Балтичкиот регион беше простор на постојани воени тензии меѓу Русија и НАТО, а сега руската флота ќе изведе низа воени вежби што ќе бидат увертира на вежбите „Запад“, што ќе се одржат во големи размери подоцна оваа година, вели Марк Епископос од „Нешенел интерест“
Одбраната на НАТО на неговото северно крило е ставена на тест
Руската балтичка флота ќе одржи низа воени вежби што ќе бидат увертира во вежбите „Запад 2021“, што ќе се одржат во големи размери подоцна оваа година. На почетокот од оваа недела, прес-службата на балтичката флота соопшти дека над три илјади припадници и триста парчиња воена опрема биле вклучени во вежбите за воена подготвеност, од кои дел од нив се одржаа во регионот на Калининград. Во нив беа опфатени воени вежби за брзо распоредување и прераспоредување, како и „процедури за тревога“. Исто така, се одржаа пет огнени сесии со мало оружје, како и борбени вежби со вооружување на оклопниот носач „бмп-2“ (АПЦ) и тенкот „т-72б3“ против номинален непријателски оклоп. Единицата на поморската авијација на балтичката флота се вклучи во борбените вежби чија содржина не беше откриена во јавност. Вежбите навидум се насочени кон подобрување на општата борбена ефикасност и подготвеност, а се очекува да траат една недела.
На почетокот од овој месец, проектот „11540“ на балтичката флота во која е вклучена фрегатата „Јарослав мудри“, односно фрегатата со теледиригирани ракети од класата „Неустрашими“, спроведе ракетни вежби со гаѓање против номинални воздушни цели, како што пренесе руската новинска агенција „Тас“. За време на вежбите, бомбардери „сухој су-24м“ и хеликоптери „камов ка-27“ играа улога на непријателски авиони.
Како дел од рускиот западен воен округ, балтичката флота е стационирана во Санкт Петербург, а сепак во голем дел оперира од руската централноевропска енклава Калининград. Оттаму таа има задача да претставува одбранбена стратегија за спречување влез на територија (А2/АД) во случај на избивање голема конвенционална војна со НАТО. Во време на мир, Калининград служи како истурена база за тактички операции и оперативен центар што им помага на руските вооружени сили да го задржат военото присуство во балтичките води и воздушен простор.
Балтичкиот регион е место каде што постојано има воени тензии меѓу Русија и НАТО. Руските ВИП владини авиони, меѓу кои и оној на министерот за одбрана Сергеј Шојгу, честопати летаат на релација до и од Калининград токму користејќи го овој воздушен простор. Овие летови честопати резултираа со тензични пресретнувања на патролните авиони на НАТО со руските борбени авиони.
Најновите јануарски воени вежби на балтичката флота и други слични на нив дадоа увертира во „Запад 2021“, далекосежните заеднички воени вежби во кои ќе бидат вклучени западниот воен дистрикт и единици на белоруската војска. „Запад 2021“ се дел од четирите главни регионални воени вежби на Русија. Другите три се „Восток“ (исток), „Центр“ (центар) и „Кавказ“. Тие секоја година се ротираат, така што во 2018 година се одржаа „Восток“, потоа следната година „Центр“, лани беа „Какваз“, а оваа година редот паѓа на „Запад“. Овие регионални заеднички воени вежби типично се сметаат за најамбициозните воени настани во Русија.
Воените вежби „Запад 2021“, кои треба да се одржат во септември, наводно ќе се фокусираат на контра-мерки против непријателски крстосувачки ракети, како и на повеќе неконвенционални алатки на бојното поле, вклучувајќи мерки против дронови и електронско војување. Вежбите „Запад 2021“ ќе го стават акцентот на борбените крстосувачки ракети и на беспилотните летала, како и активности за огнено и електронско војување против непријателски формации и брза промена меѓу воените активности, како што се вели во соопштението на западниот воен округ.