Тоа што американскиот претседател ја избра Австралија пред Франција за продажба на нуклеарни подморници е резултат на напорите за „стратегиска автономија“ на САД, пишува Мајкл Шуман за „Политико“
Евроатлантските пречки во индустријата за производство на оружје
Вашингтон неодамна испука предупредувачки истрел за Европа. Таа ќе треба да ги поддржи новите глобални стратегиски приоритети на Америка или ќе биде препуштена сама на себе. Тоа е вистинската порака што треба да се извлече од спорниот одбранбен пакт АУКУС меѓу САД, Обединетото Кралство и Австралија, поточно ненадејниот договор за продажба на нуклеарни подморници на Канбера, кој направи голем пресврт и предизвика несогласувања со Париз. Француската влада има добра причина да се налути. Државата го загуби профитабилниот договор за подморници со Австралијците откако од зад грб ја изигра еден наводен сојузник. Но ако некои француски официјални претставници, но и други во Европа, го сфатат пактот главно како деловна измама или уште едно предавство под мотото „Америка на прво место“, во стилот на Трамп, тогаш тие не ја сфаќаат поентата. Вашингтон се наоѓа среде суштинско преиспитување на своите приоритети во националната безбедност, давајќи ѝ примат на конкуренцијата, ако не и директна конфронтација со Кина. Овој нов одбранбен договор се должи токму на таа промена во политиката. Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден веруваше дека зајакнувањето на воените капацитети на Австралија да се соочи со сè понепријателски настроената Кина беше поважно за интересите на САД отколку француските чувства, па дури и здравите односи со Париз.
Европската стратегиска автономија
Во Европа не е изненадувачки тоа што одлуките на Вашингтон се сметаат за навреда, особено од претседателот Бајден, кој постојано ветуваше дека ќе ја поправи штетата што им беше нанесена на традиционалните американски сојузи со повоинственото претседателство на Трамп. Но, во основа, одбранбениот пакт и неговите последици се резултат на европската политика на „стратегиска автономија“. Очигледно, Европската Унија (ЕУ) е значајна сила сама по себе, а Вашингтон не треба да очекува раководството на блокот едноставно да ги следи американските чекори во надворешната политика. Сепак, премногу е јасно дека стратегиската автономија стана модерен термин за заземање неутрален став.
Разбирливо е тоа што Европејците сакаат да го имаат најдоброто од двата света, односно да ги задржат своите безбедносни обврски со САД и субвенционираната одбрана што ја обезбедуваат, додека сè уште ги искористуваат богатствата од проширувањето на односите со Кина. Но она што Европа навистина го прави е поткопување на напорите на САД да го спречат ширењето на кинеската моќ и да влијаат врз нејзината политика. Тоа му дозволува на Пекинг да ги подели напредните демократии во светот и да го зајакне својот дипломатски и економски ефект. Стратегиската автономија ги оптоварува сите врски во Атлантската алијанса и колку повеќе САД се обврзуваат на цврст став кон Кина, толку повеќе ќе се создава притисок врз овие врски. Со тоа станува јасно дека единствениот што би имал придобивки од таквото несогласување е Пекинг.
Алтернативни сојузи
Заедно САД и ЕУ учествуваат со над 40 отсто од глобалното економско производство. Ако САД и Европа се здружат против Кина, притисокот може да стане неподнослив за Пекинг. Можеби изгледа сосема логично тоа што колумнистот Томас Фридман еднаш истакна дека „Студената војна со Советскиот Сојуз се водеше и заврши во Берлин. А, претстојната Студена војна со Кина ќе се води и ќе заврши во Берлин“. Иако не е целосно погрешно, ова е исто така застарено размислување. Но светот се смени по падот на Берлинскиот ѕид, а Европа повеќе не беше единствената без конкуренција. Потоа се појавија нови центри на богатство и моќ што можат да ги формираат темелите на алтернативните сојузи. Таков пример е „Квад“, односно партнерство што прераснува во антикинеска коалиција во азиско-пацифичкиот регион. Економското производство на нејзините четири членки, како што се САД, Јапонија, Индија и Австралија, сочинува значајни 35 отсто од вкупниот број во светот. Сите четири држави се исто така клучни трговски партнери за Кина, кои обезбедуваат сè, од микрочипови до железна руда, и затоа поседуваат значителна економска предност. Овој удел ќе стане поголем ако на него се додадат и земјите истомисленички што спаѓаат во групата за споделување разузнавачки информации „Пет очи“, како што се Обединетото Кралство и Канада, и токму тој удел ќе стане уште поголем.
На крајот на краиштата, метежот што настана со договорот за подморниците покажува дека европските лидери на крајот ќе имаат тежок избор пред себе: дали да се откажат од некои економски придобивки со Кина или да се гледаат себеси како стануваат втора виолина во американскиот сојузнички систем.