Политичката фрагментација се зголемува, па земјите често ги повторуваат изборите за да излезат од ќор-сокак или за да ги потврдат резултатите. Но дали постојаното излегување на избори дава резултати кога проблемите, партиите, ветувањата и програмите се непроменети?
Израел би можел повторно да оди на парламентарни избори, третпат за една година. По два неубедливи изборни циклуси, пратениците не успеаја да формираат владејачка коалиција, па израелските гласачи би можеле повторно да се вратат на гласачките места и да избираат меѓу речиси истите партии, кои водат исти кампањи со иста политичка програма.
Повторувањето на изборите не е толку невообичаено. Политичката неизвесност и фрагментација се сѐ почести, па повеќе земји се обидоа да ги повторуваат изборите за да излезат од политичкиот ќор-сокак или за да ги потврдат резултатите. Но дали одржувањето избори едно по друго има некаква вистинска цел, особено кога се непроменети прашањата околу кои би требало да одлучуваат гласачите? Со други зборови, колку избори се премногу?
За Израел можеби ќе важи правилото „трета среќа“, иако се чини малку веројатно. Изборната драма во земјата потекнува од парламентарните избори во април, по кои ниту партијата Ликуд на премиерот Бенјамин Нетанјаху ниту Сино-белиот сојуз на Бени Ганц не успеаја да обезбедат доволно гласови за формирање влада. Тоа предизвика нови избори само пет месеци подоцна, кои не дадоа јасен победник. Ако двете страни не успеат да формираат влада на единство (со најави за ротирање на премиерската функција) или ако не се појави трет кандидат што би можел да формира коалиција, земјата речиси сигурно ќе оди на нови избори наредната година. Првичните анкети сугерираат дека резултатите на тие избори нема многу да се разликуваат од исходот по првите две гласања. Не е тешко да се види зошто. Прашањата се непроменети, а истото важи и за кандидатите, програмите и за ветувањата.
Повторувањето на изборите се чини ретко сменило нешто. Општите избори во Шпанија во април резултираа со сличен политички ќор-сокак како во Израел. Владејачката Социјалистичка партија освои најмногу места, но немаше апсолутно мнозинство за самостојно да формира влада. Повторените избори во ноември, насочени кон излегување од ќор-сокакот, резултираа во нов политички ќор-сокак (социјалистите и Подемос постигнаа договор за коалициска влада, но сѐ уште не е јасно дали таа ќе добие поддршка во парламентот). Повторените гласања не се новина. Британија одржа две гласања во 1974 година. Првото гласање, во февруари, резултираше со поделен парламент. Политичката нестабилност предизвика втори избори осум месеци подоцна, на кои Лабуристичката партија освои мнозинство од само три места. Ако повторувањето на изборите често води до повторување на резултатите, зошто тогаш земјите се одлучуваат на нив? Во Израел, иако одѕивот на гласачите малку се зголеми, исходот помалку или повеќе остана ист.
– Апсолутно немаше никакви големи разлики – вели Далија Шиндлин, израелски анкетар и политички аналитичар, истакнувајќи дека во двата случаи резултатите од изборите беа усогласени со долгогодишните идеолошки разлики во израелското општество.
Иако овие поделби во израелското општество не се нови, политичките партии традиционално можеа да ги надминат со постигнување компромиси со идеолошките истомисленици. Овој пат, зголемената политичка фрагментација го направи сето тоа речиси невозможно.
– Се чини социјалните поделби толку многу се зголемиле што сега се манифестираат и на политичко ниво. Сето тоа предизвикува парализа – нагласува Шиндлин.
Сепак, повторените избори може да се сметаат и како најдобар начин за надминување на таквата парализа. Барем тоа е аргументот на Лабуристичката партија во однос на предизборното ветување дека ќе одржи втор референдум за тоа дали Британија треба да ја напушти Европската Унија, проблем што со години ја блокира британската политика. Лабуристите тврдат дека не би го поставиле истото прашање како на првиот референдум од 2016 година, но основното прашање – дали Британија да остане во ЕУ или да ја напушти – останува непроменето. Слично на тоа, лидерката на Шкотската националистичка партија, Никола Старџен, повика на одржување втор референдум за независност на Шкотска од Велика Британија. Првото изјаснување за независност во 2014 година беше неуспешно.
Во двата случаи изгледите за промена се далеку од сигурни. Иако поддршката за отцепување на Шкотска се зголеми уште од 2014 година, според неодамнешните анкети, прашањето допрва треба да добие поддршка од јасно мнозинство. Слично на тоа, иако поддршката за втор референдум за брегзит се зголеми, при што оние што сакаат да останат во ЕУ се малку помногубројни од оние што сакаат да ја напуштат, сепак гледиштата на повеќето Британци во однос на ова прашање останаа вкоренети.
Овој политички ќор-сокак не е единствен. Во цела Европа, традиционалните партии од умерената левица и десница доживеаја пад на популарноста и се појавија помали партии, а сето тоа резултираше со повеќе нестабилни коалиции. Таков беше случајот во Германија, каде што изборите во 2017 година резултираа со „пирова победа“ за германската канцеларка Ангела Меркел, чија владејачка партија освои најмногу места, но не успеа да обезбеди коалиција со која ќе раководи со помош од помалите истомисленици. Иако беа предвидени нови избори како можно решение за политичкиот ќор-сокак, тие беа избегнати откако умерено-левичарските социјалдемократи изненадувачки се согласија да влезат во „голема коалиција“ со Меркел и нејзината умерено-десничарска Демохристијанска унија (ЦДУ)
– Голем дел од пратениците што беа избрани едноставно не сакаа повторно да одат на избори – изјави тогаш германскиот политички аналитичар Марсел Дирсус.
Изборите се скапи и одземаат многу време, а многу често предизвикуваат гласачки замор.
– Се шегувате. Не уште едни избори – изјави за Би-би-си, Бренда од Бристол во 2017 година откако премиерката Тереза Меј повика на предвремени избори, што беше четврто национално изјаснување за исто толку години.
Но можеби најголемиот проблем со кој се соочуваат земјите што ги повторуваат изборите е што тие се сѐ помалку и помалку убедливи.
– Кампањите се засноваат на пораки. По две кампањи израелските партии веќе немаат нови идеи, бидејќи ништо во меѓувреме не се променило – нагласува Шиндлин.