Пред почетокот на климатската конференција на Обединетите нации во Глазгов, медиумите направија еден осврт на тоа што досега се постигна, а што не во текот на изминатите 25 години на ваквите глобални состаноци, вели Ане-Софи Брендлин за „Дојче веле“
Глобалното затоплување во фокусот на јавноста пред самитот во Глазгов
Конференцијата на страните (КОП), односно врховното тело за донесување одлуки на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (УНФЦЦЦ), овој пат ќе се одржува во Глазгов од 31 октомври до 12 ноември. На првиот состанок на КОП, во Берлин во 1995 година, членовите веќе ја видоа потребата за намалување на штетните емисиите и се согласија да се состануваат секоја година за да разговараат за тоа како да се одржи контролата врз глобалното затоплување. Но, со какви конкретни активности резултираа овие средби во изминатите 25 години? Повеќето активисти за климатски промени, критикуваат дека не се преземени многу активноста. Грета Тунберг неодамна изјави за Гардијан дека „навистина ништо не се променило од претходните години“. Меѓутоа, колку навистина ни се потребни ваквите состаноци на КОП?
Парискиот климатски договор е најголемата пресвртница?
Иако експертите се согласуваат дека не е постигнат важен напредок на сите овие годишни состаноци, но и тоа дека темпото на донесување одлуки е побавно од очекуваното, сепак тие велат дека најважното достигнување на КОП досега бил Парискиот климатски договор кој се смета за најголемиот глобален договор за борба против климатските промени. Можеби му претходеа преговори од 20 години за да се оствари, но, во 2015 година, Парискиот климатски договор конечно беше усвоен од 196 земји, прогласувајќи ја целта за ограничување на зголемувањето на глобалните просечни температури на под 2 степени Целзиусови, со целна температура од 1,5 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа. Давид Рајфиш, тимскиот лидер за меѓународна климатска политика во невладината организација за животна средина и развој „Џерманвоч“, „верува дека Парискиот климатски договор е почетна точка за цела низа промени. Тоа е сигнал кој беше испратен до реалната економија и другите актери, дека намерата на земјите е вистинска и дека ќе има импликации во реалниот свет“. Според него, КОП и нејзиниот договор веќе поттикнале акција, од драматичниот пад на цената на чистата енергија, до оддалечувањето на финансискиот сектор од фосилните горива и неподготвеноста да се почнуваат нови проекти што го вклучуваат јагленот, па сè до ангажирање на земјите за негово брзо исфрлање од употреба, како и во случајот на моторите со внатрешно согорување.
Предизвикот на јаглеродните емисии
Предизвикот за КОП и за Парискиот климатски договор е тоа што тој се темели на проблемот со јаглерод диоксидот, кој е стакленички гас и е една од најголемите причини за глобалното затоплување. За Пол Јанг, климатскиот научник од Универзитетот Ланкастер, јаглерод диоксидот е главно прашање на кое треба да се одговори ако светот сака да се справи со климатскиот проблем, бидејќи тој се јавува насекаде во целата економија и не е лесно да се замени со некое друго хемиско соединение. Чарлс Паркер, политиколог од Универзитетот во Упсала, Шведска, кој своето истражување го фокусираше на политиката на климатските промени, лидерството и управувањето со кризи, понуди слична анализа. Тој смета дека треба фосилните горива треба да се заменат со извори на енергија со ниска или никаква емисија на јаглерод. Но, има многу вложени интереси, играчи кои можат да стават вето и лоби групи кои немаат интерес да го сторат тоа.
Поставување амбициозни цели
Секоја земја што го потпиша Парискиот климатски договор мораше да даде ветувања, познати и како национално определени придонеси (НДЦ), за тоа како планираат да ги намалат своите емисии. Со текот на времето, земјите мора да постават поамбициозни цели. Така, на секои пет години, тие треба да поднесуваат нови, ажурирани придонеси за тоа како сакаат да ги одржат ветувањата дадени во 2015 година. Рајфиш вели дека меѓу 2015 и 2020 година целите значително се подобриле што е добар знак дека нешто функционира, иако треба уште многу да се направи. Проблемот што многу критичари го гледаат е тоа дека нема никакви финансиски или правни санкции доколку земјите не ги постигнат своите цели. Затоа Рајфиш вели дека санкционирањето треба да доаѓа преку притисокот на јавноста, бидејќи земјите не би сакале да си ја нарушат репутацијата.
КОП и климатска акција како една симбиоза
Друг знак што укажува на оваа симбиоза се два неодамнешни судски случаи во Европа. Сојузниот уставен суд на Германија пресуди дека слободите и основните права на младите се повредени поради недоволната заштита на климата од државата. Во Холандија, судот и нареди на компанијата „Шел“ да ги намали своите светски емисии на јаглерод диоксид за 45 отсто до 2030 година, споредено со нивоата од 2019 година. Експертите сметаат дека ова ќе поттикне верижна реакција и ќе ги натера компаниите и земјите да преземат акција наместо да одат по судови. И покрај некои недостатоци на КОП, експертите веруваат дека одржувањето на состаноците за глобално управување е од клучно значење за иднината на климата.
Експертите веруваат дека состаноците на КОП не само што не се излишни, туку и дека тие ќе бидат потребни во наредните години за да се воспостави праведен начин како да се постигнат овие цели.