Додека се зголемува бројот на лица заразени со коронавирус во светот, научниците се обидуваат да го идентификуваат т.н. нулти пациент или првото лице заразено со ова вирусно заболување. Но дали тоа ќе даде повеќе негативни отколку позитивни резултати?
Кинеските власти и експерти не се согласуваат околу потеклото на епидемијата на коронавирус или, поточно, тие не можат да се согласат кој е нултиот пациент на заболувањето. Нулти пациент е термин што се користи за да се опише првото лице што е заразено со вирусно или бактериско заболување при некоја епидемија.
Напредокот во генетската анализа денес овозможува да се открие потеклото на вирусот преку инфицираните лица. Заедно со епидемиолошки студии, научниците можат да ги посочат лицата кои можеби биле првите луѓе што почнале да ја шират болеста и така да предизвикаат епидемија. Идентификувањето на овие луѓе може да помогне во решавањето на клучните прашања за тоа како, кога и зошто почнала епидемијата. Потоа, тие можат да помогнат да се спречи уште повеќе луѓе да се заразат додека трае епидемијата или во иднина.
Дали се знае нултиот пациент на епидемијата на коронавирус што почна во Кина? Краткиот одговор е „не“. Кинеските власти првично објавија дека првиот случај на коронавирус бил регистриран на 31 декември и многу од првите случаи на инфекцијата слична на пневмонија беа поврзани со пазар на морска храна и животни во Вухан, во провинцијата Хубеи. Овој регион е епицентарот на епидемијата, при што над 80 отсто од вкупно повеќе од 80.000 случаи досега регистрирани во Кина и во светот потекнуваат од овој регион, според статистиката што ја води универзитетот „Џонс Хопкинс“.
Но во едно истражување спроведено од кинески научници и објавено во медицинското списание „Лансет“ се тврди дека првиот човек со дијагностициран коронавирус бил на 1 декември 2019 година, односно многу порано, и тој немал никаков контакт со споменатиот пазар во Вухан. Ву Венџуан, докторка во болница во Вухан и една од авторите на истражувањето, вели дека пациентот бил постар маж кој страдал од Алцхајмерова болест.
– Тој живеел на околу четири до пет автобуски станици од пазарот и бидејќи бил болен, практично не излегувал од дома – вели таа, додавајќи дека три други лица развиле симптоми во наредните денови, а две од нив немале никаков контакт со пазарот.
Сепак, истражувачите откриле дека 27 лица од примерок од 41 пациент, кои биле примени во болница во раните фази од епидемијата, имале контакт со пазарот.
За Светската здравствена организација (СЗО), сѐ уште е најверојатна хипотезата дека епидемијата почнала на пазарот и дека вирусот прво бил пренесен од животно на човек, по што почнал да се шири меѓу луѓе.
Но дали едно лице навистина може да предизвика огромна епидемија? Епидемијата на ебола од 2014 до 2016 година во Западна Африка беше најголема од откривањето на вирусот во 1976 година. Во неа настрадаа над 11.000 луѓе и беа заразени над 28.000 други, според СЗО. Епидемијата траеше над две години и беше регистрирана во десет земји, главно во Африка, но имаше случаи и во САД, Шпанија, Британија и во Италија. Научниците заклучија дека епидемијата со нов вид на вирусот ебола почнала со само едно лице, двегодишно момче од Гвинеја, кое најверојатно се заразило додека си играло во шупливо дрво во кое имало лилјаци. Тие ја направија врската за време на експедицијата во селото на детето, земајќи примероци и разговарајќи со локалното население за да дознаат повеќе за изворот на епидемијата на ебола пред да ги објават своите научни откритија.
Сепак, можеби најпознатата „нулта пациентка“ е Мери Малон, која го добила прекарот Тифусната Мери поради предизвикувањето на епидемија на тифусна треска во Њујорк во 1906 година. Малон од Ирска емигрирала во САД, каде што почнала да работи како готвачка за богати семејства. По низа случаи на тифусна треска меѓу богатите семејства во Њујорк, лекарите ја посочиле Мелон како нулта пациентка. Секаде каде што работела, членови на семејствата се разболувале од тифусна треска. Лекарите ја прогласиле за здрав носител, односно некој што ја пренесува заразната болест, но воопшто нема или има многу малку симптоми на болеста, што значи дека може да зарази многу други луѓе. Денес има сѐ повеќе докази дека некои луѓе едноставно „поефикасно“ шират вируси, а Малон е еден од најраните регистрирани случаи на лица со таква „способност“, кои се попознати и како „суперносители“. Во тоа време, годишно се заразувале по неколку илјади њујорчани, а болеста имала стапка на смртност од десет отсто.
Но терминот „нулти пациент“ со себе носи и одредена стигма. Многу здравствени експерти се против идентификување на првиот документиран случај при појава на некоја болест, од страв дека тоа може да доведе до дезинформации за болеста и до виктимизација на лицето. Еден таков познат пример е за човекот кој погрешно бил идентификуван како нултиот пациент на епидемијата на сида во САД. Гаетан Дуга, канадски стјуард и хомосексуалец, е еден од најпознатите демонизирани пациенти во историјата на човештвото, откако бил обвинет за ширење на ХИВ во САД во 1980-тите. Повеќе од три децении подоцна, поточно во 2016 година, научниците покажаа дека тој не можел да биде првиот пациент зашто вирусот се проширил од Карбите во Америка во почетокот на 1970-тите.
Инаку, токму за време на епидемијата на ХИВ случајно е создаден терминот „нулти пациент“. Додека го истражувале ширењето на болеста во Лос Анџелес и во Сан Франциско во раните 1980-ти, истражувачите од центрите за контрола и превенција на болести ја користеле буквата „О“ како ознака дека се случило „надвор (outside на англиски) од сојузната држава Калифорнија“. Други истражувачи погрешно ја протолкувале буквата „О“ како бројот „0“ и така се родил терминот „нулти пациент“.