Кога една влада троши милијарди долари на производство на оружје за масовно уништување за време на една светска здравствена криза, многу лесно може да се воочи каде лежат нејзините вредности, вели Александра Б. Хол за „Нешенел интерест“
Зошто не исчезна менталитетот на Студената војна и во пандемијата?
За време на светската пандемија растеа инвестициите во нуклеарно оружје, а старата поговорка вели „следете го текот на парите“.
Откако повеќе од една и пол година светот се бори со пандемијата на ковид-19, секој би си помислил дека владите би ги прилагодиле своите приоритети на трошење за да ги пренасочат ресурсите за да одговорат на предизвиците од коронавирусот. Но во реалноста не е баш така. Една област каде што владините трошоци всушност се зголемија на светско ниво во 2020 година е нуклеарното оружје. Меѓународната кампања за укинување на нуклеарното оружје (ИКАН) минатиот месец објави извештај под наслов „Морално неодговорно: трошоци за нуклеарно оружје во светот во 2020 година“, во кој се потенцираат парите што се слевале од владите до корпорациите, до лобистите и назад. Овој циклус на финансирање помагал во одржување и во развојот на нуклеарното оружје.
Во една скорашна епизода од поткастот „Притиснете го копчето“, Алиша Сандерс-Закре, координаторка за политика и истражување во ИКАН и една од авторките на овој извештај, споделува дека станува збор за „инвестиции од милијарди и од милиони долари, што претставува сериозно огромна сума пари“. Извештајот открива дека меѓу деветте држави што располагаат со нуклеарно оружје, вкупно се потрошени 72,6 милијарди долари за негово производство во 2020 година. Сандерс-Закре пред ководителот на поткастот, Том Колина, порача дека таквиот систем всушност работи за себе.
– Може да се каже дека инвестициите значително им се враќаат на компаниите кои трошат милијарда долари за лобирање, што навидум изгледа многу, но потоа тие добиваат над 27 милијарди долари во договори, така што тоа е навистина систем кој работи во своја корист, а целта е да се продолжи со производство на нуклеарно оружје – истакнува таа.
Каде завршуваат државните пари?
Некои држави што располагаат со нуклеарно оружје беа најтешко погодени од пандемијата на коронавирусот. Како пример може да се земат САД, кои загубија повеќе од 600.000 луѓе од вирусот или, пак, Индија каде што се проценува дека милиони станаа жртви на вирусот. Парите беа и сè уште се очајно потребни за борба против вирусот, но додека тие се слеваат во сферата на производство на нуклеарно оружје, никој навидум не беше подготвен за реалната закана од коронавирусот. Извештаите покажуваат дека дури и парите што Министерството за одбрана на САД ги добило од пакетот за финансиска помош во справување со пандемијата што беше изгласан лани, биле пренаменети за воени потреби.
Но, енигмата околу овие трошоци не завршува тука. Сандерс-Закре во поткастот посочи дека „нешто друго околу пандемијата што може да се забележи во врска со нуклеарното оружје е тоа што сите се свесни дека секоја употреба на нуклеарно оружје би била и светска здравствена криза од незамисливи размери“. Во суштина, нуклеарните држави трошеа милијарди долари на нешто што ризикува да нанесе уште полоша штета од она што луѓето го гледаат кај коронавирусот. Наместо изморени здравствени работници или недоволен број болнички кревети, нуклеарен напад може да значи немање здравствени работници и болнички кревети.
Сандерс-Закре смета дека „јасно е дека постојаното производство и постојаните трошоци за нуклеарно оружје не се стратегиска одлука. Тука не станува збор за стратегиски принцип, туку за нешто што е поттикнато од корпоративен и личен интерес“. Предизвикот да се промени целосно оваа мотивација е во тоа што има мал притисок од јавноста да се преземат некакви чекори. Додека другите движења за социјална правда ја применија тактиката на бојкот на индустриите што придонесуваат за климатски промени или расни неправди, бојкотирањето компании како „Локхид Мартин“ или „Нортроп Груман“ е предизвик затоа што нивното производство не е за јавна употреба.
Има ли простор за промени?
Сепак, Сандерс-Закре се надева „дека извештајот исто така ќе помогне да се прикажат сите точки на притисок, каде што луѓето можат да реагираат за да го прекинат овој циклус“. Една од работите што луѓето можат да ја направат е да ги повикаат своите влади да ги намалат трошоците за нуклеарно оружје. Во таа насока, самиот ИКАН играше клучна лидерска улога во напорите за Договорот за забрана на нуклеарно оружје (ТПНВ). Овој договор, кој беше усвоен во 2017 година, стапи во сила во јануари 2021 година во педесет и пет држави. Договорот забранува нуклеарно оружје, негов развој и тестирање, производство, поседување и складирање според меѓународното право. Не само што луѓето можат да извршат притисок врз федералната влада за денуклеаризација, туку можат да ги притиснат и локалните избрани владини претставници да ја потпишат гаранцијата на градските законодавци на ИКАН за да демонстрираат посветеност на ТПНВ. Исто така, тие можат да побараат од претставниците на градовите да донесат резолуции што се усогласуваат со целите на договорот.
Кога една влада троши милијарди долари на производство на оружје за масовно уништување за време на светска пандемија, мошне лесно може да се види каде лежат нејзините вредности. Затоа сега е време да се побара промена токму на тие вредности.