Стапката на смртност од ковид-19 е поврзана со густината на населеност и високата концентрација на ПМ 2,5 честички

Една американска студија посочува дека смртноста од ковид-19 е повисока за 15 отсто во областите со дури и мало зголемување на загадувањето на воздухот во изминатите неколку години пред епидемијата. Во извештајот на универзитетот „Харвард“ се наведува дека „стапката на смртност од ковид-19 е поврзана со густината на населеност и високата концентрација на ПМ 2,5 честички во одредени области“

Високото ниво на загадување на воздухот може да го зголеми ризикот од смртност од ковид-19 покажуваат две студии. Д-р Марија Нејра од Светската здравствена организација (СЗО) изјави за „Би-би-си“ дека државите со високо ниво на загадување, од кои повеќето во Латинска Америка, Африка и во Азија, треба дополнително да се подготват. Пациенти што имале здравствени нарушувања како последица на загадениот воздух развиле посериозна форма на ковид-19 во високозагадените држави. Но медицинските лица велат дека прерано е да се покаже директна врска.

– Ќе ги мапираме најзагадените градови според нашите податоци, за да ги поддржиме властите во овие региони соодветно да го подготват планот за одговор на епидемијата – порача д-р Нејра.
Една американска студија посочува дека смртноста од ковид-19 е повисока за 15 отсто во области со дури и мало зголемување на загадувањето на воздухот во изминатите неколку години пред епидемијата. Во извештајот на универзитетот „Харвард“ се наведува дека „стапката на смртност од ковид-19 е поврзана со густината на населеноста и високата концентрација на ПМ 2,5 честички во одредени области“. Студијата од Харвард сè уште нема добиено рецензија, но затоа професорката Анет Петерс од универзитетот „Лудвиг Максимилијан“ во Минхен изјави за „Би-би-си“ дека откритијата „се во согласност со првичните извештаи за хоспитализација и смртност како резултат на пневмонија“.

– Ова е една од првите студии што ги потврдуваат нашите сомнежи и теории дека сериозноста на инфекцијата од ковид-19 може да се должи на загадувањето на воздухот – порача таа.
Авторката на извештајот, професорката Франческа Доминичи се надева дека „квалитетот на воздухот нема да се влоши дополнително, особено кога властите сакаат да ги олеснат правилата за загадување среде пандемијата“. Друга студија од Универзитетот во Сиена, Италија, и од Универзитетот во Архус, Данска, посочува можна поврзаност меѓу високото ниво на загадување на воздухот и смртноста од ковид-19 во северна Италија. Регионите Ломбардија и Емилија Ромања имаа стапка на смртност од 14 отсто, за разлика од 4,5 отсто во преостанатиот дел од Италија.

Населението, возраста, различниот здравствен систем и разликите во политиките за заштита во регионите исто така треба да се земат предвид. На Филипините, Цезар Бугаојсан од Здружението на пулмолози вели дека „нивните прелиминарни податоци покажуваат дека речиси сите починати од коронавирус во државата имале коморбидитети, од кои повеќето поврзани со загадувањето на воздухот“.
Загадувањето на воздухот веќе убива годишно околу седум милиони лица, според СЗО. Над 90 отсто од светското население живее на места каде што загадувањето на воздухот ги надминува стандардите, особено во сиромашните земји.

Најголем дел од погодените земји се во Јужна Азија, Блискиот Исток, Супсахарска и Северна Африка, според ланскиот извештај на Светската банка. Градовите во Чиле, Бразил, Мексико и Перу исто така имаат опасно ниво на загаденост на воздухот, според извештаите на СЗО и на ООН.
Но ланскиот светски извештај за квалитет на воздухот покажува дека Индија има најмногу загадени градови, а, од друга страна, досега регистрира 521 жртва на ковид-19. 

– Ако забележиме значаен пораст во ширењето на вирусот, луѓето со хронични заболувања, како резултат на загадувањето на воздухот, се под најголем ризик – посочи д-р С.К. Чабра, шеф на Одделението за пулмологија во специјалната болница „Примус“ во Делхи.
Претседателот на индискиот фонд за јавно здравство, професорот Сринат Реди, посочи дека „ако загадувањето на воздухот веќе ги оштетило дишните патишта и ткивото на белите дробови, тогаш е поограничен одговорот на нападот на коронавирусот“.

Но д-р Раџни Кант Шриваштава од индискиот совет за медицински истражувања смета дека „нема доволно докази и дека не спровеле таква студија“. Епидемијата на САРС од 2002 година предизвикана од друг тип коронавирус зарази над 8.000 лица во 26 држави и однесе речиси 800 жртви. Една студија од 2003 година на Универзитетот во Лос Анџелес, Калифорнија посочи дека лицата што живееле во области со поголемо загадување на воздухот имале двапати поголеми шанси за смртност од болеста.


Се подобрува квалитетот на воздухот во светските метрополи

Со тоа што во голем дел од светот запре движењето поради пандемијата на ковид-19, квалитетот на воздухот значително се подобри, а на некои места дури и значително. Но примерот на Кина покажува дека подобрувањето е само привремено.

Строгите ограничувања и карантинот во Шпанија и во Индија забележаа најголем пад на нивото на азот диоксид во воздухот во април споредено со лани, а подобар квалитет на воздухот забележаа и Велика Британија, САД, Франција и Мексико. Азот диоксид е гас што го испуштаат моторните возила и фабриките и е добар показател за човечката активност.

Најголема разлика беше забележана во индискиот главен град Њу Делхи, кој е еден од најзагадените во светот. Во Вухан, од каде што потекна коронавирусот и епидемијата е во завршна фаза, животот почна полека да се враќа во нормала во април, што може да се забележи од повторното зголемување на концентрацијата на азот диоксид во воздухот.