По неколку години лоши вести за медиумите, неодамнешните податоци покажуваат дека довербата на читателите полека се враќа. За да се одржи овој тренд, новинарите мора да продолжат да создаваат квалитетни содржини, а државите треба да најдат нови начини за поддршка
Александра Борхард
По повеќе лоши години, медиумската индустрија конечно покажува знаци на скромно закрепнување. Според извештајот за дигитални вести од 2018 година, кој е најдетално истражување за користење на дигиталните медиуми, се зголемува бројот на претплатниците додека се стабилизира потрошувачката доверба. За еден мошне опасен бизнис што се занимава со вистината, ваквите кревки придобивки се значителен напредок. Во секој случај, медиумите во светот сè уште се борат со проблеми. Извештајот на Институтот на Ројтерс за истражување на новинарството покажува дека само 44 отсто од читателите на вести веруваат во она што го објавуваат докажаните медиумски брендови. Но тоа е зголемување од еден отсто во споредба со лани, што значи дека недостигот од доверба во индустријата или престанал да расте или почнал да се намалува.
Другите анкети се уште пооптимистички. На пример, годишниот барометар за доверба на „Еделман“ откри дека новинарите си го враќаат кредибилитетот додека вкупната доверба во традиционалното и во интернет-новинарството забележаа најголем подем во изминатите седум години. Овие откритија ја поттикнаа фирмата да објави дека ќе следува „враќањето на експертите“.
Иако можеби е прерано за медиумските директори да прогласат победа, сепак јасно е дека ова се добри знаци за една индустрија чиј углед беше нарушен во последните години. Поради политичката поларизација, луѓето почнаа да се сомневаат во медиумите, кои имаа спротивни ставови од нивните, додека кратењето на трошоците во редакциите го намали квалитетот во новинарството. Но како што покажуваат најновите податоци, новинарите се чини дека наоѓаат начини како да се справат со овие предизвици.
Можеби најпрепознатлив тренд во годинашниот извештај за дигитални медиуми е зголемената недоверба кон вестите споделени на социјалните медиуми. На пример, истражувањето откри дека само 23 отсто од испитаниците им веруваат на вестите што ќе ги прочитаат на социјалните медиуми, а само 34 отсто веруваат на она што ќе го најдат на интернет-пребарувачите. Овие бројки најверојатно ќе предизвикаат проблеми за Гугл, Фејсбук и за други технолошки гиганти чиј бизнис зависи од довербата, а не од традиционалните медиумски организации.
Додека платформите како Фејсбук се соочуваат со тешкотии, многу традиционални медиуми добиваат поддршка со тоа што порастот во претплатата го поткрепува овој заклучок. Од 74.000 испитаници во истражувањето, 14 отсто изјавиле дека платиле за дигитални вести барем еднаш во текот на изминатите 12 месеци додека просекот во нордиските земји е близу 30 отсто. Во САД, нападите на претседателот Доналд Трамп кон таканаречените „медиуми за лажни вести“ имаа спротивен ефект, со тоа што луѓето досега имаат невидена поддршка за независното новинарство. На пример во 2016 година, само девет отсто од американските корисници платиле за вести на Интернет, а таа стапка се зголеми до 16 отсто лани и се одржа годинава.
Дури и во државите како Британија, која има огромен број бесплатни новински портали, луѓето инвестираат во квалитетното новинарство. Моделот за собирање донации на „Гардијан“ или плаќањето за членство направи пресврт во финансиите. Во речиси сите испитани држави, младите од политичката левица покажаа најголема тенденција да платат за да читаат вести.
Некои критичари тврдат дека моделот за плаќање за вести е контрадикторен на оригиналниот дух на Интернет како место за бесплатна размена на идеи, вести и информации. Со тоа што треба да се плати за да се видат најдобрите приказни, противниците велат дека ќе има подем на второкласните вести за второкласните граѓани.
Но ова тврдење изоставува три главни аргументи. Прво, бројот на дигитално поврзани луѓе што не можат да си дозволат воопшто да платат за вести е премногу мал, а подготвеноста да се плати повеќе е прашање на потрошувачки приоритет. Покрај тоа, плаќањето за нешто што некој го смета за вредно е од голема помош, како што покажува потегот да станат приоритет моделите за плаќање пред само трансакциските пристапи.
На крајот, за оние што навистина не можат да плаќаат, постојат изводливи опции за квалитетното новинарство да биде достапно во домаќинствата со ниски приходи. На пример, даночните закони треба да се реформираат за новинарството да стане попристојна професија додека Владата или фондациското финансирање би можеле да ја зголемат поддршката за програмирањето на јавните медиуми.
Кога луѓето плаќаат за содржина, кај новинарите расте иницијативата да ги исполнуваат своите обврски. Тие ги проверуваат нивните производи за вредност, детално ги проверуваат фактите, истражуваат и ги отфрлаат евтините и скандалозни вести што ги преплавуваат повеќето платформи на социјалните медиуми. Најдобро од сè е што овие трендови меѓусебно се зајакнуваат. Колку е подобро новинарството, толку повеќе читатели ќе го ценат.
Помина долго време откако медиумската индустрија може да сподели добри вести за себе. Сега кога веќе има добри вести, потребно е да работиме понапорно од претходно за да го задржиме трендот кон квалитетот, веродостојноста и кон финансиската одржливост.
Авторката е директорка за стратегиски развој на Институтот на Ројтерс за истражување на новинарството