Германски функционер предлага африканските држави да им отстапат територија на развиените земји, а тие да им изградат градови за да го спречат иселувањето. За едни тоа е колонијализам, а за други е добра економска стратегија само ако корист имаат Африканците
Европската Унија, или некоја организација како Светската банка, треба да изградат и да управуваат со градови во Африка за да ги зголемат бројот на работните места и развојот на континентот, изјави во интервју за Би-би-си, Гинтер Нуке, германскиот комесар за Африка, нудејќи ја својата визија како да се спречи имиграцијата во Европа. Според него, африканските држави ќе ја издаваат нивната земја на странски орган „за да овозможат бесплатен развој во наредните 50 години“.
Станува збор за контроверзна идеја која критичарите веднаш ја отфрлија, бидејќи „смрди на колонијализам“. Но некои ја прифаќаат идејата, како на пример Керол Мусјока, академик на бизнис-школата „Стратмор“, која е еден од најдобрите универзитети во Кенија. Во интервју за Би-би-си, Мусјока го опиша предлогот како „фасцинантен“ и рече дека ќе го поддржи ако има вистински обид од него да имаат корист Африканците, а не странските сили.
Американскиот нобеловец Пол Ромер ја разви идејата пред една деценија. Во 2009 година, тој порача дека земјите во развој треба да размислат да предадат дел од нивната територија на странски држави кои потоа од темел ќе изградат „привилегирани градови“. Според него, градовите ќе функционираат според законите на државата која управува со нив.
Во 2008 година, тогашниот претседател на Мадагаскар, Марк Раваломанана, покажа интерес да го спроведе планот на островот во Индиски Океан по состанокот со Ромер. Тој изјави дека треба да се изградат два такви града во кои би живееле локалните жители и имигрантите од соседните држави. Опозицијата го обвини Раваломанана за предавство и организираше протести поради кои пропадна идејата, а тоа беше причината за неговиот политички пад во 2009 година.
Тогашниот претседател на Хондурас, Порфирио Лобо Соса, исто така даде поддршка за идејата, изјавувајќи во 2011 година дека „привилегираните градови“ ќе го подобрат животот на граѓаните на Хондурас со тоа што ќе се овозможи конкурентност на пазарот на трудот, подобро здравство и образование, како и „врвен“ правен и безбедносен систем.
Независниот весник во Хондурас „Ла пренса“ тогаш пренесе дека планот требало да ја претвори државата во „Хонгконг на Централна Америка“. Соса не успеа да го спроведе планот по што се соочи со жестоки критики од оние што се противеа Хондурас да ја загуби контролата врз сопствената територија.
Како и во Европа, миграцијата е отровна политичка тема на двата американски континенти и многу граѓани на Хондурас се дел од миграцискиот карван што се движи кон границата на САД. Актуелната влада на Хондурас се надева дека формирањето на она што се нарекува посебни економски зони (СЕЗ) ќе го зголеми развојот. Иако не е целосно наведено во плановите, се смета дека СЕЗ ќе подлежат на странски закони и судии, па така Хондурас ќе стане поатрактивен за западните инвеститори, според Луис Фахардо од Би-би-си мундо.
– Веруваме дека кога ќе бидат отворени овие посебни економски зони и народот ќе види колку ќе бидат успешни во однос на креирањето на слободни работни места, така политичарите од сите делови (на Хондурас) ќе побараат вакви економски зони – изјави министерот за економија Арналдо Кастилјо за Би-би-си.
Според Фахардо, сè уште е присутен силен отпор против идејата со тоа што многу сиромашни Хондурашани веруваат дека од СЕЗ ќе имаат корист само богатите и ќе се формираат дополнителни затворени заедници кои ќе живеат според поинакви закони од оние на државата.
Ромер во еден говор тврдеше дека градовите под странска управа можат да бидат модел за успешно владеење и да понудат поквалитетен живот и да ги спречат луѓето да се преселуваат од економски причини.
Некои поддржувачи на идејата го гледаат Хонгконг како пример. Тие тврдат дека Кина го должи својот развој на периодот кога градот беше под британска контрола меѓу 1841 и 1997 година. Нуке ги гледа градовите како економски бази кои исто така ќе им обезбедат образование на младите Африканци.
– Главната идеја е дека овие слободни градови ќе создадат пораст и просперитет – порача тој за Би-би-си, но сепак предупреди дека планот можеби нема да успее.
Кен Опало од универзитетот „Џорџтаун“ во САД исто така предупреди дека „би била луда идеја да се формира економска енклава“. Таквите градови ќе ја поттикнат внатрешната миграција и целокупната економија нема да има корист од тоа или, пак, нема да се решат многуте проблеми со кои се борат африканските држави.
– Без разлика колку се хаотични или корумпирани, најдобро е да се работи преку државните институции – дадава Опало и смета дека најдобриот начин да му се помогне на континентот е да се инвестира во мали и средни бизниси за да се отворат работни места.
Директорката за комуникации на Африканската Унија (АУ), Лесли Ричер, исто така ја отфрли идејата за градови под странска управа, нагласувајќи дека тоа е „мрзлив одговор“ на проблемите како што е имиграцијата и „сугерира дека Африка треба да се откаже од суверенитетот и да се согласи да биде управувана од меѓународни организации“.
Развојниот план на АУ, наречен Агенда 2063, е дијаметрално спротивен на тој на Нуке. Рејла Одинга, пратеничката за инфраструктурен развој на АУ, вели дека „замислува африкански модел на пораст што ќе создаде африканско чудо“.
– Одржливиот висок економски пораст на континентот ќе биде поттикнат од африканското единство, како и од политичката и економската интеграција – вели Одинга.
Нуке е одлучен да ја истурка идејата за градови под странска управа и притоа вели дека „мора да биде смислено на таков начин што ќе се избегне секаков конфликт“ меѓу европските и африканските влади.
Мусјока е меѓу оние Африканци што се надеваат дека ќе се изградат вакви градови и вели дека ќе го прифати „доброволниот колонијализам“ затоа што многу африкански влади не успеале да обезбедат подобар живот за нивните народи.
Поради нејзиниот став би се превртувале во гробот основачите на независна Африка, но би го прифатиле младите Африканци кои ги ризикуваат своите животи за да пристигнат во Европа за да избегаат од сиромаштијата, корупцијата и некомпетентноста.