Бивши британски дипломати се загрижени дека специјалниот однос меѓу Британија и САД ќе биде уништен ако Трамп биде реизбран, но исто така се сомневаат дека работите ќе се вратат по старо ако победи Џо Бајден
Специјалниот однос на Велика Британија со САД може да заврши ако Доналд Трамп освои втор претседателски мандат, изјавија повеќе пензионирани дипломати на Велика Британија и експерти за конзервативна надворешна политика. Тие исто така велат дека ако демократот Џо Бајден победи на изборите, Вашингтон може да ја смета ЕУ, а не Велика Британија, за свој главен партнер.
Процената за она што е исклучително важно за Британија на претседателските избори во САД во ноември е направена официјално и неофицијално на различни семинари во изминатиот месец и ја нагласува загриженоста за настапот на Трамп за време на пандемијата на коронавирусот. Исто така, во неа е земен предвид и дипломатскиот пристап кон Британија од страна на главниот советник за надворешна политика на Бајден, Антони Блинкен.
Наместо тоа, дипломатите во Велика Британија бараат да формираат поширок алтернативен сојуз со други демократски земји, што ја намалува зависноста од САД.
– Ако Трамп биде на власт уште четири години, тоа ќе биде многу голем предизвик за глобалниот систем и за односот на Британија со САД. Ако треба да се оддалечиме од САД, а Трамп очигледно го поставува предизвикот дека тоа може да се случи, ние ќе се најдеме во ситуација во која голем дел од нашата инфраструктура за надворешни работи беше предвидено да работиме многу тесно со САД многу долго време. Ако треба да се оддалечиме од САД, тоа ќе вклучува најголема промена во националната безбедносна инфраструктура досега – вели во една процена Рори Стјуарт, бивш секретар за меѓународен развој.
Велика Британија со години земаше здраво за готово дека ќе биде усогласена со надворешната политика на САД. Секоја промена на тоа ќе бара преиспитување од страна на Министерството за надворешни работи, затоа што тоа, според Стјуарт, „понекогаш немаше поим како се води независна политика“.
Сер Џон Соерс, поранешен амбасадор на Британија во ОН, исто така, рече дека реизборот на Трамп ќе биде проблематичен.
– Нема сомнение дека претседателот Трамп е најтежок претседател за нас со кој се справуваме. Тој навистина нема чувство дека е дел од таа трансатлантска заедница. Тој навистина не верува во сојузи. Тој навистина не верува во американското раководство во светот. Во оваа пандемија првпат гледаме како изгледа криза без американско раководство. Тоа е првпат во животот да го доживееме тоа. Ако биде избран вторпат, некои од промените што ги видовме во изминатите неколку години ќе станат вградени и тогаш Британија нема да биде толку мост меѓу САД и Европа. Мора да се поврземе со нашите европски партнери – вели тој.
Дипломатот исто така смета дека ако биде избран Бајден, Британија исто така не би можела да продолжи да со односите со САД како во минатото. Тој повика на „силите од средно ниво да се соберат за решавање на Кина и климатските промени“. И двајцата зборуваа во Центарот за геополитика на универзитетот „Кембриџ“.
Сер Питер Вестмакот, бивш амбасадор во Вашингтон, вели дека во иднина би сакал да види „политичко раководство што исто така ќе се фокусира на традиционалните принципи како одговорност, почитување на владеењето на правото, независно судство, кажување на вистината, институционалната независност и важноста на слободниот печат“. Според него, тоа можеби не е она за што се залага јавното мислење, но не е далеку од „принципите во кои верува Бајден.“
– Во спротивно, шансите западниот свет да задржи какво било морално лидерство и да си дава за право да ги критикува другите кога ќе се однесуваат лошо, ќе ги снема засекогаш – нагласува тој.
Во британските дипломатски кругови се води жестока дебата за тоа дали Трамп само го забрзува трендот на помалку ангажирани САД и дали Бајден е подготвен да го смени тој тренд. Блинкен уверува дека Бајден повторно ќе се ангажира со мултилатералните институции и дека американското раководство ќе се врати.
– Кога Бајден го гледа светот, една работа се издвојува. Без разлика дали го сакаме тоа, светот не се организира сам, и над 75 години САД играа водечка улога во организирањето на светот, воспоставувањето на институциите, пишувањето на правилата и поставувањето на нормите. Ако не го правиме тоа, или ќе се најде некој друг што ќе го прави на начин што не ги унапредува нашите интереси и вредности, или никој нема да го право, што може да биде уште полошо. Тогаш има вакуум што често се пополнува со злонамерни работи. Значи, САД имаат одговорност и личен интерес понизно да водат – вели тој.
Многу бивши амбасадори на Британија очајно се надеваат дека Вашингтон повторно ќе води. Еден вели дека ако има различно раководство во САД, тогаш многу од она што се случи во изминатите неколку години може да се смени. Ако остане истото раководство, тогаш врските меѓу Европа и Америка заедно ќе бидат разурнати засекогаш. Истиот дипломат, сепак, нагласува дека Бајден, исто како Барак Обама, може да ја гледа ЕУ, а особено Германија, како свој главен соговорник.
– Ако победи Бајден, тогаш односот повторно ќе се фокусира на Европа, на Германија и на Франција и можеби ќе се чувствуваме малку занемарено – вели тој.
Тој вели дека иако Борис Џонсон бил поблизок со Трамп отколку со повеќето европски лидери, важноста на специјалниот однос е преценета.
– Односот не е специјален веќе некое време. Ако Обама сакаше да знае што мисли Европа за нешто, прво ѝ се јавуваше на Меркел – вели тој.
Друг амбасадор вели дека е можно да се замисли обновено американско лидерство во мултилатерален свет и затоа се важни изборите во ноември.
– Не гледам дека е тоа можно под уште една администрација на Трамп. Сепак, можно е да се замисли дека Бајден ќе се обиде да нѐ врати кон нормативен, мултилатерален и кохезивен свет – вели тој.
Амбасадорот исто така посочи на одлуката на Трамп да повлече 9.500 американски сили од Германија, како знак на притисок врз НАТО ако биде реизбран.
Блинкен, пак, смета дека САД под Бајден ќе се обидат да го оживеат иранскиот нуклеарен договор што го потпиша Обама, а Трамп го напушти. Тој го критикува однесувањето на Иран на Блискиот Исток, но смета дека договорот е дизајниран да ги ограничи нуклеарните амбиции на Иран, а не неговото пошироко однесување. Блинкен ја критикуваше и Кина поради нетранспарентноста кон коронавирусот и го повика Пекинг да биде одговорен актер, фраза што првпат во 2005 година ја употреби тогашниот американски помошник-државен секретар Роберт Зелик.
Подготвил: Дејан Србиновски