Актуализирањето на геополитичките ривалства во источниот Медитеран ја зајакна позицијата на Грција, но исто така може да ја изложи на спорови што ги надминуваат дипломатските и безбедносните капацитети, вели Василис Нтусас за ЕЦФР
Регионална битка за превласт на морињата
Грција е заплеткана во неверојатно брзите геополитички промени во источниот Медитеран. Атина одговори на експлозивната мешавина во регионот на конкурентни поморски интереси, енергетски побарувања и воени вежби со водење поактивна надворешна политика, со цел таму да стекне трајно влијание. Ова е игра со високи влогови, но Атина одлучи дека вреди да се ризикува, и тоа од добри причини. Развојот на настаните како миграциската криза во 2015 година, делумно предизвикана од оружените конфликти во Сирија и во Ирак, ја покажаа потребата Грција да посвети поголемо внимание на настаните во поширокото југоисточно соседство. Ова беше нагласено од поамбициозното регионално позиционирање на Турција во согласност со нејзината доктрина „Сина татковина“, која кулминира со меморандумот за соработка со либиската влада на национален договор во ноември 2019 година, наменет за прецртување на поморската граница меѓу двете страни. Атина го сметаше однесувањето на Анкара како директна закана за грчкиот суверенитет, особено во врска со разграничувањето на поморските зони и пристапот до природен гас.
Грчките дипломатски маневри во регионот
Грција одговори со обид да го искористи просторот што беше создаден од влошувањето на американско-турските односи. Воочените неуспеси на Европската Унија (ЕУ) во источниот Медитеран помогнаа да се убеди Атина за потребата да игра поголема (ако не и водечка) и поконзистентна улога во надворешната политика на ЕУ во регионот. За таа цел, Грција им се обрати за соработка на членките што традиционално се стремат кон помирувачки пристап кон Турција, како што се Шпанија, Италија и Малта, и ја зголеми својата координација со Кипар. Паралелно со тоа, Атина се обиде да го зајакне својот дипломатски углед обидувајќи се да им се приклучи на европските дипломатски иницијативи, како што се конференциите за Либија во организација на Германија во јануари 2020 година и во јуни 2021 година. Од клучно значење е што Атина, исто така, покажа дека е поподготвена да плати за европска поддршка, како што се гледа во нејзиното неодамнешно купување на француските борбени авиони „рафал“. Грција дополнително го зајакна своето децениско политичко и безбедносно партнерство со Израел. Форумот „Филија“ (Пријателство), кој се одржа во Атина на почетокот на оваа година и на кој учествуваа претставници на Египет, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и на Бахреин, опфати низа регионални достигнувања. Грчката дипломатија имаше исто така централна улога во воспоставувањето на Форумот за гас на источниот Медитеран, во кој сега се вклучени Египет, Израел, палестинските власти, Кипар, Италија, Јордан и Франција. Грција ја надгради воената соработка со ОАЕ, кои неодамна им се приклучија на грчките и на египетските поморски вежби на истокот на Медитеранот. Во август 2020 година, Атина и Каиро потпишаа договор што назначи ексклузивна економска зона во регионот, со цел да се спротивстават на поморските права што ги полага Турција таму.
Ризична стратегија
Амбициозната нова стратегија на Грција носи свој ризик. Прво, источниот Медитеран станува попорозен. Воспоставувањето заеднички јазик со соседите како Израел и Египет, и регионалните сили како ОАЕ, досега беше од корист на Грција. Овој пристап ѝ помогна на Атина да ги оствари заедничките дипломатски, одбранбени, економски и енергетски цели со своите партнери и да формира единствен фронт против Анкара. Но истовремената вклученост на толку многу различни играчи во регионот, особено во воените работи, го зголеми ризикот од ескалација. Второ, склучувањето на новите односи засновани врз заеднички проблеми и сфаќања за заканите може само краткорочно да им служи на грчките интереси. Ако Турција постигне детант со Египет или со Израел, на што укажуваат скорашните турски предлози, ова може да стане проблематично во спроведувањето на грчките регионални цели. Многу години, геополитиката на Блискиот Исток се водеше од мотото „непријателот на мојот непријател е мој пријател“. Сепак, тактичките сојузи што произлегоа од ова би можеле да бидат премногу кревки за да ја поддржат новата стратегија на Грција во регионот (дури и ако не се гледа крај на геополитичката конкуренција во источниот Медитеран).
Слично на тоа, конвергенцијата на европските и на блискоисточните геополитички ривалства во источниот дел на Медитеранот ја подобри дипломатската позиција на Грција. Сепак, ова исто така може да ја изложи земјата на спорови што го надминуваат нејзиниот дипломатски и безбедносен капацитет. Во овој контекст, Атина ќе треба да се вклучи во многу попрецизна дипломатска игра наспроти своите партнери во Европа и на Блискиот Исток, за да се избегнат кризи што влијаат на нејзината позиција во кој било регион. Неизбежно, Грција ќе мора да продолжи да маневрира по овие длабоки регионални ризици. Досега раководството на земјата се чини дека е свесна за нив и за ограничувањата на нејзините иницијативи за надворешна политика без постојан дипломатски ангажман. Клучниот предизвик за Атина е да го претвори своето зголемено дипломатско присуство во поголемо влијание и потрајни обврски. За таа цел, Атина треба да запомни дека дипломатијата во источниот Медитеранот нема да биде спринт туку маратон.