Британците одбиваат да му го вратат архипелагот Чагос на Маврициус, иако и ОН и Меѓународниот суд на правдата ги повикуваат што побрзо да го сторат тоа
Маврициус ја обвини Британија дека спроведува нелегална колонијална окупација откако Лондон реши да го игнорира рокот за враќање на контролата врз прекуокеанските територии на островската нација. ОН ѝ дадоа на Британија шест месеци да ја предаде контролата врз островите Чагос, но тој рок веќе измина. Маврициус тврди дека бил принуден да се откаже од малиот архипелаг во Индиски Океан во 1965 година за да стекне независност. Британија не го признава тврдењето на Маврициус дека има суверенитет над островите.
Британското министерство за надворешни работи инсистира дека Британија има право да ги задржи островите, од кои еден, Диего Гарсија, е домаќин на американска воздухопловна база.
– Велика Британија не се сомнева во однос на суверенитетот над Британската територија во Индиски Океан (БИОТ), која има континуиран британски суверенитет од 1814 година. Маврициус никогаш немаше суверенитет над БИОТ и Велика Британија не го признава неговото тврдење – се вели во соопштението на министерството.
Но лидерот на опозициската Лабуристичка партија, Џереми Корбин, смета дека е важно Британија да ги врати островите.
– Тоа би бил симбол на начинот на кој сакаме да се однесуваме во согласност со меѓународното право. Со нетрпение чекам да бидам во владата за да исправам една од историските грешки – нагласи тој.
Архипелагот Чагос беше одвоен од Маврициус во 1965 година, кога Маврициус сѐ уште беше британска колонија. Британија го откупи за три милиони фунти, создавајќи го БИОТ. Маврициус тврди дека бил принуден да се откаже од островите во замена за независност, што ја стекна во 1968 година.
Во мај, Генералното собрание на ОН со големо мнозинство гласаше за враќање на островите Чагос, при што 116 држави беа „за“, а само шест беа „против“ тој потег. ОН оценија дека деколонизацијата на Маврициус „не е спроведена на начин што е во согласност со правото на самоопределување“ и дека затоа „континуираната администрација е погрешен чин“. Резолуцијата на ОН е изгласана три месеци откако највисокиот суд на ОН, Меѓународниот суд на правдата, ја советува Британија да ги напушти островите „што е можно побрзо“. Како што се приближуваше шестмесечниот рок, премиерот на Маврициус, Правинд Џагнот, оцени дека Велика Британија спроведува нелегална колонијална окупација.
Маврициус со децении тврдеше дека Чагос е негова територија. Денес, особено по гласањето за брегзит, традиционалните сојузници на Британија во меѓународната заедница почнаа да ја напуштат, да апстинираат од гласање или да гласаат против неа во ОН. Светската организација сега презема значајни чекори за да каже дека Британија се однесува „како колонизатор“ и дека треба да ги врати островите. Велика Британија ги игнорира тие повици, но какви ќе бидат реперкусиите? Санкциите ќе бидат бавни, постепени и во голема мера институционални, односно Британија ќе се најде истисната во институциите што традиционално ги сметаше за многу важни. На пример, Британија веќе нема судија во 14-члениот Меѓународен суд на правдата во Хаг и сѐ почесто ќе се среќава со правниот факт дека ОН сметаат дека островите му припаѓаат на Маврициус.
Рокот не е обврзувачки, па нема да има итни санкции, но тоа би можело да се промени. При гласањето за резолуцијата на ОН, британското министерство соопшти дека Велика Британија не го признава тврдењето на Маврициус дека има суверенитет над островите, но дека останува на претходната заложба дека еден ден ќе ја врати контролата над островите на Маврициус, кога веќе нема да ѝ бидат потребни за одбранбени цели.
Меѓу 1968 и 1974 година, Велика Британија насилно исели илјадници жители на Чагос од нивните домови и ги испрати на Маврициус и на Сејшелите, каде што се соочија со екстремна сиромаштија и дискриминација. Многу од нив се преселија во Велика Британија со надеж за подобар живот.
Британија потоа ги покани САД да изградат воена база на островот Диего Гарсија. Американските авиони полетуваа од базата за да ги бомбардираат Авганистан и Ирак. Исто така, таа наводно била користена од ЦИА за да ги испрашува лицата осомничени за тероризам. Во 2016 година, закупот за базата е продолжен до 2036 година.
Велика Британија во неколку наврати се извини за присилните иселувања, кои премиерот на Маврициус ги оцени како злосторства против човештвото. Во 2002 година, со Законот за британските прекуморски територии им се доделени британски државјанства на принудно раселените жители на Чагос, кои се родени меѓу 1969 и 1982 година. Но истата временска рамка од 13 години остави поделени повеќе семејства.