Фото: ЕПА

Конфликтот меѓу Иран и Израел се претвори во навистина безмилосна војна во која не се избираат средства. Како и во секоја војна, најпогодени во иранско-израелската војна се невините луѓе кои немаат никаква врска со политиката. Иако израелската операција „Лав во издигнување“ првично формално беше насочена кон воени и нуклеарни објекти, како и кон генерали и научници, веднаш беше очигледно дека целта беше да се предизвикаат и цивилни жртви. А тие жртви, за жал, не се незначителни.

Исклучување на најмоќната платформа

Една од најнегативните последици од војната, покрај смртните случаи и повредите, е речиси целосното исчезнување на интернетот во Иран. Од средата, 18 јуни, Исламската Република е речиси отсечена од светот преку сите мрежи. Лоби-групата за пристап до интернет „Нетблокс“ објави дека до средата вечер само неколку проценти од иранското население имале пристап до интернет, и тоа преку приватни мрежи.
Иранците не само што не можат да комуницираат со остатокот од светот туку многу поголем проблем е тоа што не можат да комуницираат со своите роднини, пријатели или колеги. Огромното мнозинство од 91 милион Иранци не можат да знаат дали нивните најблиски се меѓу живите или мртвите. Во исто време, Иранците не можат да користат интернет за да дознаат кога ќе следува уште еден израелски воздушен напад со бомби, беспилотни летала или ракети.

Иран е отсечен од интернет, а тоа значи и од комуникациските апликации како Ватсап, Инстаграм, Вибер и Телеграм. Поважно е што онлајн банкарството, ГПС и другата навигација, паметните сообраќајни системи и многу канали за деловна комуникација не функционираат. СМС-пораките едвај работат. Зачудувачки е колку е ограничен протокот на информации во Иран и надвор од него, со оглед на технолошкиот напредок во последните неколку децении. Без интернет, паметните телефони, таблетите, лаптопите и другите уреди се речиси бескорисни. Интернетот е „горивото“ што ги напојува средствата за комуникација. Затоа, некои Иранци апелираа до технолошкиот гигант Илон Маск да обезбеди интернет за Иран преку „Старлинк“, слично на она што тој го направи за Украина.

Иранската влада го исклучи интернетот како превентивна мерка

Најинтересно е што интернетот не престана да работи поради израелските напади, туку самата иранска влада го исклучи интернетот како средство за заштита во војната. Новинската агенција „Тасним“, поврзана со Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ), објави статија во четвртокот во која повикува на целосно исклучување на интернетот за населението. Статијата го опишува прекинот на интернетот како неопходност „за да се прекинат непријателските сајбер-напади и операциите со беспилотни летала“.

Според критичарите на иранската влада, шиитскиот режим намерно го исклучил интернетот за да ја зајакне својата контрола врз населението преку контрола на информациите и да спречи евентуално антивладино востание. Тие исто така веруваат дека владата го исклучила интернетот за Иранците да не ја видат штетата што ѝ ја нанесуваат на нивната земја израелските одбранбени сили (ИДФ). Тоа е донекаде вистина. Ова не е првпат владата да го ограничи интернетот. Таа постапи слично за време на големите протести на Махса Амини во есента 2022 година за да спречи собири на демонстранти. Истото сценарио се повтори во 2019 година, за време на антивладините протести поради економските тешкотии.

Интернетот е моќен затоа што може да ги обедини луѓето околу владата или околу демонстрантите. Тоа беше добро демонстрирано во случаите со Арапската пролет и портокаловите револуции низ целиот свет. Иако интернетот има големо влијание, тој не е семоќен. Иако целиот заинтересиран свет гледа што се случува во Појасот Газа во реално време, тоа не ја запира израелската воена кампања, во која невините цивили се веројатно најпогодени.

Во својата изјава за почетокот на нападот врз Иран на 13 јуни, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги повика обичните Иранци да се побунат против „угнетувачкиот“ режим. Очигледно, израелската влада и Мосад имале намера да поддржат внатрешен бунт на дисидентите против владата. Странските агенции работеа слично во Египет, Либија, Сирија и на други места. Кога интернетот е исклучен, таквата револуција е неспоредливо потешко да се спроведе. Затоа иранската влада презеде превентивен потег.

Горчлива мерка за заштита на државата и народот

„Претходно изјавивме дека, доколку е потребно, сигурно ќе преминеме на национален интернет и ќе го ограничиме пристапот до глобалната мрежа. Безбедноста е наш врвен приоритет, а сведоци сме на сајбер-напади врз критичната инфраструктура на земјата и прекини во банкарското работење“, изјави портпаролката на иранската влада Фатемех Мохаџерани. Таа продолжи: „Многу непријателските беспилотни летала се управуваат и контролираат преку интернет, а преку овој начин се разменуваат големо количество информации. Исто така, беше хакната и берза за криптовалути и, имајќи ги предвид сите овие околности, решивме да воведеме ограничувања за пристапот до интернет“.

Без оглед на спречувањето на избувнување евентуално востание, иранската влада секако го исклучи интернетот од превентивни причини за да ги намали сајбер-нападите врз важна инфраструктура (воени системи, енергетски објекти и комуникациски мрежи) и да спречи евентуални странски упади во чувствителни државни бази на податоци за време на ескалацијата на конфликтот. Ваквата превентивна мерка му овозможува на шиитскиот режим да ја зајакне националната безбедност со ограничување на можноста на странските разузнавачки служби да дејствуваат во Иран.

Иранската влада не треба да биде обвинувана за исклучување на интернетот, туку израелската влада, која започна брутална агресија против друга меѓународно признаена држава. Да немаше израелски напади, немаше да има ни иранска реакција. Чекорот на иранската влада, колку и да изгледа непријатно на прв поглед, може да биде корисен на долг рок бидејќи успеа да спречи ширење на паника и хаос.
Понатаму, во петокот, на 20 јуни, иранската влада го обвини Израел за водење медиумска кампања против вистината и човечката совест. На социјалната мрежа X, иранското Министерство за надворешни работи објави дека Израел им забранува на странските медиуми да известуваат за ракетни и балистички напади врз Иран. Тоа е делумно вистина. Странските медиуми опширно известуваат за штетите што ги претрпеа Тел Авив и Бершеба, додека малку внимание обрнуваат на Тебриз, Исфахан, Керманшах, Ком или Ахваз. Во соопштението, иранската влада наведе дека ќе организира „глобални прес-турнеи за разоткривање на израелските воени злосторства“. Тоа би било корисно за медиумскиот наратив.

Малкумина среќници можат да пристапат до интернет

Малкутемина среќници што пронашле начини за пристап до интернет им помагаат на оние што не можат. Тие им помагаат на познатите и непознатите да ги пронајдат своите најблиски и луѓето што ги напуштиле своите домови. Единствениот официјален пристап до интернет што Иранците моментално го имаат е ограничен на некои веб-страници во Исламската Република. Исто така, Иранците можат да пристапат до ирански мобилни апликации како што е Рубика. Сепак, дури и овој тип на интернет е доста бавен. Иранските државни телевизиски и радиостаници и печатените медиуми даваат кратки извештаи за настаните во земјата, додека поголемиот дел од своето време го посветуваат на прикажување на штетата што нивните ракетни и беспилотни летала ја нанесоа врз Израел.

Според информациите од Иран, голем број жители на Техеран го напуштиле градот од страв од разорни (американски) воздушни напади. Во последните денови се евидентирани долги редици автомобили што го напуштаат главниот град, како и долги редици на бензинските пумпи. Моментално, градот со околу девет милиони жители е речиси празен. Сепак, не заминаа сите бидејќи многумина немаа каде да одат. Ниту едно место во Иран денес не е сто проценти безбедно.

Сепак, освен воздушните напади и прекинот на интернетот, животот продолжува во голема мера како и обично и земјата не е погодена од недостиг од стоки за широка потрошувачка. Ова може да се промени ако војната се интензивира и продолжи. Со оглед на митинзите за поддршка на режимот во многу градови и големите јавни молитви во петок (и покрај заканата од воздух), малку е веројатно дека шиитскиот теократски поредок е загрозен од самите Иранци. Останува надежта дека војната ќе стивне и дека интернетот ќе се врати во иранските домаќинства, заедно со другите благослови на мирот.