Маските се моќно средство против коронавирусот, но здравствените власти не можат да ги игнорираат причините поради кои некои луѓе одбиваат да ги користат, смета Џулија Маркус, епидемиолог од Медицинската школа на Харвард
Неодамна, еден бивш американски бејзбол-играч на Твитер објави дека повеќе нема да носи маска. Тој тврдеше дека е противуставно да му се наметнува да носи маска и ги повика истомислениците да му се придружат. Наредниот ден, тој нагласи оти критичарите веднаш го нападнале и го обвиниле оти претставува закана за животите на милиони невини луѓе, но инсистираше оти претпочита да умре од коронавирус отколку да „носи проклета маска“. Илјадници реагираа. Многумина рекоа оти претставувал социјален срам поради тоа што не ја почитувал својата заедница и се откажал од граѓанската должност. Гневот кон лицата што не носат маски е разбирлив. Сепак, сите осуди не го натераа бејзбол-играчот да носи маска. Наместо тоа, тие само му ја „поткрепија“ идејата дека „елитистички“ експерти за јавно здравје сакаат да ги одземат слободите на обичните Американци.
За време на здравствената криза некои луѓе брзо се приспособуваат на големите промени во нормите на однесување. Но долгогодишните навики, како што се да не се носи маска во супермаркет, тешко се отфрлаат и до неодамна малкумина Американци се осудуваа поради тоа. Сепак, минатите искуства нудат поучни лекции.
Американците сега сфаќаат како е да се живее со нов смртоносен вирус, исто како што тоа го правеа геј-мажите во раните години од појавата на СИДА. Апстиненцијата од секс не беше можна, а кондомите станаа билет за поголема сексуална слобода. Исто така, Американците не можат да се воздржат од човечка интеракција засекогаш, а широко распространетото маскирање може да биде билет за поголема социјална и економска слобода. Но обидот да се осудуваат луѓето за да се натераат да ставаат кондоми не функционираше, а тоа нема да функционира ниту за маските.
Пораките на јавното здравство околу маските за време на пандемијата на коронавирус беа збунувачки. Федералната влада препорача да не се покрива лицето во јавност во март, при што некои официјални лица од јавното здравство тврдеа дека маските може дури и да предизвикаат поголема штета. Но зголемениот број на научни докази, вклучувајќи ги и доказите дека луѓето можат да го пренесат вирусот и кога немаат симптоми, укажува на тоа дека маските се важно средство за намалување на преносот на коронавирусот, особено во комбинација со физичко дистанцирање, хигиената на рацете и други превентивни стратегии. Навистина, загриженоста за здравјето на луѓето може да го оправда задолжителното носење маски во некои услови, вклучително и во затворен простор каде што многу луѓе се собираат подолг временски период. Но правилата имаат големи недостатоци.
Секое извршување веројатно ќе има непропорционално влијание врз заедниците кои се веќе маргинализирани, а некои Американци, вклучително и некои лидери во сојузните држави што се соочуваат со сериозни појава на коронавирус, веруваат дека барањето до луѓето да носат маски е повреда на граѓанските слободи. Во практика, за Американците да се маскираат, официјалните лица од јавното здравство треба да уверуваат, а не да принудуваат.
Ова нема да биде лесно. Кога претседателот ги исмева лицата што носат маски дека се слаби и маските ги гледа како политички напад против него, не е изненадување што некои Американци одбиваат да ги носат. Поголема е веројатноста противниците на маските да бидат политички конзервативни. Како што забележа еден истражувачки тим, поголема е веројатноста и мажите да се противат на носење маски, сметајќи ги дека се „срамни“, „знак на слабост“ или дека „не се кул“, иако мажите се изложени на поголем ризик од жените да умрат од коронавирус.
Сличен шаблон имаше и при претходните пандемии и во други здравствени области. Кај мажите, а особено кај оние кои ги поддржуваат традиционалните машки родови норми, помала е веројатноста во однос на жените да прифатат однесување за поголема здравствена заштита.
Но дури и мачо-типови како посочениот бејзбол-играч, кој на Твитер вели дека поддржувал „токсична машкост“, не се имуни на советите за јавно здравје. Во едно негово видео, тој носи сигурносен појас. Но за разлика од појасот, кој директно го штити корисникот, маските првенствено се наменети да ги штитат сите други, особено луѓето кои се постари или имаат други здравствени проблеми што ги прават ранливи на коронавирусот. Се чини дека мачо-типот го разбра ова, но тој едноставно смета дека овие луѓе треба да си седат дома.
Сепак, обидот да се посрамотат овие луѓе главно не функционира, а всушност може и да ги влоши работите. Точно, маските ги спречуваат луѓето јасно да гледаат изрази на лицето и да слушаат гласови, како витални елементи на социјалната врска. Маските не ги лишуваат луѓето од кислород, но тие го отежнуваат слободното дишење. Тие ги замаглуваат очилата на луѓето. Тие предизвикуваат чешање на носот и на лицето и потење. Конечно, маските се постојан потсетник за она што Американците толку очајно сакаат да го заборават: дека и покрај сите жртви, пандемијата сѐ уште не заминала.
Од друга страна, емпатијата има своја моќ. Признавањето на она што луѓето не го сакаат како стратегија за јавно здравје, овозможува поврзаност со нив наместо отуѓување. Кога ќе се разберат бариерите, тие може да се решаваат. За време на појавата на СИДА, кога стана јасно дека на луѓето им требаат подобри кондоми, компаниите почнаа да ги прават во различни облици, големини и стилови, за да ја подобрат удобноста, сензацијата и да го вратат чувството на индивидуалност.
Исто така, владата треба да ги поддржува бизнисите за развој на маски, кои не само што ќе бидат ефикасни туку и добро ќе се вклучуваат и ќе прават луѓето да се чувствуваат добро. Луѓето имаат потреба од низа опции, вклучувајќи и штитови за лице, кои можат да помогнат во задоволувањето на нивните лични потреби. На луѓето им се потребни маски што ќе направат да се чувствуваат кул, модерно, па дури и мажествено.
Истовремено, исто како кошниците со бесплатни кондоми поставени во геј-барови, така маските треба да се дистрибуираат таму каде што се најпотребни, во автобусите, на аеродромите, во маркетите, на работните места. Маските треба да бидат присутни насекаде, но дистрибуцијата треба да почне во области кои се најпогодени од коронавирусот. Она што е најважно е луѓето да изберат да носат маска кога се во затворен простор или во близина на други и тој избор да биде направен колку што е можно без напор.
Одлуката да се носи маска е далеку повидлива од одлуката дали да се носи кондом. Но обидот да се осудуваат луѓето што не носат маска само ќе го бетонира нивниот отпор, а можеби дури и ќе ги натера да се дружат зад затворени врати, каде што неносењето маска е уште поголем ризик. Јавното здравство најдобро функционира кога ги препознава и поддржува потребите и желбите на луѓето без осуда.