Пандемијата е еден кошмар што треба да се обидеме да не го заборавиме
Ото Инглиш
Историјата, во суштина, може да се подели на два дела, на тоа што сакаме да го запомниме и на тоа што активно работиме да го заборавиме. Ние, Британците, многу сакаме да зборуваме за херојските митови од двете светски војни, но помалку сме заинтересирани да се потсетиме на злоделата на империјата или на трговијата со робови или сиромаштијата од минатото. Некои истории се забораваат затоа што се проткаени со пријатните приказни што ги градиме за нашето минато, а некои затоа што, едноставно, премногу е грозно да се запаметат.
Па, како ќе се сеќаваме на ковид-19? Додека нацијата излегува од карантин, преовладува чувството дека повеќето луѓе сакаат да продолжат понатаму.
Оваа година требаше да биде година кога Велика Британија ги помина и другите „незамисливи“ кошмари. Но наместо тоа, како во некој бизарен цртан филм од епизода на Монти Пајтон, земјата скокна од тавата за пржење наречена брегзит во пламените јазици на коронавирусот. Целиот надреален кошмар одеднаш беснееше толку ревносно што дури и Доминик Камингс, митолошкиот спин-доктор од Даунинг стрит свенгали, не можеше да го стави под контрола.
Првите два случаи на ковид-19 во САД беа дијагностицирани на 31 јануари, истиот ден кога излеговме од ЕУ. Оттогаш се заразени најмалку 300.000 луѓе, а 44.000 умреле, поголем број жртви за шест месеци отколку за време на целото нацистичко бомбардирање на Британија. Но за разлика од тој настан на кој се сеќаваме, малку е веројатно дека во скоро време кризата со коронавирус ќе ја заплисне топлиот сјај на ревизионистичката носталгија. Наместо тоа, се чини дека ќе се обидеме да го заборавиме, исто како и последниот пат кога пандемијата нè клекна на колена.
Кон крајот на летото од 1918 година, кога Првата светска војна се ближеше кон својата завршница, невидливиот непријател се активираше неселективно од двете страни на Западниот фронт. Тоа беше вториот бран на вирусот Х1Н1, кој помина речиси незабележано во Европа во пролетта истата година. Во претходните месеци, тој мутирал во најсмртоносната болест што беше регистрирана во човечката историја.
Додека шпанскиот грип го најде својот пат низ рововите, американската војска регистрираше повеќе жртви од вирусот отколку во судири против непријателот. Над 340.000 војници беа хоспитализирани. Три четвртини од француските и половина од британските сили се разболеа.
До септември, грипот ја премина Ничија земја и ја погоди германската армија. За неколку недели, десетици илјади војници се разболеа или умреа. На 11 ноември, исцрпената Германија призна пораз. Војната заврши, но грипот само се загреваше. Силите што се враќаа од фронтовите го однесоа вирусот дома, а во месеците што следуваа, смртта и болеста ги зафатија земјите. Повеќето нации беа бавни за да го проценат степенот на вонредна состојба, што е само една од многуте непријатни паралели помеѓу 1918 година и денес. Потоа, исто како сега, пандемијата ја потресе довербата во владите и доведе до граѓански безредија. Во Велика Британија, премиерот Дејвид Лојд Џорџ се разболе и речиси почина. Болниците биле претрупани со пациенти, а властите воведуваа карантин и мерки на физичко дистанцирање.
Училиштата и фабриките беа затворени. Снимки од тој период покажуваат луѓе како носат маски во согласност со строгите закони донесени во Калифорнија, но тогашните „либертaријанци“ се спротивставија и формираа „Друштво против маски“.
По заминувањето на четвртиот бран, во март 1920 година, секој трет човек во светот се разболи, а околу 50 милиони до 100 милиони луѓе (неверојатни 5,4 отсто од глобалното население) починаа. Тоа е повеќе од сите цивилни и воени жртви од сите нации, во двете светски војни.
Штом заврши, нашето искуство со шпанскиот грип брзо и намерно беше заборавено. Велика Британија има значителен споменик, во центарот на Лондон, за животните кои загинале во војна, но нема ниту бронзена плакета за жртвите од ужасната пандемија.
Нема официјално признание за 250.000 британски жртви или за илјадниците здравствени работници кои се обидуваа да ја запрат пандемијата. Ако може да се каже дека постои евиденција за жртвите на пандемијата, тоа се датумите на гробиштата во Британија и во земјите од Комонвелтот.
Шпанскиот грип не беше спомнат ниту во уметноста. На пример, 1920-тите беа златна ера на американската и европската литература, но за пандемијата речиси нема ниту збор. Не е тешко да се види зошто. Постои мрачна поезија за војна, слики од згодни млади луѓе кои маршираат кон Западниот фронт, погоден материјал за митови и клишеа. Но нема ништо поетско во умирањето од грип. Набрзина, колективната трагедија стана нешто повеќе од фуснота за историјата.
Дали истото ќе се случи и со ковид-19? Може да се надевате дека нема да биде така. Но историјата има необична навика да се повторува и има важни лекции што треба да се научат и да им се пренесат на идните генерации. Пандемиите го оспоруваат нашето вродено чувство за неранливост. Ако политичарите дејствуваат брзо и сигурно, тие можат да нè спасат од нивните најлоши ефекти, но вирусите, по својата природа, се над контролата на сите. Тие ја изложуваат на виделина суштинската измама на владите, лагата дека сè може да се реши и, повеќе од тоа, тие нè наведуваат да сфатиме колку сме кревки.
Влијанието на оваа здравствена криза ќе трае со години. Таа ќе има долгорочни економски последици, но ефекти ќе има и врз образованието на оваа генерација деца и во однос на колективната траума на настанот. Тоа несомнено ќе влијае врз креирањето политики со генерации. Шпанскиот грип доведе до повици за универзална здравствена заштита. Пандемијата го соголи проклетството на британската ароганција и бранот популизам во брегзит. Премиерот Борис Џонсон можеби знае како да победи на избори, но тој се мачеше кога се соочи со вистинска вонредна состојба. Трагајќи по уникатно британско решение за она што не беше уникатна британска криза, единствената уникатност беше во најголемиот број жртви во однос на која било друга европска нација.
Значи, лекцијата што не смееме да ја заборавиме е следната. Живееме во здружен и меѓусебно зависен свет и нашите избори се важни. Празни ветувања и неверојатни пароли се добри и убави кога времињата се добри, но тие не значат ништо кога умираат десетици илјади сограѓани. Можеби најсоодветен споменик на наследството и големината на загубите од коронавирусот може да биде да се осигуриме дека овој пат навистина ќе се сеќаваме.
Ото Инглиш е псевдоним на Ендру Скот, писател од Лондон