Токму на урнатините од Отоманската Империја, во 1916 година, со договорот Сајкс-Пико беа исцртани границите и новите интересни зони на Блискиот Исток во согласност со интересите на колонијалните сили Британија и Франција. Меѓутоа, архитектурата на регионот, воспоставена на почетокот од 20 век, повеќе од две децении го отежнува американскиот план за создавање голем Блиски Исток, кој во текот на 1990-те години беше посебно разработен во рамките на Проектот за нов американски век

Блискиот Исток, како терминолошки поим, во современата политика често е изедначуван со Средниот Исток, синоним за еден од најхетерогените и политички најконфликтни региони во современиот свет. Границите на Блискиот Исток слабо се дефинирани и вообичаено произволно се користат, бидејќи сѐ уште нема усогласени ставови за тоа кои земји го сочинуваат регионот. Сепак, општо е прифатено дека тој опфаќа девет ентитети – Египет, Ирак, Иран, Израел, Јордан, Либан, Сирија, Турција и Палестинската управа – кои го сочинуваат јадрото или Блискиот Исток во потесна смисла. До Првата светска војна, поимот се користеше за означување на југоисточните граници на Европа, на тогашните колонијални сили, па, така, во таа смисла може да се смета за разгранок на класичниот европски колонијализам.

Токму на урнатините од Отоманската Империја, во 1916 година, со договорот Сајкс-Пико беа исцртани границите и новите интересни зони на Блискиот Исток во согласност со интересите на колонијалните сили Британија и Франција. Меѓутоа, архитектурата на регионот, воспоставена на почетокот од 20 век, повеќе од две децении го отежнува американскиот план за создавање голем Блиски Исток, кој во текот на 1990-тите години беше посебно разработен во рамките на Проектот за нов американски век.

Најважните геополитички и геостратегиски цели, изложени во документите на проектот, кои подоцна ги усвои администрацијата на Џорџ Буш Помладиот, вклучуваат и зачувување на глобалната доминација на САД во меѓународните односи, како и контрола на клучните региони во светот – Евроазија, Медитеранот, Блискиот Исток, Персискиот Залив и југозападна Азија. Токму во овие документи се крие почетокот на американската доктрина за превентивно војување и уривање на непослушните режими. Тие стануваат речиси интегрален дел на Стратегијата за национална безбедност на Буш, а со тоа и модел за надворешната политика на САД, во која војната против тероризмот станува глобален потфат со неопределено траење. Според стратегијата, доктрината за превентивен напад ги опфаќа сите оние активности на кои денес сме сведоци: од политичките и економските санкции, помагањето на опозицијата, па до преземање воени операции, што можат да имаат и карактер на унилатерални интервенции, чија цел е уривање на непријателските режими.

Тука треба да се посвети особено внимание на Израел, кому во реализирањето на геополитичките цели несомнено му е потребна поддршката на САД. Па, така, двата мандата на Буш Помладиот (2001-2009 г.) беа обележени со војни, водени против „одметнатите држави“ и секогаш проследени со агендата за ширење на демократијата и човековите права, како и борбата против глобалниот тероризам. Меѓутоа, инвазијата на Авганистан (2001 г.), а потоа и на Ирак (2003 г.), се есенцијален дел од стратегијата анаконда, односно, заокружување на т.н. Хартленд, со кои САД создадоа шанси за долгорочно присуство во регионот. Имено, државите од Блискиот Исток, како составен дел на Римленд, или внатрешниот прстен, поседуваат големи светски резерви на нафта, природен гас и други минерални богатства, поради што регионот станува област со силна конкуренција и конфликти на глобалните центри на моќ околу контролата на енергетските ресурси. Новата голема светска игра, што се води околу нафтените и гасоводни проекти во регионот, директно ги конфронтира интересите на евроатлантските сојузници, предводени од САД, со Русија, Кина, Иран и со Турција.

Поради тоа, американската поддршка на радикалниот тероризам во регионот, како и различната стратегија на војната против тероризмот, имаат цел спречување на економска и политичка интеграција на Евроазија, бидејќи, како што наведува големиот американски геополитички стратег Збигњев Бжежински, глобалната доминација на САД директно зависи од опсегот и ефикасноста на нивната моќ на евроазискиот континент.
Клучно е да се разбере дека политиката на САД кон Сирија и регионот е во согласност со онаа што ја креира Израел. Веќе две децении САД спроведуваат политика на дестабилизација на регионот, токму според планот, кој пред неколку години го откри пензионираниот американски генерал Весли Кларк. Според планот, дестабилизацијата на седум земји од регионот (Ирак, Сирија, Либан, Либија, Сомалија, Судан и Иран), по 11 септември 2001 година станува легитимна цел, која треба да биде постигната во период од пет години. Секуларните земји Ирак, Сирија и Либија немаа никакви врски со сунитската Ал каеда, ниту, пак, шиитскиот Иран. Меѓутоа, ваквата концепција на надворешната политика на САД, која се потпре на искористувањето на етничките и религиозните конфликти, како и употребата на исламистичките хибридни војски, стана стандардна тактика на т.н. американска длабока држава. Во извештајот на „Ренд корпорејшн“ од 2008 година, посебно се укажува на потребата од поттикнување конфликти помеѓу сунитските и шиитските муслимани, поради воспоставување контрола над енергетските ресурси.

Воспоставувањето безбедна околина и хегемонија на Блискиот Исток останува приоритетна цел на Израел. Истовремено, американската политика сѐ почесто дејствува сосема дисфункционално на светскиот мир, што се потврдува и со фактот дека зоната на тероризмот, првично беше ограничена на Авганистан, Либан и Палестинската самоуправа. Петнаесет години подоцна, џихадистичките организации цврсто се позиционирани во Ирак, Сирија, Пакистан, Либија, Египет, Тунис, Алжир, Мали, Нигерија, Сомалија, како и во Индонезија.


Стратегија за раситнување на регионот

Американската стратегија за редизајн на Блискиот Исток подразбира раситнување на регионот, односно, ослабување и растурање на големите арапски држави и создавање конструктивен хаос, како и формирање прстен на нестабилност од Либан, Сирија, Ирак, Персиски Залив, Иран, Авганистан, па до Кина. Во американската визија, големиот Блиски Исток се протега од Мароко и Мавританија па до Авганистан и Пакистан, и Турција на северот, додека, пак, единствена немуслиманска земја од регионот е Израел. Меѓутоа, редизајнот на регионот се темели на претходни документи, подготвени во Израел. Уште во далечната 1982 година беше претставена идејата за балканизирање на арапските и муслиманските држави, нивно трансформирање во етнички, религиозни мини-држави. Египет, Либан, Сирија и Ирак се посочени како главни „кандидати“.