Дури 90 отсто од имамите во германските џамии доаѓаат од странство и често проповедаат на странски јазик. Германските политичари и муслимански групи сакаат верски водачи израснати и образовани во земјата, но не можат да се договорат како да ги најдат
Меѓу имамите во Германија, Абдулсамет Демир е своевиден пионер. Тој е еден од малкуте муслимански водачи во земјата кои целосно се израснати, образовани и обучени во Германија. Околу 90 отсто од имамите во германските џамии доаѓаат од странство, обично од Турција, и честопати проповедаат на странски јазик. Помала група од имамите се израснати во Германија, но се обучени или студираат во странство. Демир, 28-годишниот имам од џамија во вториот најголем германски град, Хамбург, верува дека тоа треба да се промени.
– Мислам дека на Германија ѝ се потребни германски имами. Германски имами значи имами универзитетски образовани во земјата и идеално родени или израснати во Германија, со познавање на обичаите и традициите на оваа земја – вели тој.
Главните политички партии и повеќето исламски здруженија се согласуваат со таквиот став. Тие се загрижени дека странските имами ја попречуваат интеграцијата и им овозможуваат на земјите како Турција да имаат преголемо влијание врз речиси петте милиони муслимани во Германија. Во самата заедница, многумина, вклучувајќи го и Демир, се загрижени и дека имамите кои не зборуваат германски не можат да се поврзат со помладите генерации.
– Ние се наоѓаме среде општествена промена. Тинејџерите денес подобро го зборуваат германскиот јазик од турскиот – вели имамот Ејуп Калјон.
Проблемот е што никој не може да се согласи како да се постигне промената. Тоа стана очигледно и кога еден универзитет објави дека ќе почне програма за обука на имами, најверојатно со финансиска поддршка од германското Министерство за внатрешни работи. Таканаречениот колеџ за имами ќе го води асоцијација независна од универзитетот, но надгледувана од нејзините претставници и ќе вклучува разни германски исламски организации. Сепак, двете најголеми муслимански германски групи, Турско-исламската унија за религиозни прашања (ДИТИБ) и исламската заедница „Национална визија“ (ИГМГ), кои заедно претставуваат речиси половина од околу 2.500 џамии во Германија, одбија да учествуваат, велејќи дека се загрижени од потенцијалното мешање на државата. Тие имаат своја обука за имами, при што ДИТИБ почнува своја програма во јануари 2020 година.
Во изминатата деценија, официјален Берлин почна да посветува поголемо внимание на тоа кој ги предводи германските џамии. Министерството за внатрешни работи формираше Исламска конференција во 2006 година, која се фокусира на обучување на претставниците на џамиите. Првите исламски студии со државна поддршка беа воведени во Германија во 2010 година. Германија не е единствената земја што се справува со овие прашања. Неколку други европски земји исто така се обидуваат да поттикнат локални програми за обука, со различен успех. Меѓу нив се и Холандија, Шведска и Франција.
Во Германија, прашањето за странските имами е предмет на јавна расправа во изминатите месеци и поради настаните во Турција. ДИТИБ, која е најголема исламска групација во Германија со 960 џамии, има блиски врски со турската држава и со претседателот Реџеп Таип Ердоган. Самата ДИТИБ, пак, тврди дека е политички неутрална.
Главните политички партии од власта и од опозицијата сакаат локални курсеви за обука на имами, а и канцеларката Ангела Меркел лани порача дека на Германија ѝ се потребни програми за обука на имами. Ултрадесничарската Алтернатива за Германија (АФД), пак, таквите курсеви ги смета за уште еден чекор кон „исламизација“ на Германија. Владата неодамна објави планови за воведување на германскиот јазик како услов за верските лица што доаѓаат од странство, кои беа критикувани како „популистичка мерка“, зашто најмногу ќе ја погодела муслиманската заедница. Абдулсамет Демир, пак, не смета дека барањето на владата за познавање на германскиот јазик е лоша идеја. Можеби звучи радикално, но течниот германски јазик е многу значаен за имамот, нагласува тој.
– Проблемот е со новата генерација. Додека многу имигранти од прва и од втора генерација често подобро се чувствуваат со турскиот јазик, помладите верници подобро зборуваат германски од турски јазик. Затоа, тие претпочитаат германски јазик и повеќе не одат во џамија бидејќи имамите не зборуваат германски јазик – вели тој.
Демир се обидува да одржи рамнотежа во неговата џамија, во која петочните молитви се одржуваат на германски јазик, а во другите денови се употребува турскиот јазик, бидејќи почесто доаѓаат постари верници.
Но условот за познавање на германскиот јазик и формата и содржината на програмите за обука на имами не се единствените работи што ги загрижуваат муслиманите. Тие се претпазливи да добијат средства од министерството за внатрешни работи на Германија поради стравот од државна интервенција во религиозните прашања. Од министерството велат дека иако сметаат оти развојот на „алтернативи на странското влијание“ врз обуката и работата на имамите е важна за интеграцијата на муслиманите во Германија, сепак, од уставни причини, нема да има обука на имами предводена од државата. Но не се сите уверени во тоа.
– Финансиската поддршка секогаш води кон зависност – вели Мехмет Караоглу од другата голема исламска групација во земјата, ИГМГ.
Тој, исто така, гледа потреба од повеќе локално обучени имами, но смета дека за тоа треба да бидат одговорни верските здруженија, а не државата. Според него, Германија страда од недостиг на имами.
– Можеме да доведеме имами од странство, ама тие не зборуваат германски – вели тој.
Друг проблем се и платите на имамите. Во Германија, католиците, протестантите и Евреите плаќаат посебен данок што ги финансира црквите и синагогите. За муслиманите не постои таков систем – иако и за тоа се расправа – па повеќето џамии зависат од донациите на членовите. Демир вели дека многу негови колеги и студенти се свртеле кон држење настава заради ниската плата на имамите, која се движи до 1.000-2.000 евра месечно. Згора на тоа, ретко можат да се најдат работни места зашто ретко се објавуваат огласи за имами. Сепак, тој смета дека Германија конечно е на вистинскиот пат. Демир вели дека транзицијата би требало да биде постепена и дека не би требало одеднаш да се запре со вработувањето имами обучени во странство или имами кои го зборуваат само турскиот јазик.
– Што ќе се случи ако повеќе нема постари имами, а сѐ уште нема доволно млади имами? Конечно, ние сме авангардата. Ние сме третата генерација имами – новата младост, која е родена, израсната и се обучува тука. Ние сме пионери – заклучува тој.