Товарот од националните долгови значително се зголеми во изминатите децении и во развиените економии и во економиите во развој, а тоа може да се види од податоците на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Како што е претставено на графиконот, некои земји побрзо натрупаа долгови од другите, но заедничко за многу од нив е што порастот на долгот го надмина порастот на бруто-домашниот производ (БДП).
Со брзиот економски развој на државата, Кина се издвојува и со исклучително брз пораст на долгот во истиот временски период.
Општоприфатениот аргумент е дека долгот што расте побрзо од БДП-то е закана за иднината, особено кога сервисирањето долгови и каматата стануваат сè поголем товар, но отсуството на економски контракции кај повеќе земји меѓу 2009 и 2020 година поттикна многумина да веруваат дека порастот на долгот сепак и не е толку лош.
И покрај тоа, економистите веруваат дека преголемите долгови ја оптоваруваат и ја попречуваат продуктивноста на економиите и всушност го ослабуваат порастот што се случува за време на периоди на експанзија.
Со оглед на тоа што светската економија претрпи голем удар заради пандемијата на коронавирусот, должничкиот товар се очекува да му зададе нов удар на економскиот пораст. Во минатото, кризите ги поттикнуваа земјите побрзо да се задолжуваат, како што е илустрирано со примерите на Грција и Јапонија. Двете земји доживеаја дополнителни кризи, кои предизвикаа нивните национални долгови драматично да се зголемат во однос на други држави.