студии покажале дека нивото на осаменост се стабилизирало со текот на времето. Но дури и ако не се чувствуваме вознемирени од намалувањето на човечкиот контакт, многумина од нас сè уште гледаат помалку луѓе од вообичаеното. Ги нема разговорите во канцеларија или на забави каде што може да разговараме со десетици луѓе во една вечер. Повторувањето на приказните ни помага да ги консолидираме сеќавањата за тоа што ни се случило, т.н. епизодни спомени. Ако не можеме да се дружиме толку многу, можеби не е изненадувачки што тие спомени не изгледаат толку кристално чисто како обично.
Кога ќе добиеме можност да разговараме, ќе имаме и помалку приказни да раскажеме. Како што одморите се откажуваат, свадбите се одложуваат, концертите и спортските настани се одвиваат без публика, едноставно имаме помалку нешта за разговор. Што се однесува до приказните за маките на работа, тие главно се однесуваат на фрустрациите на технологијата што нè изневерува.
Вистина е дека можеби тоа се надоместува со повеќе дружења на интернет. Но тие разговори не се сосема исти. Можеби е помала веројатноста да се споменат некои од работите што се случиле. За да вреди да се зачува во меморијата треба да вреди и да се раскаже приказната. Ако се зголеми прагот за она што се смета дека е доволно интересно да се каже, тогаш уште еднаш пропуштаме да ги нагласиме тие спомени.
Но не е само недостигот од дружење. Многу луѓе зборуваат за чувство на вознемиреност сега. Дури и ако цените колку сте среќни и колку на другите им е полошо, тешко може да го надминете чувството дека светот е понеизвесен.
На Универзитетскиот колеџ во Лондон, психобиологот Дејзи Фанкур и нејзиниот тим спроведоа истражување во Британија за време на пандемијата за тоа како се чувствувале луѓето. Иако нивоата на вознемиреност достигнаа врв кога почна блокадата и постепено се намалуваа, просечните нивоа останаа повисоки од вообичаеното ниво, особено кај луѓето што се млади, живеат сами, живеат со деца, живеат со ниски примања или во урбани области.
Во меѓувреме, Заводот за статистика на Британија откри дека стапките на депресија се зголемија двојно. Познато е дека и депресијата и анксиозноста имаат влијание врз меморијата. Грижите се товар за меморијата, оставајќи ни помалку расположлив капацитет да се сеќаваме на списоците за шопинг.
Сево ова е уште потешко поради условите поради кои не можеме да им помогнеме на нашите сеќавања. Ако одите на работа, тогаш патувањето, промената на средина и паузите нудат можност да ги зацврстите вашите спомени. Но кога работите од дома, секој состанок преку интернет е речиси ист зашто главно седите на исто место пред истиот екран.
Освен што деновите се спојуваат во едно, истото важи и за работите што ги правиме тие денови. Во канцеларија може да поминете покрај просторијата каде што сте имале одреден состанок, што ве потсетува дека треба да му испратите некому електронска пошта. Дома нема знаци за да запомните различни делови од вашата работа. Секоја меморија е врзана за фактот дека седите пред вашиот компјутер. На работа можеби ќе се сетите каде точно сте имале разговор и тоа ви помага да не ги заборавите случувањата. Постои општ замор, кој исто така не помага за нашите сеќавања.
Интернет-состаноците се заморни, работата е многу потешка од дома, а одморите се откажуваат. Недостиг од рутина и вознемиреност за пандемијата може да го нарушат нашиот сон. Сево ова земено заедно укажува дека во основа ние сме постојано уморни. Значи, со комбинација на замор, вознемиреност, недостиг од знаци и помалку социјални интеракции, не е ни чудо што некои од нас чувствуваат дека сеќавањата нè изневеруваат.
Добрата вест е дека има работи што можеме да ги направиме за да се подобри ситуацијата. Прошетките, особено по непознати улици, може да го натераат нашиот мозок да внимава на работите околу нас. Па дури и самото движење прави разлика. Дали треба да седите на биро за секој состанок? Ако се работи за телефонски повик, можеби можете да го завршите, шетајќи по улица.
Исто така треба да се осигуриме дека работните денови и викендите се доволно различни за да не се спојат во едно и тоа може да помогне во нарушувањата што нашиот нов живот може да ги има врз нашата перцепција за времето. Експертите советуваат да се додаде поголема разновидност во нашите животи, што може да вклучува креативно размислување. Ако не можете да излезете, тогаш најдете нова активност дома, а потоа кажете му некому за тоа, за да може подобро да ја запомните.
Вечерното размислување за тоа како ви поминал денот може да ви помогне да ги зацврстите вашите спомени. Можете дури и да пишувате дневник. Точно е дека сега има помалку повод за да се запишуваат работи, но сепак може да биде интересно да се размислува за тоа како ви поминал денот. Тоа ѝ помага на меморијата.
Ако заборавите да правите работи, тогаш правењето списоци и поставувањето аларми на вашиот телефон може да направи голема разлика. Можете исто така да ја искористите сопствената фантазија. Ако сакате да запомните да купите млеко, леб и јајца, тогаш пред да одите во продавница замислете си како ги земате производите од полица. Кога веќе ќе стигнете таму, ова замислено купување ќе ви се врати на ум и веројатно ќе се сетите на сѐ што треба да пазарите.