Организацијата „Аваз“ објави нов извештај во кој се истакнува степенот на здравствени дезинформации на Фејсбук. Во него се наведува дека компанијата не успева да ги одржи луѓето безбедни и информирани за време на пандемијата и дека групите против вакцинирање, лицата што шират теории на заговор и промотерите на лажни лекови се распространети на платформата. Лажни здравствени содржини се видени околу 3,8 милијарди пати на Фејсбук во текот на изминатата година, кои го достигнаа врвот за време на пандемијата. Истражувањето се фокусира на 82 веб-страници за кои се знае дека шират лажни или погрешни здравствени информации, кои имаа 460 милиони прегледи во април 2020 година. „Фејсбук“ одговори на извештајот, велејќи дека тој не ги одразува чекорите“ што ги презела компанијата.
„Аваз“ посочува оти овие 82 веб-страници претставуваат ограничен примерок и иако нивниот дострел е засилен со страници на Фејсбук, групни или индивидуални профили, сепак проблемот речиси сигурно е многу поголем отколку што е претставен во самиот извештај. Сериозноста на ситуацијата може да се види од фактот дека содржините од првите десет веб-страници што шират здравствени дезинформации имале речиси четири пати повеќе проценети прегледи на Фејсбук наспроти содржините од веб-страниците на десетте водечки здравствени организации во текот на изминатата година. Во овие установи спаѓаат Светската здравствена организација, Европскиот центар за превенција и контрола на болести и водечките здравствени институти во Британија, САД, Франција, Италија и во Германија.
На графиконот е прикажан трендот на дезинформации за време на пандемијата помеѓу јануари и мај 2020 година. Содржините од првите десет веб-страници за дезинформации се видени над 124 милиони пати во март, додека првите десет официјални здравствени установи имале само 55 милиони прегледи. Во екот на кризата во април, десетте најлоши веб-страници за дезинформации имале 296 милиони прегледи, а официјалните имале само 71 милион прегледи.