Една од главните задачи на новиот шеф на Европската народна партија, Доналд Туск, е да ги подобри односите меѓу Западот и Истокот во ЕУ
Најголемото политичко семејство во Европа се врти кон Исток и се оддалечува од Германија. Умерено десничарската Европска народна партија (ЕПП) во средата го избра за свој нов претседател Доналд Туск, поранешниот премиер на Полска и наскоро бивш претседател на Европскиот совет. Туск, кој беше избран без противкандидат на партискиот конгрес во Загреб, е првиот Источноевропеец што го презема кормилото на најголемата политичка сила во Европа и политички дом на германските канцелари Ангела Меркел и Хелмут Кол. Иако германската Христијанско-демократска унија (ЦДУ) сè уште е најголема конзервативна партија во Европа, таа веќе го нема силното влијание. Многумина во ЕПП сметаат оти само негермански и незападен кандидат како Туск може да помогне да ја одржи партијата пред ривалите и да ги ублажи тензиите меѓу Истокот и Западот за владеењето на правото, климатските промени и миграцијата.
– Со Туск отвораме ново поглавје во историјата на ЕПП. Тој се покажа како мост меѓу Истокот и Западот и како поранешен премиер и претседател на Европскиот совет има огромно искуство. Едвај чекам да ја обликува иднината на најголемото политичко семејство во Европа – вели Дејвид Мекалистер, германски европратеник од конзервативната групација.
Но не се работи само за Туск. Првпат во историјата на ЕПП, европратениците од Источна Европа се побројни од нивните шпански и француски колеги. Бугарија има ист број умерено десничарски европратеници како Италија. Од западноевропските сили што ја основаа ЕУ, само Германија има лидер од ЕПП – Меркел, која е во залезот на политичката кариера. Претходникот на Туск, Французинот Жозеф Дол, кој зборува германски, честопати се сметаше за поблизок до Меркел и до Германија отколку до Париз. За разлика од него, Туск не се очекува да биде близок до Берлин или до Варшава (тој е непријател на популистичката полска владејачка партија Право и правда).
Од ЕПП велат дека најголемата задача на Туск ќе биде да ги среди тешките односи со унгарскиот премиер Виктор Орбан и со неговата партија Фидес.
– Само Источноевропеец може да ја оспори реториката на Орбан во ЕПП. Секој западен удар против Орбан ќе помине лошо – вели извор од партијата.
ЕПП во март ја суспендира Фидес во обид да им покаже на гласачите дека сериозно ја сфаќа антиевропската реторика на Будимпешта, како и непочитувањето на владеењето на правото. Потегот беше поттикнат и од кампањата на Будимпешта за борба против миграцијата, во која беше злоупотребен Жан-Клод Јункер, шеф на еврокомисијата и функционер на ЕПП. Партијата формира тричлен совет на мудреци, кој треба да ги испита состојбите со демократијата и владеењето на правото во Унгарија и да даде препораки за евентуално исклучување на Фидес од ЕПП. Според Туск, одлуката за тоа ќе биде донесена до крајот на јануари 2020 година.
Освен Унгарија, Туск ќе има и други предизвици на својата нова функција во наредните три години, како на пример да внесе нов живот во разнишаниот политички бренд на ЕПП. На европските избори во мај, ЕПП загуби 35 места за сметка на ултрадесницата, либералната групација засилена од францускиот претседател Емануел Макрон и на зелените, кои се во подем.
– Повторно загубивме пратенички места. Големата мобилизација на младите гласачи беше причина за задоволство, но ЕПП не профитира од неа. Ултрадесницата продолжува да привлекува премногу гласачи. Ние сме единствениот ефикасен противотров за популистите. Не нудиме празни пароли, туку конкретни решенија. Имаме вистински рецепт за победа, но мораме да го приспособиме на предизвиците – изјави Дол.
Еден од предизвиците се климатските промени, кои се најдоа високо на агендата на новата Европска комисија на Урсула фон дер Лејен. Таа во Загреб порача дека мора да се постигнат климатските цели и дека за тоа е потребна економската експертиза на ЕПП. Климатските цели долго време предизвикуваат поделби меѓу Истокот и Западот во ЕУ. Доаѓањето на Туск на врвот на ЕПП може да охрабри повеќе членки да зборуваат за економските трошоци од намалувањето на штетните емисии, но може и да натера некои земји да прифатат поамбициозни климатски политики.
Дол во својот говор го нападна „зелениот популизам“ и порача дека ЕПП мора да биде искрена со гласачите и да им каже колкава е цената на климатските политики, колку работни места ќе се отворат, а колку ќе се затворат.
Туск пред изборот, пак, упати критики кон земји како Унгарија, велејќи дека некои држави сметаат дека заштитата на границите не може да се помири со либералната демократија и со владеењето на правото.
– Ова е суштината на дебатата во ЕПП. Сакам да ја завршиме што побрзо со очигледниот заклучок дека нема да жртвуваме вредности како граѓанските слободи и владеењето на правото заради безбедноста. Тој што не може да го прифати тоа, де факто се става себеси надвор од нашето семејство – порача Туск.