Македонските претприемачи бараат од властите што побрзо да дејствуваат за да ја претворат земјата во, како што велат самите, европска суперсила на медицинска марихуана
Во пуста индустриска зона на главниот град Скопје, во тек е изградба на фабрика за одгледување канабис, која, кога ќе заврши, ќе се протега на околу 16.500 квадратни метри. Со полн капацитет, во неа ќе се произведуваат по 17 тони марихуана годишно, во вредност од околу 50 милиони долари. Меѓу планираните понуди е и американски вид познат како херихуана (хероин и марихуана), кој доби неколку рапсодични критики на интернет.
„Фармакон“, компанијата што стои зад оваа операција, има сè што е потребно за просперитетен бизнис, вклучувајќи и договори со купувачи во Германија, Полска и во Британија. Изградбата во Скопје е забавена во изминатите денови, бидејќи новите мерки за коронавирус го ограничуваат бројот на луѓе кои можат да работат во групи. Но зградата наскоро ќе биде завршена и тогаш „Фармакон“ ќе се соочи со еден многу различен вид пречка, Владата.
– Тие им рекоа на сите дека ова е огромна можност за нова индустрија. Тие рекоа дека ќе имаат добар закон, што ќе биде изгласан за неколку месеци. Тоа беше пред речиси две години – вели Златко Кесковски, бивш карате-инструктор и актуелен претприемач со канабис, кој работи за „Фармакон“.
Извозот на медицинска марихуана е легален во земјата од 2016 година. Но до денес законот дозволува само масла, екстракти и тинктури, кои, според побарувачката, претставуваат само 30 отсто од пазарот. Другите 70 отсто се пупки на растението, кои можат да се пушат и кои се познати како цвет во индустријата, а чија продажба и извоз остануваат забранети. Тоа требаше да се промени во 2018 година, кога владините лидери најавија дека законот за извоз ќе биде изменет. Беа повикани странски инвеститори и беа издадени дополнителни лиценци. Во август имаше и едно живописно кокетирање, кога еден американски извршен директор за канабис по име Мајкл Струмицис или Биг Мајк, пристигна со својот приватен авион и се сретна со премиерот Зоран Заев, а за тоа напиша и на својот профил на Инстаграм со 2,6 милиони следбеници.
– Да ви кажам, оваа земја има огромен потенцијал. Возбуден сум што сум дел од претворањето на Македонија во една од првите суперсили на канабис во Европа – напиша тој.
Но ветената законска измена заглави парламентот, среде обвинувања за корупција. Опозициската партија обвини дека премиерот им дал лиценци за канабис на роднини и на сојузници и дека тоа бил дел од планот да се заработи од претстојниот зелен бран.
– Само во декември се издадени десет лиценци и има реална загриженост дека пет од нив им се доделени на луѓе блиски до Заев. Ако ова не е непотизам и корупција, тогаш можеби картелот од Меделин е добротворна организација – вели Орце Ѓорѓиевски, член на извршниот комитет на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ.
Владините претставници велат дека е издадена лиценца само на еден роднина на премиерот и дека се надеваат дека ќе се донесат законските измени кога Собранието повторно ќе се свика, што засега е нејасно кога тоа ќе се случи бидејќи Владата прогласи 30-дневна вонредна состојба поради пандемијата на коронавирус, а и ги одложи и изборите.
Но оваа битка фрла светлина врз една поголема мистерија. Зошто Европа, континент познат по прогресивни ставови за теми како здравствената заштита и даноците, нема просперитетна меѓународна трговија со канабис? Европејците, се чини, се конзервативни кога станува збор за канабис, особено во споредба со САД и Канада, каде што бројот на закони за рекреативна употреба на марихуана се зголеми изминатите години.
Дури и во Холандија со нејзините кафулиња за марихуана, канабисот никогаш не бил експлицитно легализиран (продажбата и потрошувачката се толерираат во скромни количества). Повеќето европски консументи денес купуваат марихуана на црно, при што најголем дел од канабисот доаѓа од Авганистан преку Албанија.
– Постои општ страв дека ако ја легализираме медицинската марихуана, тоа ќе го отвори патот кон рекреативна марихуана. Европејците сакаат регулиран, фармацевтски модел. Откако ќе видиме дека се нормализира, разговорите ќе напредуваат кон употребата кај возрасните – вели Аин Кин од консултантската куќа „Прохибишн партнерс“ во Лондон.
Побарувачката за медицинска марихуана е силна во земји како Германија и Чешка и расте во Британија и Ирска. Но до денес, само две земји, Португалија и Холандија, дозволуваат одгледување и извоз на медицинска марихуана. Неодамна, бавното темпо на легализација ги натера „Прохибишн партнерс“ да ја намалат својата прогноза за големината на европскиот пазар. Тој ќе генерира продажба од 2,5 милијарди долари до 2024 година, предвидува консултанската куќа во својот последен извештај, што е значително намалување од сумата од 39 милијарди долари што ја прогнозираше лани.
Зграпчување на дел од тој колач ќе значи многу за Македонија, земја со 2,1 милиони жители и со месечни просечни приходи од околу 500 долари.
Уште во 2016 година, бизнисот во подем го воодушеви Кесковски (50), бивш претседател на македонската Кендо-федерација и шеф на обезбедувањето на државниот врв во 2000-тите.
– Тоа навистина беше менаџерска работа, затоа што морав да преговарам и да координирам со 24 различни услуги во Владата, како полицијата, армијата. Влегувањето во бизнисот со канабис е исто така менаџмент, освен што во мојата друга работа, ако пропуштев нешто, некој можеше да биде убиен – вели Кесковски.
Тој нашол инвеститори во Њујорк и го создадел „НЈСК холдингс“ во 2016 година (компанијата лани се здружи со „Фармакон“, со седиште во Полска). „НЈСК холдингс“ прво изгради објект за одгледување и екстрахирање од околу 1.200 квадратни метри. За да се посети, потребни се заштитен костим, маска и ракавици за да се заштити канабисот од луѓето.
– Треба да се запомни дека ова е лек – вели Франц Сима (31), еден од главните холтикултуристи, покажувајќи просторија исполнета со вентилатори, јаки светла и редици идентични растенија.
Овој објект некогаш се фокусираше само на масла и тинктури. Во последно време таа произведува „матични растенија“, кои ќе бидат испратени во новиот, поголем објект. Таму гранките ќе бидат засадени, а подоцна ќе се продаваат во цветна форма на странски купувачи. Барем таков е планот. Гласањето за амандманот со кој ќе се легализира извозот на цветот беше одложено повторно во февруари. Проблемот стана политички во изминатите неколку месеци, кога бројот на лиценци издадени од Владата скокна за десетици. Тогаш опозициската партија почна да обвинува дека дел од тие лиценци ќе го збогатат премиерот.
Министерот за здравство, Венко Филипче, ги негира таквите тврдења. Тој вели дека само еден братучед на премиерот добил лиценца и ниту еден друг член на семејството. Тешко дека тоа е доволно за да се оправда обвинувањето за непотизам. Во однос на пријателите на премиерот? Тој вели дека не познава такви што добиле лиценца.
– Но добивањето лиценца е само почетна точка. Никој не се збогатува од лиценца. Потребни се огромна инвестиција и експертиза – нагласува министерот.
За локалните активисти за канабис, најголемиот проблем со сегашниот систем само делумно е поврзан со профитот. Засега, само една компанија создава производ за домашна употреба. Тоа е скапо, слабо и достапно само за половина од системот на здравствена заштита, имено за половината предводена од државата, според Јанаки Митровски од „Билка“, непрофитна организација што се залага за легализација.
– Кога мајка ми имаше рак на цревата, јас, адвокат, морав да купам килограм од наркодилер, мој клиент, и сам да го претворам во масло.
Ние како граѓани им дадовме на овие момци златна бизнис-можност и за возврат не добивме ништо – вели Митровски.
Претприемачите за канабис во земјата се еднакво вознемирени, но од многу различни причини. Некои од нив растат и складираат цветови во очекување на усвојувањето на амандманот. Ако не можат да го продадат наскоро, можеби ќе треба да го запалат, што е скап и строго регулиран процес со оглед дека ќе се третира како медицински отпад.
– Вложивме 15 милиони долари во новиот објект. Лут сум на двете страни. Тие меѓусебно се борат, а ние сме колатерална штета – вели Кесковски.
Тој зборува додека чекори околу огромниот објект за одгледување канабис, опколен со високи ѕидови, бодликава жица и безбедносни камери, кои се задолжителни според прописите.
– Неодамна им реков на моите партнери дека ако не успее бизнисот со канабисот, лесно можеме да го претвориме ова место во затвор – посочува тој.