Руската воена операција во Украина убеди многу европски земји да ги обноват нивните армии. На тој начин, тие треба првично да се фокусираат на готовноста, пропустите во капацитетите и заедничките напори за набавка на опрема и истражување, велат Густав Гресел и Ник Витни за ЕЦФР
Иницијативи за јакнење на европската индустриска и технолошка база
Руската специјална воена операција во Украина имаше силен ефект врз односот на Европејците кон одбраната. Германија најави драматично зголемување на трошоците за одбраната, Европската Унија (ЕУ) одлучи да ѝ обезбеди оружје на Украина, а на неодамнешниот самит во Версај, европските лидери ја потврдија потребата да се „преземат понатамошни одлучувачки чекори кон градење на европскиот суверенитет“. Ова ќе вклучува многу повеќе пари за одбрана насочени кон „неопходните капацитети за спроведување на целиот опсег на мисии и операции“.
На јазикот на дипломатијата ова значи дека европските лидери прифатија дека треба да бидат способни да се спротивстават на Русија. Некои мора да размислуваат и за фактот дека, каков и да е исходот од конфликтот, ќе биде речиси невозможно да се убедат САД да го одржат големото воено присуство во Европа. Американските политичари најверојатно ќе им порачаат на Европејците дека тие мора самите да го обезбедат најголемиот дел од одбраната, а американската поддршка ќе биде ограничена на разузнавање и нуклеарно одвраќање. Европските лидери имаат за цел да ја задржат динамиката од самитот во Версај, на кој ги задолжија Европската комисија и Европската агенција за одбрана да „постават анализа на пропустите во одбранбените инвестиции до средината на мај и да предложат каква било понатамошна иницијатива неопходна за зајакнување на европската индустриска и технолошка база“.
Готовност, воена мобилност и одржливост
Во време кога одеднаш има повеќе пари за трошење на одбраната, примамливо е да се даде приоритет на големи, скапи проекти, од кои еден дел се неопходни. Но, потребно е време за да почнат да се реализираат и да направат каква било разлика на линијата на фронтот. Главен приоритет треба да им се даде на капацитетите кои веќе постојат на хартија да бидат соодветни на целта преку зголемување на подготвеноста, распоредливоста и одржливоста на копнените и воздушните сили на Европа. Русија ја нападна Украина со сила која беше четири пати поголема од целокупните сили за одговор на НАТО. Затоа, Европа ќе треба да има капацитет да распореди повеќе војници и опрема за кратко време. Експедициската војна што европските армии ја водеа во последните децении им овозможи да планираат распоредувања шест месеци до една година однапред. Како последица на тоа, нивната подготвеност се намали меѓу овие циклуси. Фактот дека само мал дел од силите за одговор на НАТО се распоредени на источното крило откако Русија ја започна воената операција во Украина и пет месеци по распоредувањето на руските војници по должина на границата, ги нагласува проблемите на Европејците во генерирањето сили на краток рок. Европските армии исто така треба да ги зголемат резервите на муниција и единиците за логистичка поддршка.
Пропуст во капацитетите
Друг приоритет се одамна познатите пропусти во капацитетите што се појавија затоа што планирањето и набавките им дадоа приоритет на потребите на операциите за стабилизација на пешадијата наместо на операциите на комбинирано вооружување со целосен спектар. За вторите се неопходни артилерија, ракетна артилерија, системи за противвоздушна одбрана (особено мобилни системи за противвоздушна одбрана за заштита на силите за маневрирање), капацитети за потиснување на противничката воздушна одбрана и системи за електронско војување. Европа треба да воведе дигитализирана командна и контролна опрема за ефикасно да ги координира и синхронизира единиците во гранките на службата и вооружените сили на земјите во широк обем, не само во елитните експедициски единици. Западните одбранбени компании веќе имаат развиено многу системи за оружје во овие области, но европските земји одамна одбиваат да го набават (од различни причини). Европските професионални армии се многу помали од оние во Студената војна и, од демографски и општествени причини, ќе останат такви.
Како одговор на ова, Европејците треба да го испитаат целиот простор што не можат активно да го контролираат. Ова е причината зошто тие треба да создадат далеку поголеми капацитети за електронско следење не само на стратегиско, туку и на оперативно и тактичко ниво за да им овозможат на командантите на терен ситуациска свест дури и кога немаат пристап до проток на информации. Зголемувањето на огнената моќ на копнените сили ќе биде неопходна за дејствување во разни сценарија. Затоа, најамбициозните делови од списокот со задачи што Европа треба да ги исполни за обнова на заедничките структури за воздушна одбрана се модернизирање на нуклеарното споделување засновано на муниција со двоен капацитет наместо гравитациски бомби, подобрување на капацитетите за длабок удар и пробивање на ракетната одбрана.
Индустрија и технологија
Одбранбената индустрија и напредната технологија се уште еден приоритет. Клучот овде е соработката. Европејците немаат друга алтернатива освен да ги здружат своите напори и ресурси доколку сакаат да останат глобално конкурентни. Европската одбранбена индустрија треба да работи на континентална основа за да ја добие ефикасноста на автомобилската индустрија. Ова ќе бара постигнување на долго бараната цел за вистински паневропски пазар за одбранбена опрема, кој не само што ќе обезбеди подобра вредност за парите туку и ќе ги искористи пазарните сили за да помогне во преструктурирањето и рационализацијата на европската одбранбена индустрија. Европејците одамна ги препознаваат сите овие предизвици, но не успеаја да ги решат заради членот 346 од Договорот за ЕУ, кој создава исклучок за националната безбедност од нормалните правила на единствениот пазар. Промената на договорот е очигледниот одговор, но тоа изгледа нереално дури и денес. Јасна насока од националните лидери ќе биде неопходна за овие напори. Како што беше дискутирано, многу од она што е потребно на бојното поле во суштина бара развој и примена на дигитални и комуникациски технологии, од кои многу може да се приспособат од цивилниот сектор.
Вистинскиот проблем за европската одбранбена технологија е недоволното инвестирање. Ако европските лидери се посветени на декларацијата од Версај, тие треба веднаш да го исправат тоа. Предизвикот не е во одлучувањето како да се потрошат дополнителните пари. За таа цел е создадена Европската агенција за одбрана. Сега се зборува дека телото треба да стане вистински иновациски центар за европската одбрана. Она што навистина ќе биде важно е решеноста на ЕУ не само да постави цели сега, туку и неуморно да ги следи кога ќе се повлече непосредниот стимул. Со оглед на тоа што речиси сите аспекти на европската одбрана се сведуваат на националните влади, земјите-членки сега треба да бидат многу построги во меѓусебната одговорност.