Изненадувачки голем број протести годинава почнаа со гнев изразен кон навидум мали работи, како зголемување на цените на горивата или билетите за јавен транспорт, кои потоа прераснуваа во општо незадоволство насочено кон политичките и економските елити

Годината што изминува ќе биде запаметена како година на протести во светот. Од Хонгконг, преку Блискиот Исток и Северна Африка, па сѐ до Европа и Латинска Америка, улицата честопати буквално гореше. Тоа е своевидно потсетување дека народната демократија сѐ уште е жива, дури и кога антидемократските и десничарските сили бележат силен подем во многу места во светот. Во некои случаи, како на пример во Хонгконг, народните протести сѐ уште траат и не се гледа јасен крај. Во други случаи, како на пример во Чиле, се чини дека демонстрантите издржаа, па тоа што почна како гнев поради зголемувањето на билетите во метрото, може да заврши со нов, попрогресивен устав. На трети места, како на пример Судан или Алжир, протестите можеби соборија непопуларни лидери, но успеаја да обезбедат промени во власта.

Изненадувачки голем број протести годинава почнаа со народен гнев за навидум мали работи: зголемување на цените на горивата (Иран и Еквадор), зголемување на цените на билетите за јавен транспорт (Чиле) или на давачките за Ватсап (Либан). Во други случаи, како што се Хонгконг и Индонезија, демонстрантите излегоа на улиците откако владите објавија нови закони, кои претставуваа закана за граѓанските слободи. Но во сите случаи, народниот гнев, откако веќе беше изразен, најде многу поголеми цели: корупција, политичка дисфункција или општо незадоволство од економското управување, што се чини дека нуди мали надежи за загубената генерација.
Протестите во Хонгконг го привлекоа светското внимание, делумно заради големото учество на разни делови од општеството, а делумно и заради бруталниот одговор на полицијата. Протестите во Индонезија во септември и во октомври против длабоко непопуларните нови закони покажуваат колку е ранлива индонезиската демократија 20 години по падот на режимот на Сухарто. На Блискиот Исток, протестите во Ирак и во Либан го нагласија народното незадоволство од Иран и неговите регионални сојузници.
Во Латинска Америка имаше многу причини за безредија, без разлика дали се работеше за незадоволство од политичката елита во Боливија, неконтролирана корупција во Еквадор или разочарувањето од некогаш фалениот чилеански модел на економски развој.

Европа исто така ги почувствува потресите – од демонстрантите во жолти елеци, кои се спротивставија на даночните зголемувања во Франција, преку антикорупциските протести на Балканот и сепаратистичките незадоволства во Каталонија, па сѐ до масовните маршеви во Лондон против сè уште неоствареното излегување на Британија од ЕУ.
Кои се протестите што го обликуваа светот во 2019 година и чие влијание ќе се чувствува и наредните години?
Арапската пролет не е завршена: Протестите на Блискиот Исток и во Северна Африка во 2019 година може да се сметаат како последици од големите безредија во 2011 година. Иако ветувањата од Арапската пролет главно беа изневерени во речиси целиот регион, револуционерниот дух се чини никогаш не исчезна и тоа токму зашто никогаш не исчезнаа основните причини за народното незадоволство. Мирната масовна мобилизација останува единствениот достапен избор за продолжување на борбата за демократија во овој регион. Контрареволуцијата во арапскиот свет ќе продолжи да ја губи моќта и на крајот ќе падне под тежината на овие движења.

Иран го губи Блискиот Исток: Ирак и Либан беа сведоци на масовни протести, кои имаа една заедничка карактеристика, а тоа е народното незадоволство од влијанието на Иран во овие земји. Во Ирак, демонстрантите се насочија против влијанието на Иран врз владата на премиерот Адил Абдул Махди, принудувајќи го да поднесе оставка на 1 декември. Во Либан, протестите против зголемувањето на телекомуникациските такси се претворија во референдум за неуспешните ветувања од револуцијата во 2005 година и постојаното влијание на Иран во земјата, преку Хезболах. Иран можеби обезбеди политичко влијание кај соседите, но ја загуби улицата, што беше јасно и од масовните протести во земјата против властите.

Трамп ги поддржува лидерите, а не демонстрантите: Претседателот на САД традиционално барем се преправа дека ги поддржува продемократските демонстранти кои се борат против угнетувачките режими, иако самата американска надворешна политика често ги поддржува лидерите на овие режими. Но американскиот претседател Доналд Трамп не се ни преправаше дека ги поддржува демонстрантите. Со изјавите дека египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси му е „омилен диктатор“ или со укинувањето на голем дел од финансиите, САД се чини ја запре американската стратегија за промовирање демократија во странство.
Пекинг си пука во нога со Хонгконг: Повеќемесечните протести во Хонгконг беа најактуелни протести во годината што изминува, иако крајната судбина во битката против Пекинг останува непозната. Но една работа станува јасна. Хистеричното демонизирање на демонстрантите како насилници, заедно со казнувањето на секакво спомнување на протестите од страна на бизнисмените или на посетителите беше крајна цел на Кина. Тоа на крајот само ги засилува аргументите за економско раздвојување меѓу САД и Кина на американските и кинеските јастреби. Надежите на Кина за економска и стратегиска хегемонија сега се соочени со сериозни препреки, делумно и поради тоа што Пекинг си го покажа вистинското лице.

Тажниот пад на чилеанскиот модел: Чиле не беше единствената латиноамериканска земја што годинава беше сведок на големи протести, но веројатно претставуваше најголемо изненадување. Чиле долго се сметаше за остров на стабилност во морето на нефункционални системи и незадоволства од неможноста на земјите да го претворат економскиот пораст во благосостојба за што повеќе луѓе. Сега, граѓаните бараат конечно расчистување со минатото и решавање на проблемот со падот на економското „чудо“, со кое Чиле стана една од земјите во светот со најголема нееднаквост.

Хонгконг
Либан