Курдските сили поддржани од САД во импровизирани затвори во Сирија чуваат околу 800 странци што се бореле за ИСИС. Трамп побара од европските држави да си ги земат своите државјани назад, но тие одбиваат
Откако претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека ќе ги повлече американските сили од Сирија, остана неодговорено клучното безбедносно прашање, а тоа е судбината на стотици борци од Исламска држава (ИСИС) и нивните семејства, вклучувајќи Европејци и Американци, кои курдските сили ги држат во импровизирани затвори. Американски претставници проценуваат дека околу 800 затвореници се наоѓаат во повеќе курдски импровизирани затвори во северна Сирија. Трамп веќе ги повика европските држави да си ги земат назад своите државјани што се бореле за ИСИС, но биле заробени во Сирија.
Илхам Ахмед, висок претставник со курдската група што се бореше против ИСИС, вели дека може во Сирија да има над 4.000 члена од семејствата на заробените борци. Ахмед вели дека очигледно „никој не сака да ги прифати“. Додека Трамп се труди да ги исполни ветувањата од кампањата, обидувајќи се да ја извлече Америка од нерешливите војни на Блискиот Исток, затворениците станаа голема пречка и причина зошто администрацијата не го спроведува ветувањето на претседателот за брзо повлекување.
Постои загриженост дека Курдите, соочени со поголемата закана од турски напад по повлекувањето на нивните важни американски сојузници, можеби нема да сакаат да ги задржат затворениците. Со ова се ризикува тврдокорните борци од ИСИС да се вратат во своите родни држави или повторно да војуваат во Сирија, каде што самопрогласениот калифат на ИСИС сега е сведен само на неколку села.
На прашањето за затворениците на ИСИС, Сет Џонс, директорот на проектот за транснационални закани во Центарот за стратегиски и меѓународни студии, одговори дека „тоа претставува сериозен проблем што мора брзо да се реши“.
Во моментот се води дебата дали Курдите навистина треба да ги ослободат затворениците или ги користат како средство за вршење притисок. Ајхам Камел, шеф на истражувањето за Блискиот Исток и Северна Африка во групата Евроазија, изјави дека заканата од нивно ослободување најверојатно е „само политичка алатка“.
Курдите, кои се клучни локални сојузници на САД во борбата против ИСИС, беа шокирани од планот за повлекување на Трамп и, дополнително, кога тој го покани нивниот непријател Турција да испрати сили во Сирија за да го пополнат просторот. Наводното предавство ги натера курдските лидери да почнат преговори за реобединување на нивните територии под владата во Дамаск на претседателот Башар ал Асад. Така, една можна судбина за џихадистичките заробеници е да завршат во затворите на Асад.
Постојат и други опции. САД претпочитаат државите од кои потекнуваат борците од ИСИС да преземат одговорност за нив, а токму тоа го порача и самиот претседател Трамп. Но повеќето влади не сакаат да го сторат тоа. Некои стравуваат дека џихадистичките повратници ќе ги радикализираат нивните соучесници. Нивното поединечно прифаќање би можело да ги отежни ресурсите и правните системи. И исто така тука е и прашањето што да се прави со нивните жени и деца.
Француската телевизија БФМ неодамна објави дека 130 француски граѓани би можеле да се вратат од Сирија. Француските претставници постојано пренесуваа дека сите повратници ќе бидат изнесени пред суд и ставени в затвор.
– Се работи за Французи, но тие се борат против државата, па, така, мора да ги сметаме за непријатели. Мора да бидеме подготвени за сите варијанти, па дури и за враќање во татковината – изјави во парламентот францускиот министер за надворешни работи Жан Ив ле Дријан.
Меѓу стотиците затворени борци на ИСИС во курдските затвори, Ахмед изјави дека има десет американски државјани и дека САД не преземаат ништо за да ги вратат. Белата куќа одби да даде информации за американските планови.
Русија во декември ја обнови суспендираната програма за враќање на децата на борците во ИСИС чии мајки се во затвор и повторно беа обединети со другите членови на семејствата. Еден белгиски суд исто така пресуди во корист на враќањето, иако владата може да поднесе жалба.
Повеќето од заробениците и роднините се во незавидна позиција. Наваф Халил, бивш курдски претставник во Сирија и шеф на Центарот за курдски студии во Германија, проценува дека има 950 затвореници од ИСИС што потекнуваат од 40 држави. Тој вели дека курдските власти разговарале за овие прашања со владите на заробениците, „но тие не сакаат да се справат со овој проблем“.
Западните претставници имаат различни опции за затворениците. Тие би можеле да останат таму каде што се и Курдите да добијат дополнителна помош или да бидат испратени во нивните татковини или трети земји да ги примат во нивните затвори. САД размислуваат да прифатат дел од најтврдокорните борци во Гвантанамо на Куба, каде што наводно се чуваат осомничени терористи.
Состојбата е појасна во Ирак, вели Надим Хаури, шефот на антитерористичката програма на „Хјуман рајтс воч“ во Париз, кој бил во посета на три бази во северна Сирија, каде што биле заробени странски жени и деца. Не му било дозволено да ги посети мажите. Постои загриженост за човековите права или за фер судењата кога ирачките власти кривично ги гонат џихадистите, но „несомнено е дека имаат законско право“, вели Хаури. Во Сирија приказната е поинаква, затоа што „правниот вакуум не е одржлив“ и за него европските претставници немаат јасни одговори, туку само сакаат „проблемот да исчезне“.
Една опција е да се формира меѓународен суд што ќе им суди на борците на ИСИС пред да се вратат во татковините. Судот ќе помогне да се одреди кои затвореници претставуваат најголем ризик, а кои можат да бидат ослободени.
Елена Супонина, експертка за Блискиот Исток во Москва, вели дека тоа може да биде непотребно затоа што ИСИС е транснационална група, а затворениците потекнуваат од многу држави. Но сега е тешко да се спроведе, затоа што Сирија „не е стабилизирана и затоа што сè уште има преголеми несогласувања“ меѓу актерите што ќе мора да соработуваат за таквиот план.