Летото, како и секое годишно време, со себе носи свои карактеристики, влијае на расположението и амбиентот во домот. Мали детали можат да внесат свежина во просторот. Во долгото лето високите температури ќе бидат поподносливи во свеж и прозрачен простор.

Хармонија на боите за опуштање
Освен неизбежните клима-уреди и вентилатори, постојат и разни визуелни доживувања што можат да го освежат домот. Важен е изборот на боите, па, така, хармоничната шема на бои е посоодветна од активно комплементарната, па затоа сините и зелените нијанси комбинирајте ги со виолетови, розови и зелени.
На пример, комбинацијата на морнарскосина, бела и тиркизна боја доловува летно уживање. Сино-белата комбинација, која најчесто се поврзува со медитеранскиот стил, ја рефлектира светлоста, а ова особено е изразено при употреба на сјајни материјали и површини.

Декоративни ткаенини
Ткаенините како што се свилата или органзата во сини нијанси исклучително се декоративни, како и предметите од стакло во кои се огледува романтичната светлост на свеќите. Овие студени бои силно асоцираат на природа, вода и свежина, па, така, бојадисувањето одредени ѕидови или вметнувањето детали со тие бои ефектно ќе се одразат на ентериерот.
Жолтата и портокаловата боја, пак, потсетуваат на залез на сонцето, како и на овошје што освежува, а иако спаѓаат во категоријата топли бои, во нежни нијанси претставуваат вистинско освежување на просторот, кое е потребно во летните месеци.

Материјали што создаваат чувство на луксуз
Освен боите, на доживувањето на просторот влијаат и материјалите. Стаклото како транспарентен и студен материјал е идеален за во лето, а деталите од стакло, камен или метал извонредно може да се комбинираат со веќе постојните, на пр. со дрвениот мебел. Камените облоги, мозаиците на ѕидовите, како и детали од ковано железо ќе го направат просторот поинтересен и посвеж, па така ќе се создаде амбиент како во луксузните вили од камен. Многу зеленило е еден од најважните елементи за создавање летен амбиент, бидејќи тоа го освежува, го облагородува и го украсува секој простор, а создава и пријатно, релаксирачко чувство.
Гарнитурите за седење и лежалките од бамбус или ратан претставуваат вистинска асоцијација за лето и уживање. Покрај ова, тие се атрактивни и удобни за седење и лежење, а перничињата со нежни и пријатни бои ќе го дополнат уживањето, заедно со пиењето освежителен пијалак.


Ведрина и егзотика на просторот

Во сопствениот дом може да создадете амбиент на далечни егзотични места за кои сонувате. Подните простирки, како што се теписите, може да ги тргнете до есен. Ако ви се потребни за затскривање на оштетувањата на паркетот, поставете черги во весели бои или простирки од бамбус. Со ова визуелно ќе го растоварите просторот, а и ќе го направите поведар.
Завесите во свежи бои и со пригодни мотиви, на пр. летни мотиви, мотиви на вода, шарените перничиња, украсни садови со овошје, шарен чадор за сонце на тераса и балкон, како и разни други детали, сигурно ќе ја внесат ведрината на летото во вашиот дом и ќе го направат вашиот дом идеално место за одмор!