На почетокот на 2021 година сè уште важат рестрикциите во Европа. Поради неможноста да воведат целосен карантин, некои држави направија комбинација на рестрикции. Шпанија и Франција уште во октомври ги воведоа мерките како одговор на вториот бран на зарази. Оттогаш Франција излезе од карантинот и се реши за еден вид ран полициски час на државно ниво со затворање на рестораните, што важи и во Белгија и во Луксембург. Шпанија се држи до полицискиот час на целата територија и локалните карантини и покрај тоа што повторно забележа пораст на случаите во третиот бран. Италија е под сличен режим, со тоа што рестораните затвораат во шест часот попладне.
Полициски час е воведен и во помалку погодените делови од Источна и Југоисточна Европа како во Унгарија, Романија, Турција и Албанија. Во Германија сè уште не е воведен полициски час, но во државата стапи во сила национален карантин на 2 ноември, а несуштинските продавници беа затворени дури во средината на декември.
Велика Британија и поголем дел од Централна Европа реагираа слично со тоа што повторно воведоа национални карантини, иако тоа се случи нешто подоцна во Шкотска, Бугарија и Данска. Швајцарија затвори на 15 јануари, но се отворени училиштата, како и во Португалија. Државата исто така им дозволи на ски-центрите да работат, што доведе до конфликт со соседна Франција каде што се затворени.
Грција и Кипар воведоа покреативни решенија со тоа што граѓаните добиваа кодови на мобилните телефони за да можат да пазаруваат. Скандинавските земји не воведоа строги рестрикции, а во Норвешка е дозволено дури и собирање на 200 лица во затворен простор. Во Словачка, причината поради која може да се напушти домот е шетање на милениците, дури и на мачките, покрај кучињата.