По повеќегодишната работа со полн капацитет на европските држави за да откријат како да го поддржат домашното истражување во вештачката интелигенција, меѓу политичарите и експертите расте интересот за проширување на овој сегмент надвор од границите на Европа. Засега Европа ги гледаат САД како главни конкуренти во сферата на вештачката интелигенција
Развојот на новите технологии како можна причина за судири меѓу државите
Погледот во историјата на вештачката интелигенција (ВИ) покажува дека оваа сфера повремено минува низ фази на брз развој и потоа забавување, што обично се нарекуваат „пролет во ВИ“ и „зима во ВИ“. Светот сега е веќе неколку години во пролет на ВИ, во која доминираат важни достигнувања во технологиите на машинско учење. Во Европа, политичарите вложуваат напори да го фатат брзиот чекор на технолошкиот развој кој мина низ повеќе фази во текот на изминатите пет до десет години. Првата фаза беше одбележана со сомнежи меѓу политичарите околу тоа како да се искористи брзиот и очигледно неверојатниот развој на ВИ. Оваа фаза траеше до 2018 година, иако во некои европски држави и поради некои прашања сè уште се актуелни сомнежите. Втората фаза ги сочинуваше напорите политички да се ограничат предизвиците од ВИ, но и истите да се решат на домашно ниво. Меѓу 2018 и 2020 година, токму 21 членка на ЕУ претставија национални стратегии за ВИ, креирани со цел да ги разграничат нивните ставови и цели, а во некои сфери дури и да се исцртаат инвестициски планови.
Фази на вештачката интелигенција
Следната фаза би можела да биде период на меѓународна, а особено трансатлантска соработка во оваа сфера. По повеќегодишната работа со полн капацитет на европските држави за да откријат како да го поддржат домашното истражување во ВИ, а паралелно на тоа беа составувани експертски тимови за да подготват нови закони и регулативи, меѓу политичарите и експертите расте интересот за проширување надвор од границите на Европа. На ниво на Европската Унија (ЕУ), политиките и управувањето на ВИ веќе добија значајно внимание со тоа што Европската комисија игра важна улога во поттикнувањето на иницијативите кај членките за креирање на стратегии за ВИ, така што веќе почна да се работи на решавање на проблемите како да се гарантира дека ВИ ќе биде „етичка“ и „доверлива“. Но во изминатите неколку месеци беше забележан зголемен број на повици за меѓународна соработка во ова поле што ги поттикнаа либералните демократии низ светот. Западните држави и нивните сојузници отворија нови форуми за соработка за како да се унапреди ВИ и притоа веќе ги активираа и постојните додека во меѓувреме се планирани и платформи за соработка.
Апелите за соработка меѓу САД и Европа особено зачестија и станаа погласни по ланските американски претседателски избори, а беше соопштено и дека Европската комисија планира да предложи формирање на „совет за трансатлантска трговија и технологија“ кој би можел да работи на воведување на заеднички стандарди за новите технологии. Лани во септември, САД формираа група на земји-истомисленички „за да покажат светско лидерство базирано на вредности во одбрана на политиките и пристапите во усвојувањето на ВИ“, во која беа вклучени седум европски држави покрај Австралија, Канада и Јужна Кореја. Лани во јуни, Светското партнерство за вештачка интелигенција беше основано со цел да се разгледа одговорниот развој на ВИ, а во него се вклучени САД, четири европски држави и ЕУ.
Несогласувања и заеднички цели во меѓусебната соработка
Експертите првично мислеа дека ВИ е „технологија за двојна употреба“, што значи дека може да се користи во цивилен и воен контекст. Како што ВИ напредуваше и постојано се јавуваа нови употреби, сега многу почесто за неа се зборува како за таканаречено „овозможување“ или „технологија за општа намена“. Вештачката интелигенција може да подобри или да овозможи разни капацитети речиси во сите области, од медицина и здравство до основни истражувања, од логистика и транспорт па сè до новинарството. Во меѓувреме, постојат две главни причини за тековните напори за трансатлантска соработка за ВИ. Прво, меѓу експертите и политичарите постои загриженост дека ВИ може да се развие и да се користи на начини што се спротивни на либерално-демократските вредности и етика. Второ, некои политичари стравуваат дека ВИ може да им даде значителна предност на нивните геополитички конкуренти. Иако првата е главна причина зошто многу европски држави сакаат да работат со други демократски држави, втората одигра важна улога во поттикнувањето на САД да побараат соработка со ЕУ и со другите сојузници. Ова важеше додека Доналд Трамп беше на власт, кој беше познат по тоа што не ги ценеше сојузите, а особено со Европејците.
Форуми за соработка
Вештачката интелигенција може да се употребува во најразлични полиња како здравството, роботиката, одбраната и земјоделството. Но каде треба да лежи фокусот на можната трансатлантска соработка? Ако Европа и САД се согласни да се фокусираат на етиката на ВИ, тогаш треба да настојуваат да развијат заеднички правила и насоки кои двете страни ќе можат да ги спроведат под своја надлежност. Сепак, ако се согласни дека нивната заедничка цел е да се забават одредени актери, особено кинеските достигнувања во ВИ, тие ќе треба вклучат понасочени форми на соработка.
Одбраната исто така треба да биде ветувачка област за трансатлантска соработка, со оглед на блиските воени врски меѓу САД и Европа преку НАТО. Воените експерти изразуваат загриженост околу воведувањето на ВИ на бојното поле, што може да ја попречи интероперабилноста меѓу сојузничките сили, така што пожелно би било да се зајакне соработката во одбраната. Војските на двете страни од Атлантик се подготвени да инвестираат во капацитети на ВИ. Во воената сфера како и во цивилната, ВИ има разни употреби.
Воената примена на ВИ вклучува автономни возила и оружја, разузнавање, надзор и извидување, логистика (на пример, предвидливо одржување на воени системи како возила и оружја), предвидување и обуки (како симулации во виртуелна реалност).
Трансатлантската соработка во ова поле не е контроверзна, но е исклучително корисна, особено кога се изведува во рамките на НАТО, со тоа што на тој начин ги зближува сојузниците, воведува заеднички процедури и се воспоставува интероперабилноста.
САД и повеќето од нивните европски сојузници веќе остваруваат заедничка соработка во повеќе опкружувања, но најмногу во НАТО. Другите меѓународни организации и состаноци, како Г7, Г30 и „Петте очи“, ги приближуваат САД и дел од Европејците со други актери. Покрај тоа, неколку нови сојузи и партнерства насочени на технологијата или на ВИ беа предложени или веќе се формираа во текот на минатата година.
Што претставува вештачката интелигенција (ВИ)?
Покрај широката употреба, терминот вештачка интелигенција (ВИ) останува контроверзен и лошо дефиниран. Пошироко кажано, ВИ се однесува на напорите да се изградат компјутери и машини што може да изведуваат операции за кои обично е потребна човечката интелигенција како размислувањето или носењето одлуки. Во моментов, најважните достигнувања во ВИ се направени преку техниките на машинско учење како „длабоко учење“ и нервни мрежи кои користат компјутерска моќ за да пресметуваат алгоритми врз основа на податоците со кои располагаат. Денешната ВИ се смета за „ограничена“ или „слаба“, што значи дека може да научи и да изврши само една задача (честопати на ниво над човечките способности). Во моментов се спроведуваат истражувања како да се изгради „општа вештачка интелигенција“ или „силна ВИ“ која ќе има капацитет да разбере или научи секакви интелектуални задачи еднакво како човекот.