На глобално поле, Советот за надворешни работи на ЕУ (ЦФР) предупредува дека постои ризик од недостиг од чиста вода за пиење, а тоа е закана по здравјето и развојот на државите насекаде во светот. Имено, овие состојби се иницирани пред сѐ од климатските промени и глобалното затоплување
Светот пред глобален предизик поради недостиг од пивка вода
Милијарди луѓе низ светот немаат соодветен пристап до еден од основните елементи на животот, а тоа е чистата вода. Иако владите и групите за помош им помогнаа на многу жители во региони кои се борат за пристап до вода за пиење во последниве години, сепак се предвидува проблемот да се влоши со штетните ефекти од глобалното затоплување и со порастот на населението. Недостигот од вода може драстично да се разликува од едно до друго место, во некои случаи да предизвика широка штета, вклучително и на јавното здравство, економскиот развој и глобалната трговија. Исто така може да предизвика масовни миграции и конфликти. Во моментов расте притисокот врз земјите да спроведат поодржливи и поиновативни практики и да ја подобрат меѓународната соработка во управувањето со водите. Недостигот од вода се јавува кога побарувачката за безбедна, употреблива вода во дадена област го надминува снабдувањето. Кога станува збор за побарувачката, огромното мнозинство од приближно 70 отсто од светската слатка вода се користи за земјоделство, додека преостанатиот дел е поделен на индустриска (19 отсто) и домашна употреба (11 отсто), вклучително и за пиење. Кога станува збор за снабдувањето, изворите вклучуваат површински води, како што се реки, езера и акумулации, како и подземни води со пристап преку водонепропустливи слоеви. Но научниците имаат различни начини на дефинирање и мерење на недостигот од вода, земајќи ги предвид различните фактори, вклучувајќи сезонски промени, квалитет на вода и достапност. Во меѓувреме, мерењата можат да бидат непрецизни, особено во случај на подземните води.
Што предизвикува недостиг од вода?
Недостигот од вода често се дели на две категории: физички недостиг заради локални еколошки услови и економски недостиг кога има несоодветна водна инфраструктура, а двете категории често се јавуваат и во комбинација. На пример, една област може да има и недостиг од врнежи од дожд, како и недостиг на соодветно складирање на водата и санитарните јазли. Експертите велат дека дури и кога постојат значителни природни причини за недостиг од вода во регионот, човечките фактори честопати се од клучно значење за проблемот, особено во врска со пристапот до чиста вода и безбедни санитарни услови. Паралелно на тоа, некои области имаат физички недостиг од вода, но располагаат со инфраструктура што овозможува животот непречено да тече, како на пример во Оман и во југозападниот дел на САД.
Кои региони се најпогодени?
Блискиот Исток и Северна Африка се најлошо погодени од овој проблем, според повеќето експерти. Во овој регион во светот има најмалку врнежи, а од друга страна бележи најбрзорастечки и густо населени урбани области за кои се потребни поголеми резерви на вода. Но многу држави од овој дел на светот, особено побогатите, сè уште можат соодветно да одговорат на нивните потреби за вода. ОАЕ и другите богати држави исто така силно се потпираат на отсолувањето на океанската вода, покрај тоа што овој процес е скап и троши многу енергија. Во меѓувреме, местата кои се соочуваат со силен недостиг од вода се централноафриканските земји како Демократска Република Конго во која има многу врнежи, но нема соодветна инфраструктура и се соочува со лошо управување. Дури и богатите земји може да се соочат со недостиг од вода, а факторите како застарена инфраструктура и брз пораст на населението може да стават огромен притисок врз американските водни системи и да предизвикаат проблеми во Флинт, Мичиген, Њуарк и Њу Џерси.
Дали климатските промени имаат своја улога?
Глобалното затоплување се очекува да го зголеми бројот на региони каде што има недостиг од вода или да нанесе дополнителни проблеми во веќе погодените региони. Во суптропските области како што се Австралија, јужниот дел на САД и северноафриканските земји, се очекува пораст на температурите и да се јават почести и подолги суши, а врнежите да бидат поинтензивни кога ќе се случат. Времето во тропските региони исто така ќе стане попроменливо, според експертите.
Земјоделството може да стане посебен предизвик, бидејќи врнежите стануваат непредвидливи, а зголемувањето на температурите го забрзува испарувањето на водата од почвата. Исто така, непостојаната клима се очекува да донесе повеќе поплави што може да ги уништат земјоделските култури, да ги преплават системите за складирање и да ја изместат седиментацијата. Сепак, повеќето експерти велат дека Парискиот климатски договор не е доволен за да се спречат најразорните ефекти од климатските промени.
Водата и меѓународните односи
Многу извори на слатка вода ги надминуваат меѓународните граници и во најголем дел од националните влади беа во можност заеднички да управуваат со овие ресурси. Околу триста меѓународни договори за вода се потпишани од 1948 година. Финска и Русија долго време соработуваа во предизвиците со управувањето со водите, вклучувајќи поплави, риболов и загадување. Сепак, има неколку жаришта каде што водите кои ги надминуваат границите се извор на тензии, или затоа што нема договор или постојниот режим на вода е спорен. Еден од нив е Нилскиот басен, каде што реките Бел и Син Нил течат од езерата во Источна Африка кон север кон Средоземно Море. Спорот се разгори во последниве години откако Етиопија започна со изградба на огромна хидроелектрична брана за која Египет вели дека драстично го намалува неговиот дел од водата. Прекуграничните спорови за вода, исто така, можат да поттикнат меѓудржавен конфликт. Некои набљудувачи забележуваат дека се зголемени во последниве години, особено во жариштата каде што се стравува конфликтот да ги надмине границите. Покрај тоа, недостигот од вода може да влијае на глобалниот проток на добра и луѓе. Климатските промени исто така се причина некои да ги напуштат своите татковини и да мигрираат во други држави. Обединетите Нации предвидуваат дека без интервенција во климатските промени, недостигот од вода во суви и полусуви региони ќе расели стотици милиони луѓе до 2030 година.
Како меѓународните организации и владите го решаваат проблемот?
Обезбедувањето достапност и одржливо управување со водата и санитарните услови за сите е една од целите на ООН за одржлив развој. Паметното управување со водата е исто така од клучно значење за многу други цели, како што е елиминирање на гладот и обезбедување добро здравје и благосостојба. Владите и партнерските организации постигнаа напредок во зголемувањето на пристапот до услуги за вода. Но темпото на климатските промени и пандемијата на ковид-19 претставија нови предизвици. Сега, многу земји велат дека мали се шансите да ги спроведат интегрираните системи за управување со водите до 2030 година. Сепак, некои влади преземаат амбициозни и креативни чекори за подобрување на нивната безбедност на вода, што може да послужи како модел за другите. Таква е зелената инфраструктура која вклучува употреба на растенија, почва и други природни системи за управување со атмосферските води. Канада и САД обезбедија десетици милиони долари во последниве години за поддршка на напорите на Перу, од каде што потекнува оваа идеја. Виетнам презеде слични чекори за интегрирање на природна и потрадиционална водна инфраструктура. Сè повеќе градови низ целиот свет ги филтрираат отпадните води, како што со години е практика во пустинскиот главен град на Намибија. Иновациите во области како што се вештачката интелигенција и биоинженерингот, исто така, придонесуваат за напредокот. Кина стана светски лидер во биоинженерските култури со тоа што ги направи попродуктивни и поотпорни на временските услови.