Светот неделава, на 27 септември, го одбележи глобалниот ден на туризмот, а целта беше да се „поттикне свеста кај меѓународната заедница за важноста на туризмот и неговата социјална, културна, политичка и економска вредност“. Додека годинашното издание на Светскиот ден на туризмот требаше да ја прослави улогата што ја игра туризмот во руралниот развој и да се обезбедат можности надвор од големите градови, официјалната тема беше засенета од пандемијата на ковид-19, што имаше огромно влијание врз туризмот во целиот свет.
Претходно годинава, Светската туристичка организација на ООН објави процени за тоа колку големо може да биде влијанието на пандемијата на коронавирусот врз туристичките посети во светот. Најпозитивното од трите сценарија објавени во мај претпоставуваше дека ограничувањата за патување ќе бидат укинати до јули. Дури и според ова сценарио, кое веќе се покажа како премногу оптимистичко бидејќи меѓународните патувања сè уште се строго ограничени, агенцијата очекуваше туристичките патувања годинава во светот да се намалат за 58 отсто во споредба со 2019 година.
Гледајќи ги најновите податоци што ги покриваат првите шест месеци од 2020 година, процените на агенцијата се преоптимистички. Како што покажува графиконот, меѓународните туристички пристигнувања се намалени за 65 отсто на глобално ниво во првата половина од 2020 година во споредба со истиот период од 2019 година. Неодамнешното зголемување на новите инфекции во целиот свет дополнително ги ограничи напорите за заздравување на болниот туристички сектор, бидејќи милиони луѓе стравуваат за својата егзистенција, особено во регионите кои се многу зависни од приливот на меѓународни туристи.