Големи сомнежи поттикнаа извештаите кои покажуваат дека вакцината на „Астра зенека“ е помалку ефикасна од оние на „Бионтек“ и на „Модерна“ додека водечките здравствени експерти веруваат во производот и сметаат дека е клучна алатка во борбата со пандемијата, пишува германски „Шпигел“
На повидок глобална дебата за различната ефикасност на вакцините против коронавирусот
Во изминатиот период многу се бараше од целиот медицински персонал, а голем дел од нив се под силен притисок, па така се јави едно општо мислење дека политичарите и општеството не ги вреднуваат доволно. Тие постојано живеат со стравот дека ќе се заразат со вирусот на работното место, а секој пациент очекува да добие максимална лекарска грижа. Затоа на лекарите треба да им се обезбеди максимална заштита.
Вакцината на „Астра зенека“ која Европската Унија (ЕУ) ја одобри на крајот на јануари и се употребува веќе неколку недели, нема добра репутација меѓу медицинските лица. Не се сите скептични, но има такви во доволен број што веќе се јавува сериозен проблем во Германија. Во интервју за весникот „Рајнише пост“, дури и Франк Урлих Монтгомери, претседателот на Светската медицинска асоцијација, практично призна дека вакцината е втор избор. Тој додаде дека луѓето со повисок ризик од зараза, како медицинските лица, треба да добијат поефикасна вакцина.
Ваквите изјави, покрај извештаите за наводните силни несакани ефекти, масовно се шират на интернет. Затоа не е изненадување што граѓаните не се јавуваат на закажаните термини за вакцинација со вакцините на „Астра зенека“ во Германија. Во сојузната држава Хесе, властите тивко признаа дека нема доволно лица во старосната категорија под 65 години со висок ризик што би сакале да ја искористат шансата да се вакцинираат. Сојузната држава Саксонија пријави дека има слободни термини за вакцинација речиси во сите свои центри, а германскиот Црвен крст јави дека речиси во 50 случаи луѓето не се појавиле на закажаниот термин или сакале да добијат друга вакцина.
„Астра зенека“ досега испорача 736.800 дози на вакцината во Германија, но институтот „Роберт Кох“, државниот центар за контрола на болести, порача дека биле дадени само 106.586 дози. Некои од германските сојузни држави имаат големи резерви на вакцината, бидејќи многу малку луѓе сакаат да се вакцинираат со неа. Лошите вести за германското министерство за здравство не запираат тука. Вакцините беа доцна одобрени, резервите беа скромни, а медицинските лица сега се сомневаат во вакцината која беше нарачана и одобрена од највисоките власти. До крајот на март се очекува Германија да располага со 5,6 милиони дози на вакцината на „Астра зенека“.
Германските здравствени власти на сојузните држави размислуваат да ги променат приоритетните листи за вакцинација и да ги вклучат поскоро наставниците и другиот образовен кадар, како и вработените во јавното здравство. Поради негативните коментари од медицинската заедница, не е чудо што се јавија сомнежи и кај јавноста. Планот на германската канцеларка Ангела Меркел да ги вакцинира сите граѓани до септември би се загрозил ако доволен број лица не сакаат да ја примат вакцината на „Астра зенека“, која за разлика од оние на „Бионтек“ и „Модерна“ се чува на нормална температура и лесно може да се прима во ординациите на матичните лекари.
Резервите на вакцините на „Бионтек“ и на „Модерна“ може да не се доволни за да се вакцинираат над 50 милиони Германци до есен. Објективно гледано, вакцината на „Астра зенека“ има капацитет да ја забави пандемијата без разлика на кои групи се дава. Резултатите од испитувањата, како дел од процесот за одобрување, покажуваат 60 отсто ефикасност по давањето на двете дози, што е значително помалку од 95 отсто ефикасност на вакцините на „Бионтек“ и „Модерна“. Сепак ниската бројка не покажува кај колку луѓе била ефикасна или не, туку покажува за колку се намалил ризикот од зараза на вакцинираните наспроти невакцинираните. Во пандемијата на коронавирусот е важен ризикот од зараза, кој не е секогаш 100 отсто.
Несомнено „Бионтек“ и „Модерна“ имаат подобри резултати, но дефинитивно вакцината на „Астра зенека“ го намалува ризикот од зараза. Дури е поважна стапката на сериозна форма на болеста што се спречува со вакцинацијата. Станува очигледно дека сите вакцини што ги одобри ЕУ обезбедуваат речиси 100 отсто заштита од посериозните форми на болеста, што особено важи за „Астра зенека“. Според една скорашна анализа, по давањето на двете дози на оваа вакцина ниту еден пациент не развил тешки симптоми на ковид-19, ниту починал како последица на истите.
Тројца гласноговорници за здравствените политики во Германија, Кристијан Дростен, Карл Лаутербах, како и министерот за здравство Јенс Шпан, ја потврдија ефикасноста на вакцината од која германската влада набави милиони дози. Апелите за поддршка на производот изгледа дека итно беа потребни откако медицинските кадри во германските болници и итните служби почнаа да ја одбиваат вакцината на „Астра зенека“. Само за неколку дена низ државата почнаа да се јавуваат случаи на сериозни несакани ефекти кај оние што ја примиле вакцината. Медицинскиот кадар од болницата „Херцогин Елизабет“ во градот Брауншвајг беше особено погоден, така што по давањето на вакцината на 88 вработени, сериозни несакани ефекти се јавиле кај 37 лица. Откако се прошири оваа вест низ болницата, никој повеќе од вработените не сакаше да ја прими.
Но поточно кажано, ваквите реакции на вакцината што се јавиле кај медицинскиот кадар во болницата не се сметаат за несакани ефекти, туку се нормална реакција, што веќе било објавено во сите нејзини анализи и тестирања, која притоа се губела по неколку дена. Дури и минатата година, Флоријан Крамер, истражувач од Њујорк, истакна дека вакцините со информациона РНК (иРНК), како оние на „Бионтек“ и „Модерна“, заедно со векторските вакцини како таа на „Астра зенека“ предизвикуваат посилни реакции во организмот отколку класичните вакцини направени од ослабени вируси. Тој истакна дека ваквата информација мора јасно да се пренесе, за јавноста да не смета дека вакцината ги разболела.
За да се спречи намалувањето на кадарот по болниците поради силните несакани ефекти кои траат неколку дена, владините министри сега предлагаат вакцинацијата да се прошири во поголем степен. Микробиологот Кристијан Богдан, член на комитетот за вакцинација, кој е независно советодавно тело на институтот „Роберт Кох“, вели дека поради тоа што вакцината на „Астра зенека“ се дава на помладите старосни групи, се јавува почеста реакција затоа што „нивниот имунолошки систем е поактивен од оној на постарите“. Но дали ќе бидат доволни ваквите научни објаснувања кога на голем број лица веќе им е врежано во главата дека „Астра зенека“ е второкласна во споредба со „Бионтек“ и „Модерна“?
Во средината на февруари, синдикатот на полициски службеници во Баварија ја бараше најдобрата вакцина за вработените во полицијата, бидејќи „постојаната подготвеност на оваа служба не смее да биде загрозена во ниту една околност со можеби понедоверлива вакцина“. На форумот за лекари „Ерцтецајтунг“, еден доктор од Дортмунд се пожалил дека вакцината на „Астра зенека“ не требало да биде одобрена заради „екстремно лошиот квалитет на податоци“. Германскиот Црвен крст во Саксонија вели дека во некои центри за вакцинација, докторските консултации траат подолго во случајот со вакцината на „Астра зенека“, а според анкетата на „Сивеј“, само 2,8 отсто од Германците ја избрале оваа вакцина за себе. Во Берлин има толку мала побарувачка за оваа вакцина што локалната министерка за здравство Дилек Калајчи реши да го укине правото на избор на вакцина. Нејзината одлука веднаш стапи во сила, па така сега жителите на Берлин мора да ја прифатат секоја вакцина што ќе им се понуди. Вирусологот Кристијан Дростен смета дека Германија мора брзо и масовно да го вакцинира својот народ.
Експертите како Дростен веруваат дека вистинскиот ризик е во мутациите на вирусот, а веќе се познати јужноафриканската и британската мутација, но наскоро се очекуваат да се појават и нови. Сè уште е нејасно како досега одобрените вакцини ќе се борат против мутациите. Јужна Африка привремено ја запре вакцинацијата со „Астра зенека“ откако лабораториските тестови покажаа дека вакцината била само делумно ефикасна против тамошната мутација. „Бионтек“ и „Модерна“ сè уште покажуваат оптимизам по појавата на првите мутации, но сега веќе насекаде се шират сомнежите. Извршниот директор на „Бионтек“, Угур Шахин, увери дека вакцината на неговата фирма дополнително ќе биде развиена за да биде ефикасна и против мутациите, но за тоа ќе бидат потребни до шест недели.
Сепак, додавање на трета, модифицирана верзија покрај првите две дози нема лесно да го даде посакуваниот резултат. Во случајот на иРНК вакцините, реакциите може да не се толку сериозни, така што анализата на позитивните и негативните ефекти практично е негативна. Експертите како инфектологот Михаел Хелшер од Минхен, препорачуваат трет начин кој не е ниту векторска вакцина, ниту иРНК вакцина, туку вакцина базирана на протеини. Големата предност што ја нудат, како што вели Хелшер, кој е професор на универзитетската болница во градот, може да се адаптира на новите мутации и „ќе се докаже како важен елемент во справувањето со пандемијата“.
Две фармацевтски компании, „Новавакс“ и „Санофи“ во соработка со „Глаксосмитклајн“ со месеци ги развиваат овие протеински вакцини. Сè уште ниедна нема добиено дозвола за употреба во ЕУ, но тоа може наскоро да се случи кога ќе се промени рангирањето на вакцините со новите факти и митови за нив.