Технологиите со вештачка интелигенција сè почесто се користат во медиумските редакции, но со тоа што довербата во медиумите е во несигурна позиција, останува загриженоста дека воведувањето на машинското учење може да ја влоши состојбата, вели Моли Килин за „Еурактив“
Од автоматско известување и обработка на податоци до потврда на информации, присуството на вештачката интелигенција (ВИ) во светот на новинарството и другите сектори расте. Но тоа што медиумската индустрија се потпира на довербата и на вистината значи дополнително ниво на сложеност кога станува збор за користење на таквата технологија. Неколку програми успешно ја интегрираат вештачката интелигенција во процесот на создавање вести, но, сепак, останува загриженоста за етичките импликации од користењето вакви софтвери во сектор што се занимава со чувствителни информации и има потенцијално широк општествени досег. Покрај ова, медиумите не се вклучени како област на примена со висок ризик во нацрт-законот за вештачка интелигенција на Европската Унија.
Вештачката интелигенција во новинарството веќе има широка примена во однос на постојните и потенцијалните апликации. Во многу случаи, станува збор за автоматизирање на собирањето и обработката на големи количества податоци или користење текстуални анализи за проверка на факти или означување статии. Сепак, сè повеќе се работи и на повеќе надворешни компоненти на новинарството, вклучувајќи го и формулирањето на самите написи. Една компанија од Минхен разви вештачка интелигенција за прибележување видеа, главно за архивирање снимки, но со потенцијални апликации во широк опсег на практики во новинарството и надвор од него.
Кога станува збор за етиката на користење на вештачката интелигенција во медиумите и како да се земат предвид, треба да се направи разлика помеѓу различните нивоа на развој, изјави за „Еурактив“ Кесиу Вонг, извршен директор и коосновач на минхенската компанија. Ова се случува прво при одредувањето дали загриженоста се однесува на вештачката интелигенција како целина, на пример, кога станува збор за пристрасност во податоците, како што се гледа во примената на технологијата во други сектори, или дали се однесува на употребата на софтверот специфично за медиумите. Второ, тоа се случува кога се работи за тоа каде може да се појават овие проблеми во процесот на развој до примена. Според него, треба да се примени пристапот на „етика според дизајн“ за создавање на овие видови технологии. Кога станува збор за распоредувањето вакви софтвери од страна на медиумските организации, се јавува дополнително ниво на размислувања, со оглед на потенцијалните импликации од објавување информации што се обработени со автоматизирани технологии. Сепак, пред да се објават какви било тврдења или наводи врз основа на ова, гаранцијата за точноста на процесот, гарантирањето човечки надзор над квалитетот на производот е еден од главните етички предизвици релевантни за вештачката интелигенција и креирањето приказни.
Подготвиле: Дејан Србиновски; Билјана Здравковска